Би можеле да помислите дека Atari 50: The Anniversary Celebration е игра, но ова е всушност многу повеќе од тоа. Од една страна, имате временска линија преку која навлегувате во 50 годишно патување во минатото. Од друга страна, добивате непресушна колекција од Atari игри. Независно од тоа дали сте љубител на компјутерската историја или пак сакате да одиграте култна игра од минатото, Atari 50: The Anniversary Celebration е софтвер кој треба да го проверите! Добредојдовте на it.mk, одиме со детален преглед на колосалното достигнување на Digital Eclipse и Atari!
Интерактивно патување низ историјата на Атари
По покренување на апликацијата Atari 50: The Anniversary Celebration имате опција да започнете со интерактивното патување или пак да одиграте некоја од 90-те игри поврзани со таа историја.
Преку одличен интерфејс, можете да запловите низ пет клучни поглавја поврзани со историјата на Atari. Секое од поглавјата отвора временска линија преку која можете да гледате најразлични фотографии, документи, постери, цитати, видео материјали, кратки документарци, интервјуа. Секој документ е регистриран за одредена година и пропратен со клучни објаснувања. Со поминување низ временската линија, органски се пополнува процентуалното напредување, давајќи ви увид уште колку истражување е потребно за да целосно го комплетирате поглавјето.
Кое пет поглавја ги истражувате во Atari 50: The Anniversary Celebration?
- Arcade Origins – 1971 – 1984 година – галерија од мултимедијални материјали поврзани за почетоците на атари и нивната посвета на аркадни игри, визуелизација на музиката, како и експериментирање со холограми
- Birth of the Console – 1977 – 1982 – серија од материјали кои кажуваат неверојатна приказна за тоа како компјутерскиот систем на Атари целосно ја менува интеракцијата со телевизорите, посветувајќи посебно внимание на почетоците за еден од првите огромни успеси во индустријата
- Highs and Lows – 1982 – 2022 – детален приказ на предизвиците на гејмерската индустрија од средината на осумдесетите години на минатиот век
- The Dawn of PCs –1979 -2007 – Моќта на зборот „Atari“ и влијанието врз светот
- The 1990s and Beyond – 1989 – 2022 – Како се врати Атари на големата врата во деведесетите години на минатиот век, особено со нивните конзоли Lynx и Jaguar
Нема никакво сомневање дека временската линија е направена со многу знаење и љубов, посветувајќи внимание дури и на најситните детали. Како големи љубители на сѐ што е поврзано со комјутерската и гејмерската индустрија, особено богатото патешествие на Atari, ова за нас беше како носталгично љубовно писмо кое не престанува да нѐ наградува.
Сите слики се прочистени и во висока резолуција, дозволувајќи максимално зумирање. Особено интересно ни беше да ги анализираме постерите за првите флиперски машини, како и да дознаеме дека првично се планирало одредени аркадни машини да се ставаат во ординации за да децата играат нешто додека да дојдат на ред за лекарскиот преглед.
Со неверојатна фасцинација и неподелено внимание го гледавме реткото видео каде Нолан Бушнел шета, размислува и координира во канцелариите на Syzygy. Дознавме и кога, како и зошто компанијата Syzygy морала да се преименува во Atari, но не на сувопарен, а ла википедиа начин, туку преку ретки мултимедијални и ексклузивни содржини. Ова, и многу повеќе.
Игри кои ја дефинираа гејмерската индустрија
Со истражување на временските линии од поглавјата, често ќе наидувате на опција инстантно да ги заиграте игрите кои се споменуваат. Но, за целосен пристап до листата од над 90-те игри, можете да дојдете преку одделот Game Library.
Сите игри може да се подредуваат според платформата, насловот, содржините, годината, или пак според она што е неодамна играно. Како листате низ игрите, така добивате и основни информации поврзани со платформата и годината на објавувањето. Во моментот кога ќе одберете некоја игра, ќе добиете детални информации за историјата на играта. Кликнување на копчето play, инстантно ви дозволува да го проверите насловот.
Претходно напишавме дека историската временска линија е како љубовно писмо за сите фанови. Ова е двојно вистинито за игрите кои ги играте, нешто што е невозможно да го доловиме без следниве скриншотови:
Во тие стотина игри кои ги имате на располагање, шест се целосно нови, така да дури и верно да сте ги следеле Атари низ децениите, сепак ќе најдете нешто дополнително за играње. Особено ни се допадна тоа што некои игри ќе можете да ги играте и во подобреното визуелно опкружување и на потполно ист начин како порано – до таквите премини доаѓате со претискање на само едно копче. Сите игри се одлично вклопени во корисничкиот интерфејс. Па така, скокањето од менито во играта и назат е инстантно и задоволително.
Atari 50: The Wider World of Atari
Atari 50: The Anniversary Celebration е излезена на 11 ноември 2022 година, но причината поради која пишуваме дури сега за оваа драгоцена ризница е штотуку излезеното прво DLC. Насловен како Atari 50: The Wider World of Atari, додатокот вметнува уште една петта временска линија која преповеда за уште многу други игри и ниже нови историски мултимедијални материјали како приказната поврзана со создавањето на играта Breakout, барањето на ретки прототипи, или пак интересни факти за Евелин Сето и познатото Atari Fuji лого.
Паралелно со новата временска линија, носталгичните гејмери можат да проверат 19 дополнителни игри, од кои особено би сакале да ги истакнете следниве:
- Skydiver – безбедно слетување во зоната
- Avalanche – фаќање камења кои паѓаат од екранот
- Atari Football – фудбал, но на Atari начин!
- Berzerk – заровување играчи во бескрајни лавиринти со убиствени роботи
- Frenzy – култниот продолжеток на Berzerk
Повеќе детали за играта
- Произведува: Digital Eclipse
- Издава: Atari
- Жанр: од сѐ по нешто
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 26 септември 2024
Тоа беше сѐ што успеавме да подготвиме за вас оваа неделно утро. Се надеваме дека ви се допадна ова што го прочитавте и дека ќе продолжите да нѐ читате и во иднина, за кога подготвуваме ексклузивно интервју со развојното студио зад Atari 50: The Anniversary Celebration!
[…] на Atari, не губевме време да ве запознаеме со тоа како Atari 50 ви ја сервира компјутерската историја на дланка. Во тој текст, нашироко зборувавме за тоа како […]
[…] пишувавме за компјутерска историја на дланка со Atari 50. Преку овој текст, детално ги разгледавме […]
[…] Неделава ја имавме ексклузивната можност да ја провериме феноменалната дигитална енциклопедија Atari 50: The Anniversary Celebration. Чедото на Digital Eclipse ни дозволи да разгледаме најразлични фотографии, документи, постери, цитати, видео материјали, кратки документарци, и интервјуа. Паралелно со тоа, можевме да одиграме стотици култни игри од ерата на Atari. Доколку не знаете за што се работи топло препорачуваме да го прочитате нашиот текст тука! […]