Минатата недела Мартин во неколку текстови направи осврт на македонскиот е-Дневник. Во текстовите може да прочитате како го користат наставниците и како го користат родителите.
Проблемите со софтверот со кои се соочуваат родителите во Македонија не се ексклузивни за македонскиот е-дневник, туку се чини дека се универзален проблем. Причини за ова има повеќе и веројатно ќе треба да поминат повеќе итерации на софтверот пред да се надминат сите проблеми и недостатоци. Најголем проблем во моментов е што најголем дел од креаторите на софтверот не го користат софтверот, па не можат да ги согледаат проблемите и можностите за подобрување.
Проблемите на родителите со е-Дневник апликациите не се исклучиво македонски
Сличен проблем и фрустрации имаа и родителите од главниот град на Шведска, Стокхолм. Во 2018 во Стокхолм официјално започна со работа платформата Skolplattform. Софтверот е навистина комплексен, на него работеа 5 различни компании, и доаѓа со 18 различни модули. Платформата ја користат 600 градинки и 177 училишта. Цената која Стокхолм ја плати за платформата е над 117 милиони долари, за жал платформата не функционира…
Целта беше да се креира единствен систем за децата, родителите и наставниците; Платформа на која ќе може да се чуваат податоци за присуство и за оценките, но и многу повеќе функционалности. Наместо ова платформата стана вистински кошмар за користење, и толкав проблем, што дел од родителите наместо да чекаат на подобрување и надградби, се организираа и направија нова паралелна верзија.
Сè започна од програмерот Кристијан Ландгрен, кој обидувајќи се да дојде до податоци за своите деца увидел дел од недостатоците на апликацијата. Плод на неговата фрустрација со Skolplattform е нова апликација „Öppna Skolplattformen“ (Отворена школска платформа). Отворената платформа не е замена за целиот систем, туку единствено треба да има ја олесни работата на родителите.
Без разлика дали имате три или седум деца – има многу работи што треба да ги следите. Извештај за отсуство – број 17 во февруари. Како се вика замената оваа недела? Облека за физичко. Нефункционална училишна платформа која троши време и енергија? Нема простор за ова. Затоа направивме подобра. Со сите информации што ви се потребни како родител. Побрзо и пред сè – многу поедноставно.
Ако не ти се допаѓа постоечкото решение направи свое…
Ландгрен започна сам да ја развива апликацијата. Најпрво побара пристап до API-то кое го користеа за оригиналната апликација, но истовремено започна да ја анализира апликацијата и да собира податоци и самиот да креира сопствено API. Развојот на новата апликација се случи истовремено со објавата на Шведската агенција за заштита на податоци дека оригиналната верзија не е доволно безбедна и споделува лични податоци на родители, деца и наставници. За ова, платформата беше казнета 4 милиони шведски круни.


Во следните неколку недели во развојот на апликацијата му се приклучија и други програмери и засегнати родители. Заедно со Јохан Обринк и Ерик Хелман креираа план да изработат нова верзија на апликацијата, со отворен код. Ја анализираа платформата и ги открија сите потребни URL-а по кои се праќаа податоци. Потоа започнаа да креираат апликација за паметни телефони. На 12 февруари официјално ја преставија апликацијата, а кодот e објавен и јавно достапен на GitHub.
За неколку месеци апликацијата имаше десетина илјади преземања, и оценка од над 4,1 од 5; Апликацијата на градот има рејтинг 1,2 од 5. „Öppna Skolplattformen“ сега има околу 12 500 преземања на Android и iOS.
Сепак не сите беа воодушевени од овој развој на настаните. Градот најпрво се обиде да ги разубеди родителите кои ја користеа апликацијата, со предупредување дека апликацијата можеби неовластено има пристап до личните податоци на корисниците. Потоа ја пријавија апликацијата до надлежните органи, за на крај да го променат својот систем, со што мораше да се промени и системот на „Öppna Skolplattformen“.
Проблемите станаа и посериозни. Во април градските власти ги обвинија развивачите на апликацијата за неовластен пристап до онлајн податоци. Одделот за сајбер-криминал на шведската полиција отвори истрага, која требаше да покаже како всушност функционира апликацијата и дали има неовластен пристап до информации.
Како функционира апликацијата
Апликацијата креирана од Ландгрен е многу поедноставна од платформата која е изработена по нарачка на градот. Платформата е цел систем кој собира куп податоци за наставниците, учениците и родителите. Наместо ова апликацијата е наменета за родителите на децата и има единствено цел да презентира податоци. Дел од податоците се датуми на настани, како концерти или настани организирани од училиштата; распоред на часови; нотификации од наставниците; храна која се сервира; и можност родителот да пријави ако детето е болно.
За логирање апликацијата го користи шведскиот дигитален идентитет BankID. Ова мора да се користи, бидејќи се „повлекуваат“ податоци од оригиналната платформа.


Она што е важно да се истакне дека, ниту оваа апликација не беше без грешки. Во првите верзии беа споделувани дел од личните податоци на родителите. Податоците се достапни преку API-то, но веќе не се презентираат преку апликацијата.
Иако апликацијата беше многу подобра од оригиналната, изненадувачки од градот долг период немало никаква понуда за соработка.
„Не сакаа никаква соработка ниту дискусија за соработка со нас. Веднаш отидоа и нè пријавија во полиција“, вели Јохан Обринк за Wired.
Наскоро по затворање на истрагата градот одлучи да го затвори и промени API-то кое го користи платформата. Започна циклус на промени и прилагодувања. Седум пати градот го менуваше апито, а апликацијата го прилагодуваше својот код. Официјално причина за ова е стравувањето дека податоците се препраќаат на друга локација. И по затворањето на официјалната истрага која покажа дека податоците се безбедни, Стокхолм не ја прифати апликацијата.
Интерес од другите градови
Сепак ако Стокхолм не беше подготвен да го прифати поразот, градовите кои немаа влог во „трката“ започнаа да ја гледаат апликацијата како подобро решение. Вториот град по големина во Шведска, Гетеборг, започна преговори со Öppna Skolplattformen за прилагодување на апликацијата. Развивачите веќе работат на нова верзија на апликацијата која ќе овозможи апликацијата да се користи во повеќе градови.
Дури и градот Стокхолм признава дека новата апликација е поедноставна за користење за родителите, но ова мора да се направи, а личните податоци на корисниците истовремено да бидат безбедни.
Развивачите на апликацијата се надеваат дека ќе успеат да се договорат со претставниците на градот за лиценцирање на апликацијата на градот. Со ова наместо родителите да плаќаат апликацијата, таа ќе биде бесплатно достапна за сите, а тие ќе можат да продолжат да ја развиваат и усовршуваат.
Како да се избегнат овие проблеми во иднина
Најголемиот проблем во развој на шведската, но и на македонската апликација за е-дневник, во основа е невклученоста во ниту една фаза на развојот на корисниците на крајниот производ. Доколку во развојот беа вклучени родители, студенти и наставници, најголем дел од проблемите ќе беа отстранети уште во периодот на развој. Наместо ова решенијата се целосно дизајнирани од девелоперите кои во овој случај не се крајни корисници на софтверот.
За да се избегнат вакви проблеми крајните корисници мора да бидат вклучени дури и во помали проекти, но уште повеќе во големи и комплексни проекти, кај кој по завршувањето многу потешко се прават корекции.