Antonblast e супер брз платформер полн со откачени и експлозивни ситуации. Преку уникатен ретро-инспириран дизајн, ќе навлезете во разнолики мапи и ќе се соочите со најразлични непријатели. Покрај впечатлива акција, Antonblast се одликува со несекојдневен хумор и добра доза предизвик.
Чеканот на Антон
Во Antonblast играте со динамитното дуо – Антон или Ани. Од необјаснива причина, Сатаната решава да ви ја собере сета драгоцена колекција од алкохолни пијалаци. Не сакајќи да се помирите со судбината, ќе го зграпчите семоќниот чекан и ќе поминете низ бројни бизарни светови, соочувајќи се со легија од непријатели. Колекцијата од алкохолни пијалаци мора да биде вратена. А, вие сте многу жедни.
Нема никаква комплексна филозофија во поглед на главната мисија во Antonblast. Имено, она што треба да направите е да навлезете во мапата, да поставите детонатори, да најдете нешто што ќе ја згасне вашата пеколна жед и да побегнете што е можно побрзо.
Трите клучни механики се поврзани со трчање, скокање и удирање со чекан. Како Sonic the Hedgehog, во моментот кога ќе развиете солидна брзина – сила не ве сопира и играта ви дозволува да се движите како несопирлива и хаотична сила. Ќе трчате, скокате и удирате најразлични непријатели, собирајќи, притоа, бројни жетони со кои купувате корисни работи.
Покрај удирање, чеканот ви помага и да скокате повисоко. Дополнително, во долниот агол имате и скала за бес. Секој пат кога ќе удрите со чекан скалата за бес автоматски се искачува. Доколку удрите кога скалата е при крајот ќе активирате уште помоќно комбо. Во одредени ситуации, не мора ни да зависите од чеканот. Имено, секојпат кога сте во воздух, одредена комбинација од копчиња ќе ви дозволи да удрите во непријателите под вас со глава, кршејќи неколку заби во процесот.
Ова не значи дека ќе можете да уништувате баш се. Некои кутии кријат токсични супстанци. Доколку ги допрете, кутиите ќе ви го исцедат здравјето. Поради овие ситуации потребно ем да темпирате удари ем да имате брзи рефлекси за избегнување одредени пречки.
Иако дводимензионални, мапите се одлично дизајнирани, со светли бои и со паметни ситуации каде се бара од вас брзо размислување. Особено сме фанови на механикат со федери. Имено, во одредена мапа, ќе може да скокнете на федер и да се префрлите во мапата која ја гледате во позадина. Таму продолжувате со напредување се додека не се создадат услови да се вратите на предната страна. Втората работа која ни се допадна е поврзана со бројните кршливи тајни кои се кријат. Доколку не внимавате или нема да го откриете патот кој ве води до тајното место или пак, повлечени од желбата за хаотично уништување, несакајќи ќе го уништите патот кој води до таму, оставајќи ве да пукате од мака и да посакувате
Во случај да сакате брзи и експлозивни платформери со откачено дизајнирани мапи, тогаш Antonblast е игра која би требало да ја проверите. Топла препорака!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Summitsphere
- Издава: Summitsphere
- Жанр: акција
- Платформа: PC
- Излезе на: 3 декември 2024