Стартап на месецот: Братската врска позади Influencers Club и визијата за доминација на инфлуенсерскиот маркетинг

Овој текст е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап кој е на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [септември, 2023]:


Influencers Club е платформа која ги поврзува брендовите со инфлуенсерите. Стартапот собира и агрегира јавни информации за инфлуенсери од над 40 платформи и истите ги филтрира и организира по повеќе од 100 податочни точки. Компанијата основана во 2016-та година досега има соработувано со брендови како Amazon, Discord, Linketree, HP, Koji, ByteDance, Lóreal, AliExpress и има над 600 клиенти…

Брат за брат, платформа за Instagram

Трпат ли семејните односи кога се гради заеднички бизнис? Според Борис и Никола Соколов, браќата позади македонскиот стартап Influencers Club – односите дефинитивно не се исти како претходно… Но, позитивните работи се во многу поголем број од негативните, и тие денес успешно се борат со предизвиците кои ги носи стартап животот и успеваат да бидат предводници на тим од повеќе од 80 луѓе.

Како започнува приказната на Influencers Club, односно платформата која што служи како мост помеѓу инфлуенсерите на социјалните мрежи и брендовите… И уште поважно, што всушност прави Influencers Club?

Идејата започнува во 2016-та година, преку комбинирањето на идеите кои во тоа време ги имаат двајцата браќа. Додека знаењето на четири години помладиот Борис доаѓа делумно од ФИНКИ и од сопствената желба да научи повеќе, Никола занаетот го пече на пракsа во Силициумската долина и стартапи кои работат во индустријата на инфлуенсерите во Сан Франциско. Комбинацијата од техничките вештини на Борис и искуството на Никола доведува до првичната идеја за она што подоцна ќе прерасне во Influencers Club, а отпочнува под името Instagram Influencers Club, нешто што денес според браќата е алатка за откривање на креатори.

“Се фокусираме на гледање на креаторите како бизнис во смисла на тоа колку пари заработуваат, на кои платформи се, нивниот перформанс на платформите. Понатаму дали имаат своја заедница, колкава е таа заедница, кои им се менаџерите итн. Ова е во делот на откривање на креатори, а во делот на outreach гледаме како да стигнеме до нив, со која порака, во кое време, како правилно компаниите да им го претстават својот бренд итн“, раскажува Никола.

Малиот бот во Python како првична идеја

Раѓањето на Influencers Club најпрво доаѓа во формата на мал бот направен во Python од страна на Борис, и користен за растење на Инстаграм профилите и добивање на следбеници. Идејата за ова Борис ја добива од сопственото искуство како контент креатор на Инстаграм. 

“Јас бев креатор на содржина долго време и барав начини за тоа како можам да го пораснам профилот надвор од Македонија и да таргетирам странска публика. Тогаш брат ми го посочи овој софтвер кој може да го автоматизира сето она што го правам рачно за растење на профилот“, објаснува Борис. 

Според Никола пак, ботот истовремено им помогнал да осознаат дека овој пазар всушност е доста неистражен и дека тука постои огромен потенцијал.

“Начинот на рекламирање ни беше да сфатиме дека сите тие податоци може да се искористат и да можеме да ги извадиме мејловите кои се јавно достапни на профилите на инфлуенсерите. И од сите податоци што ги имаме можеме потоа да сегментираме и да дојдеме до оној креатор на содржина што нас ни треба и на кој знаеме дека можеме да му ја продадеме оваа алатка. Преку тоа осознавме дека ова е навистина еден неистражен простор“, додава Никола. 

Првично, scraping-от на податоци Никола и Борис го правеле на страници како Златна Книга и Реклама 5.

Искуството од работењето со оваа алатка и успехот – како за илустрација некаде околу 80 проценти од фитнес тренерите во Скопје ја користеле оваа алатка за раст на своите профили – двајцата браќа потоа ги носи до следната етапа од развојот на нивниот бизнис. 

Борис Соколов

“Како што го правевме оваа откривање на креатори за нашиот бизнис, и како што поминуваше време добивавме се повеќе и повеќе податоци, сфативме колку ова би можело да биде корисно и за уште многу други луѓе. Во тој момент се случи и таа транзиција кога решивме да го баталиме стариот модел на растење профили и целосно да се фокусираме на откривање креатори“, објаснува Борис. 

