Rayman 30th Anniversary Edition: Ултимативната платформерска архива

во гејминг

Верувале или не, серијалот Rayman пушта корени и ја разгорува страста на гејмерите цели 30 години. Во чест на ваквата пресвртница, талентираните Digital Eclipse, истото студио кое беше задолжено да ги овековечи Atari и Tetris, неодамна ја исфрлија колекцијата Rayman: 30th Anniversary Edition. Во оваа колекција ќе ги откриете почетоците на еден од најпрепознатливите ликови во светот на видеоигрите така што ќе навлезете во темелна архива од различните верзии на класикот од деведесеттите години на минатиот век. Паралелно со ова, ќе можете да откриете многу интересни факти преку екслузивни интервјуа со челните лица!

Уникатен предизвик за ветераните

Rayman игрите, особено првата игра, се познати по нивните ригорозни и прецизни платформски дизајни кои бараат одлично чувство за тајминг и просторна ориентација. Во хитот од деведесеттите, наместо да ги имате сите вештини од самиот почеток, вие постепено се здобивате со нови способности и, на тој начин, успешно ја разбивате секоја можност за појава на монотонија. Моќите кои ги добивате исто така отвораат нови патишта и овозможуваат пристап до претходно недостапни зони. Треба да се земе во предвид дека се работи за исклучително стара игра и гејмплеј механиките најдобро се доживуваат преку класичниот D-pad.

Целосна контрола врз текот на играњето.

Порано, игрите не ги простуваа вашите грешки толку лесно и се барало трпение и внимателно меморирање на нивоата. Но, со оглед на тоа дека сега времињата се поразлични, развивачите имплементирале низа модерни функции кои се поприфатливи за денешните стандарди. Па така, сега имате на располагање алатки кои ви помагаат кратко да го премоттувате времето наназад. Тука е и опцијата за зачувување на напредувањето во кој било момент. А, доколку сте од оние кои сакаат само да уживаат во дизајнот на нивоата без технички пречки, додадени се системи за бесконечен број на обиди, како и можност за инстантно отклучување на сите зони.

Носталгична љубов

Во Rayman: 30th Anniversary Edition ќе наидете на рачно цртана 2D графика која користи и понатаму имресивни визуелни трикови за да создаде илузија на длабочина и живот во секој кадар. Паралелно со ова, ќе наидете и на редизајнирана и збогатена музичка подлога, нешто што е во целосна хармонија со шареноликиот уметнички стил. За уште поголема автентичност, имате можност да го задржите оригиналниот 4:3 формат на сликата и, на тој начин, да го избегнете неприродното развлекување на модерните широки монитори. Покрај ова, одредени визуелни филтри максимално се трудат да ги имитираат старите CRT телевизори како би го доловиле точниот визуелен ефект од минатото. Дискутабилно е колку добро таквото нешто е реализирано на модерните екрани, но се забележува природно преклопување на пикселите благодарение на кое се омекнуваат рабовите и им се дава специфична топлина на рачно цртаните позадини.

Обединување на историјата и носталгијата

Онаму каде што Rayman: 30th Anniversary Edition навистина сјае е огромното количество на содржина кое ги опфаќа речиси сите клучни моменти од историјата на играта низ пет различни историски верзии. Она што ќе најдете во колекцијата се сведува на:

  • Верзијата за Atari Jaguar – увид во првичната развојна платформа со нејзините уникатни палети на бои,
  • Изданието за PlayStation го претставува златниот стандард и поставува темели за прекрасен серијал
  • Верзијата за Game Boy Color претставува фасцинантна 8-битна адаптација изградена целосно од нула
  • Game Boy Advance верзијата покажува како комплексниот свет бил адаптиран за преносна конзола така што експеремнтира со осветлени бои и поблизок агол на камерата.
  • Како шлаг на тортата се истакнува одамна изгубениот прототип за Super Nintendo. Прототипот, по првпат е достапен за пошироката јавност и нуди фасцинантен поглед кон раните визуелни стилови, како и бурата од идеи поврзани за дизајнот (пред играта да премине на 32-битни системи).

Сеопфатна ретроспектива

Како и другите слични проекти на DE, така и овој се одликува со едукативен и документарен сегмент, нешто што, рака-на-срце е вистинско богатство за аналитичарите на индустријата. Преку интерактивен документарен филм, кој трае нешто помалку од еден час, се најдовме како буквално ги голтаме досега нераскажаните приказни. На располагање имате нови интервјуа со креаторите на оригиналниот наслов кои одговараат на бројни значајни прашања со крајно проницливи начини, давајќи уникатен увид во историјата на овој серијал.

За да се здобиете со уште подобра представа, имате на располагање и ретки концептуални цртежи, рани скици и оригинални дизајнерски документи кои откриваат како од една апстрактна идеја се реализирал овој специфичен проект. Ова, плус, како што кажавме, пет верзии на играта, повеќе од стотина дополнителни нивоа и екстра креации од заедницата на играчи. До пред некое време, само дел од овие материјали беа достапни, расфрлани низ прастари формати кои се тешки за емулирање. Сега, колекцијата станува легално достапна, содржински проширена и технички беспрекорна.

Остварен сон за сите колекционери и ентузијасти?

Триесетгодишното јубилејно издание е вистински пример за тоа како треба методично да се третираат и зачувуваат класичните видеоигри. Студиото се има потрудено да врши комплексни комбинации на механики елементи и уметнички стилови. Потоа, мајсторски го има таквото нешто вклопено со богата историска архива и неопходни модерни олеснувања. Како резултат, добивате извонредна колекција која ем ја потврдува важноста на насловот ем обезбедува комплексен дизајн да остане достапен и релевантен за генерациите што допрва доаѓаат.


Прочитајте за другите, еднакво добри дигитални ризници од Digital Eclipse, како и за нашето интервју со Крис Колер!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments