Десет години како функционира е-дневникот на Министерство за образование низ сите училишта во Македонија. Оние кои се наставници во последнава деценија имаат измешани емоции поврзани со проектот… Добри девет години, наставниците се приморани да водат два дневници; стандардниот дневник во книжна форма и електронскиот. За да физичката форма на дневникот биде идентична со дигиталната, една иста работа мораше да се работи на две места. Па така, евиденција на изостаноци и оценки, одржани часови, родителски состаноци и тековни случувања првин се пишуваат во книжниот, па потоа се префрлуваа во електронскиот.
Покрај немање доволно време за паралелно евидентирање, како најголеми проблеми кои се провлекуваа меѓу наставниците беа недоволни познавања, немање соодветна опрема и слаба или никаква покриеност со интернет. Постојано се наоѓаа дупки во ваквиот триаголник. Од друга страна, поради слабиот капацитет на сервери, секој пат кога ќе наиде тримесечје, полугодие, или крај на годината, бројни наставници навиваа аларми во 3 или 5 часот наутро и тогаш ги внесуваа (описните) оценки. Често, сајтот знаеше да биде недостапен и во нормални работни часови.
Во случај да сте родител и сакате да дознаете како да имате целосен увид во поведението и оценките на вашето дете преку Е-дневникот, кликнете тука!

Голема одлука во 2021
Оваа година, физичкиот дневник е укинат и сета евиденција се остварува само преку електронскиот дневник.
На крај од секој месец, класните раководители се обврзани да го печатат електронскиот дневник, па да го носат кај директорот на преглед и потпишување. Доколку сте ги отпечатиле содржините од почетокот на електронскиот дневник и месецот септември, но директорот пронајде некој пропуст или грешка, потребно е одново печатење. За оваа цел, училиштата (треба да) имаат обезбедено компјутер и печатач каде наставниците можат, на трошок на училиштето, да ја извршат оваа обврска – во поголемо училиште со сто вработени, ова знае да биде предизвик. Да го оставиме на страна фактот дека често нема хартија во печатачот или дека тонерот е при крај… и да го занемариме и тоа дека интернет врската е или слаба или деактивирана, а веќе има редица од наставници кои чекаат да ја завршат својата задача. Да прогледаме преку прсти и тоа дека одредени наставници мора да го испечатат дневникот, но апсолутно не знаат како, па или прашуваат поискусни наставници или, на сметка на нивното его, ја прават редицата уште подолга. Кога би тргнале сè тоа на страна, она што останува пак знае да биде загрижувачко.
Имено, на еден компјутер и преку еден прелистувач, се пријавуваат и, понекогаш, одјавуваат, стотици наставници. Велиме понекогаш затоа што често се случува колегата да го испечати бараното, да си замине, а да не се одјави. Многумина ја одбираат и услугата автоматски да им се памети лозинката преку прелистувачот. Обично, на истиот тој компјутер, други наставници вметнуваат бројни USB стикови за отворање и печатење евидентни листови, тестови или други документи. Од безбедносна гледна точка, особено кога и вируси ќе влезат во игра, ова е пандорина кутија која никако не смее да биде отворена. Е-дневникот е запрепастувачки огромна база од податоци каде има лични податоци за илјадници ученици, нивни родители и бројни извештаи кои обработуваат чувствителни теми.

Асинхроно работење (проблематичниот тип)
Има огромен број наставници кои не сакаат наставата да трпи и учениците да чекаат десет минути додека се внесуваат во електронскиот дневник отсутни ученици, па се запишуваат наставните содржини. Многу наставници не знаат како ова да го прават од телефон. Многу наставници и немаат нивен личен интернет, а училиштето не е целосно покриено со стабилна врска. Поради тоа, таквите наставници запишуваат отсутни и наставни содржини во тетратка, па кога ќе отидат дома, влегуваат во е-дневникот и тогаш го внесуваат тоа што не можеле или не сакале да го направат на часот.
Со укинување на електронскиот дневник, беше ветено дека една работа нема да се прави два пати. Но, една работа пак се прави два пати, само на поразличен начини и со нови ризици на хоризонтот.
Но, не е сѐ така црно
Електронскиот дневник знае да има и многу предности. Во кој било момент, директорот и службата ги имаат сите дневници инстантно достапни и полесно можат да дојдат до саканите податоци, како и да добијат корисни повратни информации за работењето на наставниците. Од друга страна, родителите можат да бидат известени и преку и-мејл порака и преку смс порака секојпат кога нивниот син, односно ќерка ќе добие изостанок или оценка по некој предмет. Класните раководители, пак, лесно можат да испратат порака до некој, или до сите, родители кои се внесени во дата базата.
Она што моментно се зборува е дека евидентните листови со успех и поведение по прв пат ќе одат директно преку е-дневникот и нема да се печатат и даваат за потпис кај родителите. Она што ние знаеме од неколку училишта, меѓутоа, е дека голем број од наставниците апсолутно не знаат за оваа можност, а уште поголем број од родителите не знаат како да дојдат до дигиталните евидентни листови. Згора на тоа, службата во училиштата го смета евидентниот лист како дел од личното портфолио за секој ученик и знаеме за неколку ситуации каде се наложува да се испечати евидентниот лист и истиот да биде потпишан од родителот и вратен во службата.