Првиот клиент и согледување на потенцијалот

Првите три години од работењето на Influencers Club не носи некои конкретни резултати за Никола и Борис, па така она што го заработуваат од бизнисот им помага да ги покријат своите тековни трошоци и она што им останува делумно да го реинвестираат во бизнисот. Дури и малите и навидум едноставни работи, како што на пример е наплаќањето на својот труд, оделе потешко. На почетокот за ова користат и PayPal од една пријателка, додека пак некои македонски компании им плаќале и со компензација, како што тоа го направил еден македонски телекомуникациски оператор. 

“Од првите проекти научивме дека немавме никаква монетизација. Исто така сфативме дека македонските брендови се катастрофа – после еден месец еден мобилен оператор требаше да ни исплати 350 евра, и наместо тоа ми дадоа ајфон. Веднаш потоа отидов во една мобилара и го продадов ајфонот“, раскажува Никола.

Сето ова, но и нивните минати проекти како што се едукативната платформа Dexter.mk која нудела часови за студенти на ФИНКИ и ја паузирале бидејќи имала ограничена публика и социјалната мрежа за ученици Buzz.mk која и покрај тоа што имала илјадници корисници не успеале да ја монетизираат, служат како лекција за тоа како подобро да го монетизираат она што сега го работат со Influencers Club – а конкретниот пресврт доаѓа во 2019-та година, кога го добиваат првиот клиент, а за што Никола вели дека се должи на “среќа и сплет на околности“. 

“Навистина беше среќа и сплет на околности – веќе имав датум за ја подигнам H1B визата за во Америка. Во тој момент правев блог на Медиум и сакав таму да поставам форма за каде што ќе можеме да добиеме клиенти. Успеав некако да ја ставам формата и следниот ден го имавме првиот клиент. Првата продажба беше 30 долари. После три дена ни дојде еден дечко од Шведска на кого му треба многу бренд амбасадори за продажба на костими за капење. Му дадовме фактура од 2,400 долари, тој рече “добро“, и тоа беше момент кога и двајцата си рековме “чекај, што точно се случи?“. Мислам дека тогаш сфативме дека бизнисот ни е нешто што е доста реално“, вели Никола. 

Потоа, Никола се решава да остане во Македонија и да продолжни да работи на бизнисот со Борис. “Изборот беше дали ќе работам со брат ми на нешто непознато, или од друга страна да работам во САД и во стартап светот“, вели тој, додавајќи дека во тој момент едноставно заборавил на парите кои од друга страна пак му биле понудени од страна на стартапот во Сан Франциско. 

Никола Соколов

“Едноставно тоа е нешто што го чувствуваш – парите ти се ок, но некако залудно си го трошиш времето на сметка на шансата да развиеш нешто што има потенцијал. Дури и сега, доколку знам што ќе се случува со Influencers Club во следните 2, 3 или 5 години, нема да го правам ова. Не ми е интересно доколку знам што ќе се случува“, објаснува Никола. 

Градењето на основата на Influencers Club и работата со глобални клиенти

Денес, Influencers Club има база на податоци од 60 и нешто милиони креатори на социјални медиуми како Instragram, TikTok и YouTube, и работи со светски клиенти како што се Amazon, Aliexpress, Discord и HP меѓу останатите. Кој е рецептот за ваквиот успехот? Според Борис, тоа највеќе се должи на комбинацијата од датабазата и од outreach-от што го прави компанијата.

Но, да се дојде до нивното и да се работи со клиенти од ваков калибар не било нималку лесно – и со откажување од многу работи за сметка на растење на бизнисот. 

“Паметам дека еден викенд отидовме да се прошетаме до Бугарија, и ни се случи баш во тој момент да ни дојдат нови клиенти. И тие три дена не излеговме од соба, затоа што правевме кампањи за клиентите“, раскажува Никола. 

Според Борис, решавањето на сите предизвици и препреки е едноставно. “Маваш глава во ѕид додека не го совладаш проблемот, нема друго“, вели помладиот од двајцата враќа. 

За работа со светските клиенти пак, потребна е и одредна доза на hustling, согласни се двајцата. 

“Се случуваше да ветуваме премногу, односно Никола ветуваше работи кои не беа возможни, па после тоа пробувавме да ги направиме до некаде возможни“, објаснува Борис.

“Не е дека тоа беше целосно невозможно, не е дека немаше шанси да се направи. И сите тие предизвици не носеа чекор поблиску. Едноставно си го знаевме бизнисот, знаеш што е технично возможно, а што не е“, додава Никола. 

Проблеми, повеќе проблеми… и неколку решенија 

Како и за повеќето македонски стартапи, така и за Influencers Club проблемите неретко се многу почести отколку што се можностите. Пристапот до талентот, што станува се поголем проблем и за целата ИТ заедница од Балканот, е нешто што секојдневно го мачи Никола. 

