Хорор жанрот, особено авантуристичките игри кои се потпираат на градење тензична атмосфера со испреплетени jump scare-ови и понатаму е резервирана за помала, специфична група од гејмери. И покрај тоа, не една туку две хорор игри излегоа во период од месец дена. За Amnesia: The Bunker, имавме доста пофални работи да кажеме во нашата рецензија, но дали публиката е спремна и ќе го прифати најновото остварување во Layers of Fear серијалот. Токму во оваа прилика се трудиме да одговориме на три исклучително важни работи: што е Layers of Fear, како се игра и колку се критичарите задоволни од неа.
Првата Layers of Fear играше инструментална улога во обликувањето на Bloober Team
Bloober Team е полско студио кое од 2008 година активно создава хорор игри, иако тоа не би можеле да го помислите од нивните почетоци. Имено, како први нивни игри во 2010 година се истакнуваат History Egypt Engineering an Empire, Hospital Havoc, Music Master: Chopin, Paper Wars: Cannon Fodder. Не би погрешиле доколку помислите дека има од се по нешто и студиото се бори за откривање на нивниот идентитет.
Таквото патување на надградба и откривање на нивниот стил трае се до 2016 година, односно до појавување на првата Layers of Fear. Критичката признаеност на L0F ги охрабри Bloober Team и им помогна целосно да се пронајдат и да се фокусираат на хорор жанрот. Годината по тоа, во 2017, излезе Observer – одличен психолошки хорор кој за брзо време собра култни следбеници.
Охрабрени од ефектот на нивните две игри, Bloober Team во 2019 година ќе објави две игри! Иако играше безбедно, Layers of Fear 2 сепак успеа да ги импресионира фановите на првата игра, a Blair Witch беше една од нашите омилени хорор игри, нешто што никако не го криевме нити во нашата рецензија, нити при тестирањето на VR верзијата на истоимената игра.
Со The Medium, Bloober Team пробаат значително да ја размрдаат формулата и да експериментираат со свежи и уникатни елементи. Како резултат, играта помина значително добро помеѓу одредени критичати, извлекувајќи 9 од гејмспот, а 92 поени од PC Gamer. Но, каква е ситуацијата со нивното најново чедо, Layers of Fear (2023).
Layers of Fear (2023) нити е продолжеток нити римејк на оригиналната игра
Користејќи ги потенцијалите на Unreal Engine 5, Layers of Fear (2023) e визиелно најдоброто остварување од сите три игри во овој серијал и влече длабока инспирација на P.T. чедото на Хидео Коџима. Во LoF ќе истражувате интимни приказни на ликови така што ќе слушате внатрешни дијалози, разговори и ќе откривате најразлични белешки, извадоци од весници и слични докази кои суптилно ви помагаат да ги откривате слоевите на приказната.
Градејќи на долго годишно искуство во хорор жанрот, Bloober Team создава тензична атмосфера така што ве опсипува со вознемирувачки звуци, графити и сенки, имплементирајќи притоа паметни трикови со перспективата околу вас, се со цел да се наметне впечатокот дека реалноста е исклучително ранливо животно со кое кокетираат димензии од пеколот.
Ваша задача била и останува да дишите длабоко и чекор-по-чекор да ги истражувате морничавите ходници и соби, трудејќи се притоа да го контролирате шокот кој може да произлезе од паметно осмислените jump-scare-ови.
Како игра која се стреми да ги прикаже приказните од првите две игри и нивните додатоци, Layers of Fear (2023) станува релативно долга игра и доколку сакате да поминете низ сите приказни, тогаш очекувајте временска инвестиција од 10 до 15 часа. Имајте во предвид дека приказните имаат различни краеви и доколку сакате да ги искусите сите 11 можни краеви, тогаш лесно би потрошиле од 30 до 40 часа.
Што мисли светот за Layers of Fear (2023)?
Мислењето помеѓу критичарите и гејмерите се чини дека е поделено, нешто што станува очигледно во самиот старт при посетување на Metacritic страницата на играта.
Од една страна, критичарите ја етикетираат Layers of Fear (2023) како релативно успешно остварување, давајќи и 71 поен. Најмногу поени (90) доаѓаат од Screen Rant кои ја прикажуваат играта како „силна основа над која се градат свежи и влијателни механики, со одлична грагика и нова приказна која се протега низ приказните на сите уметници“. Ни PC Gamer (90 поени) не штеди комплименти и имаше да каже за неа дека е „убава, страшна и импресивно надградена (игра) благодарение на моќта на Unreal Engine 5“. Тука некаде се надоврзува и Sector.sk кој дава 85 поени, а цели дека играта е „нешто што фановите на хорор игри треба да го проверат, дури и доколку ги имаат играно претходните игри од овој серијал“.
Од друга страна, не се сите критичари подеднакво импресионирани и IGN и фрла само 60 поени, обајснувајќи дека има „предвидливи шок тактики“ кои не успеваат вистински да го исплашат играчот и на крај работите се сведуваат на шака jump scare-ови, a никакви слоеви од страв. Game Rant и дава на играта само 50 поени и вели дека последната игра од овој серијал е надградба на игри кои никогаш не ни биле посебно добри и дека претходните игри на Bloober се значително подобри од нивната последна.
Ако критичарите и даваат на играта заедничка оценка од 71 поен, гејмерите не се ни приближно толку дарежливи. Нивната просечна оценка е 4.6 поени од десет, но со оглед на тоа дека оценката е извлечена од само 17 „рецензии“, никако не советуваме да дозволите оваа оценка да влијае на вашата одлука дали да и пружите шанса на Layers of Fear или не.
Се надеваме со ова што го напишавме барем малку ви помогнавме околу изборот на што да го посветите вашето слободно време. Ги имате ли играно претходните игри од овој серијал, кое е вашето мислење за сево ова? Кажете ни во коментарите или на социјалните мрежи!