Што може треба да се подобри?
Десет години поминаа. Она што требаше да биде модерно и техничко достигнување за подобра организација и за службата и за наставниците и за родителите и за учениците и понатаму пушта средновековни корени и ги гуши сите засегнати во магла од само-наметнати, непотребни административни сопки, особено оние кои имаат ентузијазам навистина да подобрат и променат некои стари и лоши навики во образованието.
За намалување на напорот на наставниците, потребна е дополнителна и сериозна револуција во целиот систем, особено во следниве три точки:
- Водење само електронски дневник, и дигитално прегледување и потпишување од директорот
- Дигитално испраќање и потпишување евидентни листови со (описни) оценки преку уникатен акаунт за родители
- Соодветна апликација која правилно ќе ги прикажува елементите од електронскиот дневник на помалите екрани и, со тоа, значително ќе ја олесни и забрза работата на е-дневникот
Бонус проблем: дигиталната нехигиена
Веќе напоменавме дека е-дневникот е запрепастувачки огромна база од податоци каде има лични податоци за илјадници ученици, нивни родители и бројни извештаи кои обработуваат чувствителни теми (да, добро читате, два пати ја напишавме истата реченица бидејќи има преголемо значење), па земајќи го тоа во предвид, не е во ред да се добие ваква слика при првото пребарување на терминот “е-дневник” на Google.com.

Да појасниме…
Во подлинковите на индексираниот сајт ednevnik.edu.mk се наоѓаат споредни линкови – кои како што забележите прикажуваат СПАМ од кинески сајт. Иако ова не значи дека сајтот е хакиран и дека податоците се злоупотребени, бидејќи најверојатно се работи за т.н. СПАМ со линкови, повеќе може да прочитате на следниов линк “Soft 404 Crawl Error“, сепак е загрижувачки дека никој не води евиденција ова да не се случи и веднаш да го отстрани (а да не заборавиме на фактот дека беше потребно повеќе од месец дена да се тргне линк до хакиран сајт – тајландска е-продавница – на Uslugi.gov.mk), и веќе збунетите наставници и родители да немаат дополнителна тежина при пребарување и пристапување до е-дневникот (не заборавајте дека многу луѓе се уште првин внесуваат URL во Google.com наместо во прелистувачот па кликаат на резулатот).
Во случај да сте просветен работник и вашето искуство да е значително поразлично од она што беше опишано погоре, би сакале да ве охрабриме да ги споделите вашите импресии во коментарите.
[…] си тераат од година на година. На овој проект фрливме реален поглед во 2021-ва година, тогаш сајтот и беше хакиран со некој […]
[…] кога линкуваше до тајландски сајт за е-трговија, имаше и ednevnik.edu.mk кој сега е задолжителен во секое училиште. […]
[…] Реален поглед на проектот Е-дневник во секое училиште, … […]
Почитувани,лозинката ја менував неколку пати,но да се најавам неможам,пишува заклучен корисник.
Што понатака како да се најавам
[…] Реален поглед на проектот Е-дневник во секое училиште, … […]
[…] е-Дневник. Во текстовите може да прочитате како го користат наставниците и како го користат […]
Kога пробувам да се најавам на Е-дневник, ми пишува “Овој корисник е заклучен и не може да се најави”.Дали знаете каде е проблемот?
Здраво Розе. За жал, потребно е да го контактирате класниот и да го замолите да направи ново ажурирање на податоците, како и нов ресет на лозинка. Дефинитивно може да помогне и доколку класниот внесе и втор родител, со имејл поразличен од првиот, чисто за да имате уште една опција за да кога првата ќе потфрли поради овој или сличен технички проблем. Со почит,
[…] Ако нешто сакаме тоа е да одговориме на сите ваши прашања кои би можеле да ги имате! Слободно пишете нѝ во коментарите и очекувајте го нашиот одговор набргу… Во меѓувреме, би можеле да прочитате за нашиот реален поглед на проектот Е-дневник во секое училиште, …. […]
[…] Со највеќе гласови Inline Feedbacks View all comments Реален поглед на проектот Е-дневник во секое училиште, … 12 minutes […]