“Има многу малку јаки играчи бидејќи живееме во средина каде што нема многу компании кои работат на високо ниво. Така што ако сакаш да вработиш луѓе за продажба и кои знаат како се води сето тоа, ова е тешко изводливо и ретко се наоѓаат такви луѓе. Мрежата на контакти исто така е многу ограничена, така што нема многу луѓе што можат да ја сменат играта – и за нешто вакво мораш да одиш надвор од земјата“, вели тој.

Конкурентноста на платите и дополнително пронаоѓањето на кадар кој е доволно мотивиран да работи во стартап светот се исто така доста големи предизвици. 

“Предизвик е тоа што на пример, ние можеме да понудиме доста работи како за еден bootstrapped стартап: за личен развој, добра атмосфера за работа итн. Но со плати не можеме да се натпреваруваме со аутсорсинг компаниите. Треба да најдеш луѓе што можеш да ги платиш доволно и исто така да бидат луѓе кои не ја наоѓаат мотивацијата само во платата, туку дека ќе можеш да им ветиш дека ќе можат професионално да се развијат и дека трудот на долг рок ќе им се исплати“, појаснува Никола. 

За Борис пак, за сите овие проблеми неопходно било да се најде и некакво решение, особено кога станува збор за работата со big data и сите предизвици што доаѓаат со ова. 

“Работиме со огромни бази на податоци, big data, друго е кога правиш scraping на ова ниво и за тоа ти требаат луѓе со искуство. Тука, ние се помиривме со тој факт и сега земаме луѓе за кои гледаме дека имаат потенцијал и ги тренираме за да можат да го прават ова“, вели тој. 

Идните планови на Influencers Club

Oна на што Influencers Club работи сега е усовршување на веќе постоечкиот продукт, како и на нов продукт.

“Сега инвестираме во продукт кој е во бета – тоа е се што правевме во за откривање на креатори, и сега продуктот фактички е интерфејс на податоците и ја градиме outreach алатката да биде внатре во продуктот“, вели Борис. 

“Инвестираме во безбедност, имаме причилично добар DevOps, инвестираме во заштитата на податоците итн”, додава Никола. 

Една од целите на Influencers Club, кој е основан како bootstrapped стартап, односно без надворешно инвестирање, е да ја задржи ваквата независност, потенцира Никола. 

“VC фондовите те ограничуваат, има луѓе на кои што им одговораш и тие очекуваат да растеш повеќекратно за да можеш да одржиуваш одредена валуација. Ова го гледаме од многу стартапи кои доаѓаат кај нас, ни плаќаат пари за нешто што не е одржливо, очајни се за да имаат некаков раст. Предноста да си bootstrapped е во тоа што oдлуките се носат и случуваат многу побрзо – правиме одлука денес, ја претставуваме пред core тимот, и доколку тимот е за ја донесуваме веднаш. Секако, стојам на тоа дека би можеме да имаме и страшки советнции и дека таквите луѓе можат да ја сменат играта и да ни бидат корисни“, додава тој. 

Околу можноста за потенцијална аквизиција пак, за што Influencers Club досега имал неколку понуди, иако Никола не исклучува такво нешто, условот е неговиот тимот и понатаму да може работи на продуктите. 

“Сакаме да продолжиме да работиме на ова дури ако и во случајот на аквизиција. Продажба на компанијата би била во ред се додека тимот ќе може и понатаму да работи на ова. Лично, сакам да доаѓам на работа опкружен со луѓе со кои што сакам да бидам, и сакам да уживам додека сум на работа – и во моментов го имаме сето ова“, заклучува Никола. 


Дознајте повеќе за платформата на: www.influencers.club

Прочитај ги и останатите .мк стартап на месец приказни:

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Kоментари на статија (0)Што се дискутира на ИТ форум...

Нема одговори сè уште.

Loading new replies...

Influencers Club е платформа која ги поврзува брендовите со инфлуенсерите. Стартапот собира и агрегира јавни информации за инфлуенсери од над 40 платформи и истите ги филтрира и организира по повеќе од 100 податочни точки. Компанијата основана во 2016-та година досега има соработувано со брендови како Amazon, Discord, Linketree, HP, Koji, ByteDance, Lóreal, AliExpress и има над 600 клиенти…

View: https://www.youtube.com/watch?v=FaalqStMu2k

одговори Лајк

види цела содржина...
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments