66 коментари 4 мин. читање

Е-Дневник – Упатство за родителите

Деновиве забележавме поголем број на посети на текст стар 10 години, па прилично зачудени од каде толкав интерес за тој текст направивме мини истражување во кое ни се појасни дека добро рангираме (втор резултат) на Google за терминот “е-дневник” а воедно е и прво тримесечје на учебна година и дека од годинава, физичкиот дневник е укинат и целата евиденција за поведение, оценки и слично се остварува преку е-Дневник поставен на ednevnik.edu.mk.

Па така, поттикнати од големиот интерес на темава, направивме осврт на проектот е-Дневник, од гледна точка на наставниците, и како надоврзување, доставуваме упатство за користење за родителите.

Здраво родители…

Ако сте родител и го читате ова, претпоставуваме дека или завршивте со родителската средба, или пак сте во процес на присуствување деновиве. Но, дали знаевте дека детален увид за вашето дете можете да добиете и преку Е-Дневникот? Од комфорот на вашиот дом, можете да ги дознаете следниве работи:

  • Основни податоци за вашето дете,
  • Податоци за сите наставници во училиштето; кој – каде предава и која е нивната е-пошта,
  • Распоред на часови,
  • Домашна работа што ја даваат наставниците,
  • Преглед и опис на секој час што се има одржано (пример, можете да дознаете дека во вторник, по македонски, се работеле вежби за морфолошка класификација на зборовите),
  • Изостаноци,
  • Оценки и поведение,
  • Евидентен лист, со сите описни оценки по сите предмети.

Паралелно со ова, постои една услуга која, доколку се активира, преку СМС порака или имејл пошта се известува родителот за изостаноци и оценки.

Текстот што следи е целосно наменет за родителите кои сакаат да добијат пристап за сите овие услуги.

Како да добијам пристап до Е-Дневникот?

  • Класниот раководител мора да го внесе вашиот телефонски број и имејл адреса во електронскиот дневник. Штом се направи тоа, вие ќе добиете и-мејл во која се наоѓа и лозинката за најавување.
  • Посетете го следниот сајт: https://ednevnik.edu.mk
  • Во одделот Корисничко име внесете ја целата адреса, таа што сте ја дале на класниот раководител,
  • Во одделот Лозинка внесете ја лозинката која ја имате добиено во имејлот од Е-Дневникот,
  • Изберете јазик и учебна година и кликнете на копчето Најави се.
  • Од главната страна добивате увид во основните податоци за ученикот, кои, за потребата на овој туторијал и од безбедносни причини, се целосно отстранети. Под податоците гледате едно копче Прегледај извештај. Кликнете на него и ќе биде како да ви е отворена една страна за цела недела од книжниот дневник. Тука, можете да видите колку оправдани и неоправдани има ученикот, кои наставни содржини се обработувале неделата, кои се дежурните ученици. Не сте врзани само за таа недела, напротив, можете да проверите за која било недела од почетокот на училишната година.
  • Доколку кликнете во левиот горен агол, на копчето УЧИЛИШТЕ, па изберете Детали за наставници ќе добиете детална листа од сите наставници кои предаваат во целото училиште по сите предмети, заедно со тоа во кои паралелки предаваат и која е нивната е-пошта
  • Одделот ПАРАЛЕЛКА, открива детални извештаи и информации за планот според кој се изведува наставата, кој е распоредот на часовите, но и какви цели и домашна задаваат наставниците.
  • Во одделот со ИЗОСТАНОЦИ точно можете да видите ученикот колку оправдани и неоправдани изостаноци имал во сите месеци од учебната година, како и да ја прочитате причината за изостанокот, која се внесува од класниот раководител.
  • Во ОЦЕНКИ И ПОВЕДЕНИЕ точно можете да видите како е бројчано оценет ученикот по сите предмети, заедно со бројот на изостаноци и сите забелешки поврзани со оценката, кои се внесуваат од секој наставник посебно.

Последната категорија е исклучително важна за вас, особено доколку вашето дете е описно оценето. Преку ЕВИДЕНТЕН ЛИСТ доаѓате до две подкатегории. ПОСТИГНУВАЊА НА УЧЕНИКОТ ги прикажува сите описни оценки по сите предмети, заедно со поведението, за првиот период, полугодието, третиот период, и крајот на годината. Доколку кликнете на опцијата ЕВИДЕНТЕН ЛИСТ, ќе можете да го видите овој документ во неговата целосна форма, како што ви го врачува класниот раководител, потпишан од директорот.

Како да добивам известувања зa поведение и оценки на моето дете преку имејл и/ или СМС порака?

Како што напоменавме, класниот раководител на вашето дете потребно е да го внесе вашиот телефонски број и имејл во Е-Дневникот, но и да ја штиклира соодветната опција за активирање на оваа услуга. Многу родители не добиваат известувања затоа што класниот ги внесол податоците, но не ја активирал услугата. Доколку се сомневате дека нешто не е во ред, потребно е да пријавите кај класниот за да провери да не е погрешено нешто при внесување или пак не е активирана услугата.

Што доколку ме интересира уште нешто?

Ако нешто сакаме тоа е да одговориме на сите ваши прашања кои би можеле да ги имате! Слободно пишете нѝ во коментарите и очекувајте го нашиот одговор набргу… Во меѓувреме, би можеле да прочитате за нашиот реален поглед на проектот Е-дневник во секое училиште, десет години подоцна.

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Коментари

66 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top