Бразил забрани користење на X (поранешен Twitter) за сите 200 милиони граѓани. Забранатa ја донесе Бразилскиот врховен суд. Елон Маск и властите во Бразил не може да се одлучат што може, а што не смее да се каже онлајн. Судирот помеѓу платформата и државата би можел да има и подалекусежни последици за онлајн слободата на говор.
Блокирањето на X започна откако Елон Маск одби да постави правен застапник за платформата во Бразил и истече крајниот рок за негово поставување. Поради ова, од 31 август 200 милиони Бразилци не може да пристапат на платформата. За да обезбеди дека одлуката ќе биде почитувана, судот одреди и екстремно високи казни за сите кои ќе пристапат до микро-блогот преку VPN во висина од 9000 долари дневно.
Како започнаа проблемите во Бразил
Проблемите започнаа откако бразилскиот Врховен суд му нареди на Х да блокира некои профили. Заклучокот на судот беше дека овие профили споделувале лажни податоци и говор на омраза. Според судот, содржината која ја споделувале била опасна и за демократскиот процес во Бразил. Одлуката ја донесе судијата Александре де Мораес, кој и пред оваа одлука беше контроверзна личност во Бразил. Поддржувачите на поранешниот претседател Болсонаро и крајната десница го обвинуваат за напад врз демократијата. На крај, сопственикот на X, Елон Маск одлучи дека X нема да ги спроведе барањата на судот, и дојдовме до оваа ситуација.
За да обезбеди соработка од Маск, судот ги замрзна и финансиите на Starlink во Бразил. Маск најави дека ќе ја обжалат оваа одлуката. Најави и дека ако мора, ќе го направи користењето на Starlink бесплатно за клиентите во Бразил. Компанијата има околу 250 000 активни корисници на сателитскиот интернет во оваа јужноамериканска држава.
Тест за X и Маск
Елон Маск за себе тврди дека е апсолутист за слободата на говор. Сепак, ова ќе биде прв посериозен тест за неговите принципи. „Борбата“ помеѓу Бразил и X стана и лична. Судијата го обвинува Маск дека го спречува чистењето на бразилскиот интернет, а Маск го обвинува судијата дека е авторитарна фигура и нелегално ги цензурира конзервативните гласови во Бразил.
„Луѓето во Бразил треба да направат избор-демократија или Александре де Мораес“, напиша Маск на X.
Двајцата продолжуваат со своите обвинувања и со фалењето за тоа кој ги спасува демократските процеси.
Последиците започнуваат да се чувствуваат
Од овој викенд последиците од затворањето на X започнаа да се чувствуваат насекаде во Бразил. Милиони Бразилци кои ја користат платформата за вести, забава, и како начин за социјално поврзување, се спречени. Многу од нив се префрлиле на конкурентите на X, како Bluesky и Threads. Двете платформи јавуваат за голем број нови корисници од Бразил. Само во петокот на 27 август, на Bluesky му се приклучиле 200 000 корисници од Бразил пренесе Associated Press. Секако засега овие платформи ниту имаат ист број на корисници, ниту исто влијание како X.
Влогот е голем за Маск. Бразил е еден од најголемите пазари на X, и платформата секојдневно ја користат десетици милиони корисници. Иако веројатно се стекнува со политички „поени“ помеѓу одредени групи со тоа што ќе се спротивстави на она што тој го опишува како пречекорување од страна на бразилското правосудство, влијанието врз неговите бизнис интереси и иднината на Х е големо. Колку подолго трае забраната, толку ќе биде поголем притисокот со кој ќе се соочи, или да се придржува на наредбите на судот, или да најде нов начин да ја потврди својата визија за платформата.
Пошироки глобални импликации
Проблемот освен локално влијание во Бразил има и поголеми глобални импликации. Последниве неколку години е нагласена борбата за влијание меѓу технолошките гиганти и владите околу контролата на онлајн просторот и содржината. Ситуацијата во Бразил може да постави преседан за тоа како другите земји пристапуваат кон слични конфликти, особено во нациите каде сè уште слободата на говорот не е цврсто воспоставена, а изразена е потребата за борба против дезинформациите.
Засега нема некое јасно решение за излез од спорот. Дел од експертите сметаат дека забраната ќе потрае неколку дена или недели, и потоа ќе биде тргната. Дали ова навистина и ќе се случи ќе дознаеме наскоро.
Ова не е прва блокада за X
Блокадата на X во Бразил не е прва за платформата. X не се користи ниту во Кина, Русија, Иран и Северна Кореја. Дополнително, некои држави привремено го блокирале пристапот до X.
Интересно ова не е прва блокада ниту за Бразил, а ниту за судијата Мораес. Пред неколку години во 2022 година на неколку дена го блокираше пристапот до Telegram.