Војната во Украина никако не стивнува и работите стануваат сè позагрижувачки со секој поминат ден. Неделите зад нас беа искористени за да се помогне на Украина на секој можен начин. Гејмерската индустрија, односно бројните развојни и издавачки студија не седеа со скрстени раце и се бореа на единствениот начин што го знаеја – со финансиска поддршка кон Украина, или со санкции кон Русија.
Почетокот на војната во Украина се поклопи со новата сезона во Fortnite. Tрејлерот за најновото поглавје беше насловен Resistance (отпор) и прикажуваше серија од вашите омилени ликови и скинови како се преплавени од тенкови и поставени во исклучително незавидна ситуација. Набргу по трејлерот, Epic Games изјавија дека целата заработка од микротрансакциите во Fortnite, направени во времетраење од две недели, ќе биде донирана на Украина.
За само неколку дена, Fortnite успеа да собере запрепастувачки 50 милиони долари – значително повеќе од донации на еден куп земји кои испратија финансиска помош на угнетената земја. За двете недели? За две недели, Epic Games, преку нивната игра Fortnite, собраа 144 милиони долари. Тоа е повеќе од каква било директна финансиска донација која Украинците ја добија од некоја корпорација, од целиот свет.
На некое друго место, продавницата за инди игри, itch.io, мајсторски обедини стотици и стотици инди издавачи и понуди пакет од 998 игри по цена од 10 долари. Скоро половина милиони гејмери решија да ја платат барем минималната цена за да ем добијат интересни игри, ем да помогнат на Украина која, на крајот од промоцијата, доби финансиска инфузија од скоро 6.5 милиони долари.
Инспирирани од примерот на itch.io, Humble Bundle побрза да со нивниот Stand with Ukraine пакет од игри и успеа да собере и да донира над 20 милиони долари! На сличен начин, помалите продавници на пакети на игри, како Bundle Starts, пробаа да ги потпомогнат Украинците и, со здружени сили, да присоберат уште добри 10 милиони долари.
Но дали е ова доволно?
Парите дефинитивно помагаат, но одредени санкции кои гејмерската индустрија ги имплементира во Русија, исто така би можеле да влијаат и да допринесат за побрзо завршување на хоророт.
Па така, бројни продавници на игри, како Epic Games, EA, Activision Blizzard и CD Projekt Red, не исклучувајќи ги ни Sony ни Nintendo, ги суспендираа сите продажби во Русија, токму поради војната. Паралелно со ова, многу издавачки куќи ги отстрануваат нивните игри и не ги продаваат повеќе на територија на Русија, односно Беларусија.
Но, ни на руските издавачи никако не им е лесно. Како што можеби знаете студиото Wargaming (World of Tanks) e руско и белоруско студио кое по серија од инциденти поврзани со војната, ја донесоа одлуката да заминат од Русија и Белорусија, да направат целосна релокација и да одберат некое друго студио кое ќе ја одржува играта во Русија и Белорусија, но тие нема да имаат ништо со тоа, нити пак ќе земаат профит од микротрансакциите кои ќе се случуваат на тие две територии.
Паралелно со ова, друго руско студио, FourQuarters, започна серија од кампањи охрабрувајќи го светот да ја преземат и играат пиратската верзија на нивната игра Loop Hero, затоа што, поради бројните рестрикции, не можат да ја продаваат на нормален начин. И додека FourQuarters апелира да се вивне пиратското знаме заедно со линк за торент од пиратската верзија, нивните издавачи Devolver се изјаснија дека целосно го поддржуваат ова.
Со само неколку примери (од, верувајте, исклучително многу), станува јасен ставот на гејмерската индустрија и повеќе од јасно е колкава е моќта на игрите и какво огромно влијание имаат врз светот. Искрено се надеваме дека ќе го има посакуваниот позитивен ефект.
Кој е вашиот став? Кажете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи!