Killer Frequency e интерактивна авантура со ексентрични ликови и предизвикувачки загатки

Killer Frequency создава интерактивна фикција преку која успешно жонглира комични елементи во хорор приказна. Финалниот производ е неколку часовно патување во осумдесетите години, носталгично впивање на времето кога плочите и касетите беа врв на музичкото достигнување, а радио станиците – спас од здодевноста…

Team 17 е британски девелопер и издавач кои брои 392 вработени

Гробарска смена

Во 1987 година Форест Неш е сенка од она што некогаш бил. Од непознати причини, Форест е принуден да се повлече во мало гратче и да работи како ди џеј за радио станица. За да работите станат дополнително демотивирачки, Форест е поставен да води ноќна програма која забавува шака од слушатели. Неговата соработничка – Пеги – од петни жили се труди да го расположи и да го насочи на позитивно размислување, но таквото нешто се чини невозможно.

Меѓутоа, она што се чини како здодевна ноќ набргу преминува во напната борба со времето и надмудрување со сериски убиец кој, по триесет години, повторно се појавува! Шерифот е убиен, а животите на преостанатите двајца полициски службеници се во ваши раце.

Јавувајќи се во вашата радио станица, во живо, едниот полициски службеник ја објаснува моментната ситуација и ве замолува да и помогнете така што ќе и кажете што да прави. Доколку слушате внимателно, можете да ја насочите како најдобро да се одбрани од убиецот.

Слободни за избор, но заробени од последиците на изборот

Она што ќе го кажете има последици и доколку не внимавате, луѓето кои ви се јавуваат нема да можат да се спасат. Чисто за пример, на почетокот на играта ќе бидете прашани дали да се земе палка, спреј или тејзер. Подоцна, ќе бидете замолени да водите потенцијална жртва низ мрачен лавиринт. Доколку не слушате внимателно и не ги користите помошните средства околу вас (како мапа од лавиринтот), она што ќе кажете може да има озбилни и лоши последици.

Killer Frequency е игра во која вашата задача е да ги советувате, односно вербално водите сите што ќе ви се јават и ќе побараат помош од вас. Вие не сте директно во опасност, не бегате од убиецот, не барате и не користите оружја. Но, тоа што тупкате во студиото не значи дека тензијата не може да се издигне до точка на експлодирање.

Актерите кои ги позајмуваат гласовите се навистина талентирани и знаат мајсторски да ве вовлечат во нивната дилема, да ве натераат навистина да се грижите за нив и да сакате да им помогнете да се спасат. Се работи за серија од ексентрични и симпатични ликови. Некои од нив се потенцијални жртви, а некои се јавуваат само за да ја дополнително нарушат вашата ионака ранливата психа.

Во одредени ситуации, времето ве притиска и морате брзо да дадете одговор; во спротивно, моментот ќе помине и шансата е неповратно изгубена. Следствено на ова, тоа што можете да кажете нешто во наредните пет секунди не значи и дека треба да го кажете.

Понекогаш, тишината вреди злато и попаметно е да премолчите. А и она што вам ви се чини како паметен совет знае да има непредвидливи последици и да излезе како катастрофално лош потег.

Сево ова ве става на работ на седиштето и никогаш не ви дозволува вистински да се опуштите.

Аудио книга вешто преточена во видео игра

Низ одредени моменти во играта ќе можете на кратко да го напуштите малото, удобно студио, да прошетате и да пробате да најдете нова плоча или нешто што ќе ви помогне полесно да се справите со загатките кои ќе следат, но, во суштина, ова е игра со многу дијалог, игра која бара внимателно слушање, следење мапи, прирачници и убаво размислување пред да се даде некој совет.

Она што ние можеме да ви ветиме е следново: колку и да сте внимателни и колку и да се трудите, порано или подоцна, ќе ја утнете работата. Нема да можете сите да ги спасите, барем не при првото играње.

Ваквата непредвидливост и потреба за преигрување ниту беше проблем за нас, ниту пак за поголемиот број гејмери кои се апсолутно одушевени од играта. На Steam, Killer Frequency собра 95% позитивни рецензии и се истакна како исклучително квалитетен јунски наслов.

Дури и да не уживате во вакви „пасивни“ игри, KF вреди да се провери поради деталниот приказ на времето од осумдесеттите, како и исклучително квалитетната глума која, на моменти, ја „носи“ целата игра и помага да ги затворите очите на одредени неправилности со сценариото.

Освежително е и тоа што хуморот кој се провлекува низ целата игра успешно создава релаксирачка и забавна атмосфера која, изненадувачки, не го гуши играчот како стандардните хорор игри.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Team17 Digital
  • Издава: Team17 Digital
  • Жанр: Авантура, хорор, интерактивна фикција
  • Платформа: PlayStation 5, Xbox Series X and Series S, Microsoft Windows, Switch, VR

Оценка

  • Вкупна оценка: 8.25
  • Приказна: 8
  • Гејмплеј: 8
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 9

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk