Валат дека викендов би било постудено и она што се препорачува е барање комфор во малите задоволства, како пиење топол чај, читање квалитетна книга… или играње добра игра. Независно од категоријата, за вкусовите обично не се расправа и поради тоа никако не би ви наметнале да пиете чај од камилица или да ја прочитате најновата книга на Стивен Кинг (иако би требало; слушнавме дека е една од неговите најголеми достигнувања (а, и камилицата не е лоша, со оглед на тоа дека помага за поквалитетен сон, поздраво срце и намалување на стресот и анксиозноста)). Во случај да имате време за игра, меѓутоа, најсрдечно би сакале да ви ги препорачаме една од следниве инди игри, внимателно избрани поради несекојдневните механики!
Asterix & Obelix: Heroes е игра во која 24 херои ги заменуваат тупаниците со карти
Верувале или не, Астерикс и Обеликс се исклучително популарни во гејмерската индустрија и доколку сте фанови на овие стрипови, односно цртани, можете да најдете часови и часови забава со некоја од бројните игри. Најновата игра со нашето омилено дуо се вика Asterix & Obelix: Heroes и е со поскромни амбиции кои ги реориентираат фановите кон малку поразличен жанр. Па така, наместо класичниот beat em up, овојпат на располагање имаме стратешка кампања која е заснована на заземање редови (turn-based) и комплексен систем од карти.

Симпатичната шаренолика графика и хумористичните анимации и понатаму играат огромна улога, но слободата во движење и борби се заменети со создавање и употреба на шпил од карти. Шпилот може да содржи до 30 карти, од 150 понудени. Секоја од картите се одликува со уникатни офанзивни и дефанзивни способности кои го поплочуваат патот за интересни стратегии и бројни комбинации.

Најсветлата точка во Asterix & Obelix: Heroes е тоа што не морате да играте само со нив. Напротив, на располагање имате 24 добро познати херои кои ги отклучувате како што напредувате низ шесте различни региони. Секој од хероите има уникатни способности и една ултимативна вештина и, слично на системот со картите, се охрабрува честото експериментирање се додека не си ја пронајдете вашата идеална комбинација. Единствено што посакуваме е на ликовите да им се позајмуваат гласови од актери. Сметаме дека на тој начин, играта би можела да се пласира значително повисоко помеѓу фановите.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Gamexcite
- Издава: Nacon
- Жанр: turn-based, cards
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 5 октомври 2023
Age of Undead е игра која има елементи на turn-based, RTS, и FPS, а е направена од само еден девелопер
Age of Undead можеби не изгледа како кој-знае-што, но е комплексен продукт на љубов од само еден девелопер. Ова е игра која мајсторски жонглира неколку жанрови, трудејќи се да понуди уникатна забава на бројни фронтови и да задоволи љубители и на turn based жанрот и на класични стратегии со градење база, како и на оние кои се по адреналинска акција во прво лице.

Во Age of Undead, на располагање имате три различни армии. Секоја од нив има уникатни единици за управување, структури за градење, како и бројни одбрамбени механики кои се од клучно тактичко и стратешко значење. Независно од тоа со која армија ќе одите, во еден дел од ихрата ќе можете да играте преку запазување редови. Без никој да ве брза, полека, но сигурно ќе можете да го паузирате времето и внимателно да го планирате секој ваш потег. Во случај да имате потреба за зголемана динамика, можете да се префрлите во стратегија во реално време каде е размислувате од нозе и донесувате одлуки во дел од секунда.

Првите два начини на кои се игра играта, ја поставуваат Age of Undead како првенствено квалитетна стратегија, но доколку сакате, можете без проблем да го тргнете на страна управувањето со единиците и бројните структури и целосно да се посветите на пукачка акција во прво лице каде управувате со возила или со некои од пријателските единици. Иако се работи за само еден девелопер, посветено е многу внимание и на создавање временски услови каде инфицираните можат да бидат значително посилни за време на ноќта или пак да се случуваат одредени временски непогоди кои негативно влијаат на битките (овие работи се изборни).

Како и да одлучите да ја играте Age of Undead, шансите дека ќе наидете на некоја интересна механика се исклучително високи, под услов да ѝ пристапите на играта со отворен ум и да сте спремни на компромиси и одредено време на привикнување.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Insane Dreamers
- Издава: Insane Dreamers
- Жанр: turn-based, fps, rts
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 26 јули 2022
GNOSIA е невообичаена визуелна новела во која клучната механика е заснована на социјална дедукција
Слично на основниот концепт во Among US, Gnosia е научно-фантастична визуелна новела каде разговарате со бројни ликови и пробувате да откриете кој е човек, а кој е gnosia. Како што набргу ќе сфатите, gnosia е мистериозна и смртоносна закана која сака да преживее по која било цена. Gnosia е маскирана и се преправа дека е вистинско лице, лаже и мами, а ултимативната цел е да ги убие сите луѓе што се на бродот. На вас е дали ќе и го дозволите ова…

Како RPG игра со социјална дедукција, ваша задача е да стапувате во интеракција со бројни уникатни ликови, да разговарате за моментната ситуација, да разменувате информации и мислења и потоа да пробате да заклучите кое од лицата е gnosia за да ја можете да ја успиете и, на тој начин, да ја елиминирате заканата. Ова воопшто не е лесна задача и потребно е да се целосно фокусирани на разговорот и на суптилните информации кои се пласираат затоа што она што првично е кажано со casual тон, подоцна може да излезе дека е од клучна важност. Доколку не сте спремни внимателно да читате и слушате, тешко дека ќе успеете да ја препознаете и елиминирате заканата.

Добрата работа е тоа што, како напредувате низ играта, така ви се отклучуваат дополнителни способности. Ова е двонасочна механика и како вие станувате подобри, така стануваат подобри и останатите сопатници. Со секоја помината минута, вистината делува подалечна, но таканаречените loop-ови ви помагаат да започнете посебни настани кои слоевито откриваат одредени мистерии, а одредени настани ви отклучуваат нови можности за проширување на разговорите.

Во GNOSIA целта не е да ја откриете заканата на лесен начин и преку следење предвидлива шема. Поради тоа, често ќе се наоѓате во ситуации на експериментирање и преигрување на одредени секвенци од малку поразлична перспектива. За среќа, приказната и глумата се исклучително добри и, во комбинација со чистите, провокативни цртежи, одлично го држат вниманието на играчот.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Petit Depotto
- Издава: PLAYISМ
- Жанр: визуелна новела, авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 23 јануари 2022







