е-Дневникот ја отежна учебната година: направи огромен проблем за наставниците, учениците и родителите

Училишната година која сама по себе беше полна со предизвици (штрајкови, неодработени денови…) некако заврши, но на исклучително тежок и проблематичен начин, особено кога ќе се земат во предвид огромните главоболки кои произлегоа од релативно нефункционалниот Е-Дневник – алатката која беше најавена уште пред 10-тина години и која што требаше да ги дигитализира процесите во образованието. Како што најверојатно знаете, особено ако сте родител или старател, изминатата 2021/2022 учебна година беше воедно и прва година каде не се користеше воопшто хартиениот дневник, туку стапи на сила употребата само на електронскиот едневник, до кој се пристапува преку линкот https://ednevnik.edu.mk.

За време на целата година, наставниците и родителите имаа одредени проблеми со е-Дневникот, но ништо не може ни приближно да се спореди со проблемите и компликациите кои настанаа при крајот на годината.

Текстов е дел од серијалот на IT.mk „е-Дневник“ во кој откако увидовме огромен интерес од страна на родителите на оваа тема (преку голем број посети од Google на текст постар од 10 години за е-Дневник, голем број контакти и коментари од родителите дека имаат проблеми), одлучивме да објавиме упатства како и мислења за овој проект. Целиот серијал може да го најдете тука.

Текот на годината

Во текот на годината иако беше укинат хартиениот дневник, според информациите добиени во редакцијата на IT.mk, службата на поголем број училишта барала самите наставници целосно да го печатат електронскиот дневник и да го носат на преглед и потпис кај директорот. Ова, очекувано, изреволтирало многу наставници на кои им беше ветено дека нема да имаат книжен дневник, но сега мораше и сами да го прават книжниот дневник.

Во некои училишта беше оспособен јавен компјутер и печатач за печатење на едневникот, што, од безбедносна гледна точка, е крајно незамисливо, особено кога ќе се земе во предвид чуствителната природа на податоците кои се обработуваат за учениците.

Од друга страна, бројни родители не можеа ефикасно да се најавуваат во електронскиот дневник за да имаат увид во поведението и оценките на нивните деца. Како најголем проблем беше тоа што ако некој родител има две или повеќе деца, кога ќе се логираше на едневникот со оставената имејл адреса, можеше само да има увид за едното дете, а не за останатите.

Некои родители се помирија со ова, па се информираа директно кај класниот раководител, но некои родители создаваат различни имејл сметки, па бараа од класните за секое дете да биде регистрирана различна имејл адреса за да пробаат на тој начин да имаат електронски увид – нешто што мораше да се среди кога се бараше електронско потпишување на евидентните листови.

Не ретки се и случаите во кои има згрешено телефонски броеви, па така, некои луѓе добиваат и СМС известувања за трудот на туѓи деца – а притоа се немоќни да го променат бројот бидејќи не знаат каде да реагираат, на “голиот” сајт на e-dnevnik.edu.mk има само форма за логирање (повеќе информации се достапни по логирање), но на прва нема никакво дополнително инфо, па дури ниту контакт информации.

<sarcasm>Замислете само кога би имале закони за заштита на лични податоци кои би барале секој сајт, особено оној кој има податоци за децата, да има известување и политики за како се користат колачињата и личните податоци…</sarcasm>

Сајтот на ednevnik.edu.mk – print screen од 21-јуни, 2022
Изгледот на е-Дневник по логирањето во улога на родител

Крајот на годината

Кога ќе се иземат горе-споменатите проблеми, точно е дека во текот на целата година имаше OK пристап до едневникот. Но, на почетокот на јуни, кога наставниците ги очекуваше најголемиот дел од работата, добри две недели, нити наставниците, нити родителите немаа редовен и стабилен пристап до едневникот, кој постојано фрлаше серверски грешки – директни, а подоцна и преку статусни страни на Cloudflare.

Во оние исклучително ретки ситуации кога некој успеше да се логира, навигацијата беше крајно спора и нефункционална и за брзо време повторно се враќаше 503/ 504/ 521 Service Unavailable грешката.

Што значеше ова?

