Е-дневник: Колку лесно учениците може да добијат пристап и да си променат оценка

Темата за е-дневник во македонското образование е стара веќе 14 години, но истата и толку години е пропратена со скандали, претежно поради лошата интеграција од секој можен аспект на проектот – лош систем, лоша поддршка, несоодветна едукација на наставници и родители.

До ден денеска главниот сајт ednevnik.edu.mk содржи само форма за најава а истиот наликува како почетна веб апликација која некој почетник би ја искуцал во своите почетни програмерски денови.

Дури и линкот Пристап до е-дневник архива укажува дека миграцијата на податоците е благо кажано ужасна, бидејќи води само на друга инстанца наречена old.ednevnik.edu.mk која ги содржи податоците до учебната 2021. За линкот пак Врска до блогот на Е-дневник подобро и да не се дискутира – истиот нема никаква функција и линкува до… ednevnik.edu.mk.

На сајтот на ednevnik.edu.mk нема да пронајдете линк за пријава на баг, информации за како да се најавите или пак да контактирате со поддршка за погрешни податоци или пак ако не можете да се најавите во системот, како што им се случи и на професорите пред некој ден.

Генерално, истиве фрустрации си тераат од година на година. На овој проект фрливме реален поглед во 2021-ва година, тогаш сајтот и беше хакиран со некој кинески malware. Во 2022-ра пак зборувавме за тоа како Е-дневникот ја отежна учебната година и им направи проблем на наставниците, учениците и родителите. На барање на родителите кои немаат каде да прашаат, напишавме и упатства за родителите (едно генерално и за потпишување на евидентен лист), а во 2023-та одбележавме јубилеј од проектот со текст насловен 10 години по ред како наставниците и родителите мака мачат со е-дневникот. Во 2024-та во мај пишувавме како воопшто не работеше е-дневникот по пролетниот распуст… И… никому ништо. Нити сајтот е сменет, нити системот и неговата стабилност подобрена. Гарант во МОН се тера стандардната македонска политика во која сме олимписки шампиoни – политичко префрлање на топка и не презимање на одговорност.

Ќе се смени ли нешто?

Прeтпоставуваме дека до сега имате слушнато за инцидентот поврзан со ученици кои успеале да влезат во електронски дневник на еден наставник и да избришат часови, да сменат оцени и да внесат недолични коментари. Среќа учениците имале усул… во случај кога ќе се пробие лозинката на класен раководител, штетата можела да биде многу поголема. Имено, класниот раководител има можност да испраќа и официјални мејлови до сите родители, како и да менува податоци поврзани со родителите.

Преку навлегување во електронски дневник со пермисии на класен раководител, може да се испратат серија од групни пораки со најразлични содржини до сите родители. Во зависност од креативноста на сторителите, може да се крене значително поголема прашина, особено кога во игра ќе влезат и одредени линкови. Паметно составена порака, која доаѓа од официјален мејл не остава простор за сомневање кај родителите. Дополнително, преку одредена категорија може и да се сменат телефонските броеви и и-мејл адреси на родители. На овој начин, родителите никогаш нема да добијат пораки за неоправдани или лоши оценки кои наставниците ќе ги внесуваат низ годината. Тука вреди да се спомне и дека IT.mk често добива барања од луѓе кои добиваат СМС пораки за туѓи деца, истите ги препраќаме до МОН, меѓутоа се враќаат кај нас со жалба дека од МОН никој не се замара.

Никако не го оправдуваме она што се случило минатиот викенд. Но, како се случило? Преку разговарање со неколку наставници, би можеле да бидете изненадени од одговорот.

Она што е лесно за еден е тешко за друг

Скандалот се случил за време на викендот, некаде помеѓу 30-ти ноември и 1-ви декември. Неделата пред тоа, после 25 ноември, пристапот до електронскиот дневник на сите наставници беше заклучен. Никој не можеше да влезе во дневникот се додека не смени лозинка според серија од прецизни напатсвија. Министерството за образование побара од сите наставници да стават нова лозинка со тоа што ќе внимаваат лозинката да е со должина од 12 до 16 знаци, да содржи комбинација и од букви и од броеви. Покрај ова, во лозинката мора да има и најмалку два специјални знака. Ако звучи ригорозно тоа е затоа што навистина е. Претходно, поминуваа без проблем наједноставни лозинки…

Од 25 ноември – таа недела – еден куп наставници не успеваа да осмислат идеална лозинка. Добивме информација дека многу од нив, дали во канцеларија, дали во ходник, дали во училница, пишувале лозинки на ливче, па пробувале да видат дали системот ќе ги прифати. Кога првата лозинка не била прифатена, пишувале друга, па трета.

На секојдневно ниво, наставниците се пренатрупани со папирологија. Замислуваме како таквата расеаност придонесува ливчето со неприфатени лозинки да се фрли во корпата за отпадоци или пак да се заборави во училницата. Кога сме кај училниците, многу од нив имаат компјутери. Овие компјутери или се поврзани со паметна-табла, или се користат за административни потреби од наставниците или пак се користат од самите ученици за време на ИКТ делот од наставата. Добивме информација дека отворено се дискутирало пред ученици за тоа кој каква лозинка внесол, за да се даде подобра „идеја“ што треба колегите нивни да внесат. Некои од наставниците внесувале лозинки за време на самите часови додека учениците работеле нешто друго. Во една ситуациија, наставникот пришол на ученик и го замолил ученикот да му ја смени лозинката затоа што наставникот не знаел како.

Во моментот кога ќе се влезе во системот на електронскиот дневник, помалку искусните наставници местат автоматски да се внесува лозинката при секое отворање на сајтот. Ќе се изненадите колку „јавни“ компјутери автоматски се наместени така за да наставникот не се мачи секојдневно да внесува долга серија од неповрзани симболи.

Земајќи ги сите овие работи во предвид, многу ни е лесно да претпоставиме како се случил скандалот. Она што ни е многу тешко да поверуваме како е само еден скандал. Да, децата се криви, не требале тоа да го направат, но алатката и мотивацијата им е најверојатно пружена од самите наставници. За да се избегнат овие ситуации во иднина потребно е:

  • Сите наставници да размислат за нивните чекори од 25 ноември наваму и, по потреба, одново да ја сменат лозинката во приватни услови и на приватен компјутер
  • Да се провери легитимноста на внесените часови, оценки и лични податоци и, по потреба, да се направат соодветни измени
  • Никако да не се дискутираат работи од чувствителна природа пред децата
  • Да не се користат компјутери кои се лесно достапни до децатата пред, помеѓу и после часовите

И најважно од сѐ:
Да се направи конечно еден асален дигитален проект по сите стандарди во државава и истиот да функционира како што треба. Зарем како Земја на информатичари не се посрамивме доволно од вакви половични проекти и рекламирање 10 години на Invest.com?

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
1 Коментар
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
HoLfElDeR
HoLfElDeR
28 days ago

Предвидено е да има нов Едневник, неколку години наназад се работи на него и е предвидено да почне со работа наскоро. Најголемиот проблем е техничката подршка од МОН, премалку луѓе, многу барања.

види ги сите огласи на kariera.it.mk