Наставниците не можат да ги внесат оценките и извештаите за крајот на годината. Родителите не можат да добијат апсолутно никаков увид во поведението и оценките за крајот на годината. Учениците, особено оние кои завршуваа деветто одделение, не можат да си ги средат документите за да аплицираат за запишување во среди училишта. Опш хаос кој, како што препоставувате се справуваше на два добро познати начини:

Гнев кој ги подели наставниците помеѓу тоа дали да се врати книжниот или да се значително надгради електронскиот:

И додека една група наставници се справува на овој начин, друга група реши максимално да го искористи моментот за да се исмева со целата ситуација:

May be an image of 2 people, people standing and indoor
Слика која постојано циркулираше низ социјалните мрежи при крајот на училишната година
May be an image of text
Уште една од многуте слики кои се пројавија периодот

Независно од ова, родителите и учениците кои завршија деветто одделение беа во исклучително незавидна ситуација.

Имено, до 14-ти јуни учениците од 9-то одделение треба да ги земат сведителствата за упис во средно. За да се успее во тоа, и на наставниците и на родителите им беа врзани рацете затоа што електронскиот не работеше – а со тоа немаше можност да се видат оценките, а класните раководители не можат, или не сакаат, да трчаат помеѓу 13 наставници за да ги соберат сите оценки за сите ученици…. Кога во последниот момент конечно се подобри ситуацијата и едневникот стана до некаде постабилен, наставниците буквално мораа преку ноќ да извршат планина од обврски и внесови во електронскиот дневник, за да децата не го пропуштат уписниот рок.

Коментар на револтиран наставник од 8 јуни

Во меѓувреме, од Министерството за образование поставија информација за електронски упис на ученици во прва година, линк кој исто така имаше проблеми кај одредени лица и не можеше да се отвори до вчера.

Иронично, од МОН во официјално соопштение советуваа да се сликаат оценките од електронскиот дневник, па сликата да се поднесе при уписниот рок. Од некоја причина некако се занемарува фактот дека денешните генерации ученици се дигитално писмени од својата 5 годишна возраст и YouTube, Roblox и Fortnite им се секојдневие… па за голем дел од нив, промена на оценка во Photoshop, Paint или било која друга алатка е 5 минути работа.

Како да ова не е доволно, се наметна уште една контроверзна ситуација со таканаречениот додаток на свидетелство. Додека наставниците немаат нити свидетелства нити основни можности за нивно пополнување, директно врзани со неуспешното функционирање на едневникот, нив им се наметнува уште една главоболка.

Сега сме 21 јуни и таман кога помисливме дека работата на едневникот е во ред, ова нѝ се случи:

Од време на време, наставниците и родителите и понатаму наидуваат на проблеми кога сакаат да пристапат до електронскиот дневник и да се информираат за поведението и успехот на нивните деца. Ова што се случи покажува дека ние сме далеку од модернизирање на процедурата за евиденција и информирање на образовниот процес.

Она што итно е потребно е целосна модернизација на едневникот и преземање соодветни чекори и одговорност за да никогаш повеќе да не се случи единствената алатка за водење евиденција на успехот и поведението на учениците да биде недостапна со денови. За жал, недостапноста на едневникот во клучни моменти од училишната година е проблем кој цела деценија се провлекува и редно време е конечно да се искорени….

Иако сме сведоци дека во државава (преку секојгодишниот раст на ИТ секторот) имаме одличен ИТ кадар, неприфатливо е зошто државните проекти некако фрлаат срам врз самиот ИТ сектор наместо да бидат гордост и пример… неприфатливо е да се пуштаат во продукција проекти кои очигледно не се истестирани, не функционираат, или пак не задоволуваат основни критериуми, а воедно немаат ниту испланирана соодветна архитектура или систематизација за поддршка и оддржување.

За крај на темава, само преку една бројка ќе ви доловиме колку е реална маката со проектот Е-дневник кај родителите и колку не се достапни ниту основни ресурси за да може да се олесни транзицијата од хартиен кон електронски е-дневник и целиот овој процес. Тексот што го објавивме во ноември, 2021-ва со наслов “Е-Дневник – Упатство за родителите” до моментот на објава на овој текст е прочитан повеќе од 182.300 пати со просечно време на посета од 2 минути и 47 секунди, бројка што е преголема за едно основно упатство за државна задолжителна услуга….


Останати текстови во е-Дневник серијалот:

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
1 Коментар
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
kirev
kirev
2 years ago

Вообичаено, да не речам нормално. Како и со сѐ друго во „нашата“ „држава“…

види ги сите огласи на kariera.it.mk