0 коментари 12 мин. читање Пред 60 минути

Интервју со Иван Митковски, креатор на Chisto.mk. Да се изнервираш од ѓубрето е лесно, кул е да си дел од решението

Ако ве нервира ѓубрето на улица, преполните контејнери, пластични шишиња на тротоарите, ќеси и хартии во тревата во паркот, не сте единствени. За жал, оваа лутина најчесто завршува како објава или фотографија на друштвените мрежи. Благодарение на алатката Chisto.mk, граѓаните може да пријават див отпад, загадување или нелегално фрлање ѓубре за помалку од две минути. Процесот е едноставен: сликни, лоцирај и испрати. Пријавата оди на јавна мапа и таму останува како видлив потсетник и патоказ за акција сè додека проблемот не се реши. Она што ја разликува Chisto.mk од останатите слични апликации е дека не чека реакција од институциите. Наместо ова, самата алатка има интегрирано решение, начин на кој граѓаните самите ќе се организираат и ќе го исчистат ѓубрето.

Апликацијата е дело на дваесетидвегодишниот Иван Митковски. Неговиот пат до развој на апликации е невообичаен. Доаѓа од светот на класичната музика, каде што завршил образование за класична гитара. Програмирањето го научил сам, воден од лекцијата што ја научил од гитарата: дека нема кратки патишта, туку само часови вложена работа. Тој веќе работел на сериозни софтверски решенија за странски компании (Pabau, Valtech, A22), но реши своето знаење да го насочи и кон заедницата, основајќи ја еколошката организација ЕКОХАБ Скопје. Зад платформата Chisto.mk стои и посветен тим составен од Васил Ангелов и Леон Митев (маркетинг), Антонио Христовски (дизајн) и Бојан Бошковски (лице на брендот).

Со Иван разговаравме за тоа како Chisto.mk може да го затвори јазот помеѓу „ми пречи“ и „направив нешто“; кои беа најголемите технички предизвици при развојот и како апликацијата ќе биде уште помоќна наесен.

Иван Митковски

Која е инспирацијата зад Chisto.mk? Дали го помниш точниот момент или глетка што те натера да започнеш со работа на платформата?

Идејата се роди во септември 2025 година, и тоа не од некоја возвишена визија, туку од сосема личен револт. Буквално се сопнував на ѓубре: на улица, во природа, речиси насекаде каде што движев. Во еден момент си реков дека наместо само да се нервирам, ќе пробам да дадам свој придонес кон решението на проблемот. Следеа неколку месеци полирање на идејата, а потоа одлучив целосно да ѝ се посветам и да работам на неа со полно работно време.

Она што ме води и денес е истата мисла: проблемот не е што на луѓето не им е грижа, туку што не постои едноставен начин тој револт да се претвори во дејство. Токму тој јаз, помеѓу „ми пречи“ и „направив нешто“, Chisto.mk треба да го затвори.

Кој е техничкиот стак зад платформата? Зошто одлуката падна токму на овие технологии?

Мобилната апликација е изградена во Flutter, што значи една кодна база за iOS и Android. За еден човек тоа е разликата помеѓу „можно“ и „невозможно“. Backend-от е NestJS (TypeScript) со PostgreSQL и PostGIS за геопросторните податоци, Prisma како ORM и Redis за кеширање и комуникација во реално време. Веб-делот, односно админ-панелот и главната страница, е изграден во Next.js. Сè е хостирано на AWS (ECS Fargate, RDS, ElastiCache), а целата инфраструктура е дефинирана како код со Terraform. Тука се и Firebase за push-нотификации, Twilio за SMS пораки и S3 за фотографиите.

Логиката зад изборот е едноставна: кога си сам, секоја технологија мора да ти врати повеќе време отколку што ти зема. TypeScript од backend до веб значи еден ментален модел наместо два. Flutter значи една апликација наместо две. А PostGIS беше задолжителен, бидејќи мапата е срцето на платформата и геопросторните пребарувања мора да се случуваат на серверот, а не на телефонот на корисникот.

Имаше ли технички предизвици со кои се соочивте при развојот за Android и iOS?

Имаше, и повеќето немаа врска со самото пишување код. Најголемото изненадување беше барањето на Apple за privacy manifest (PrivacyInfo.xcprivacy), релативно нов услов кој е слабо документиран, а кај нас се појави како пропуст во првичната проверка и мораше да се реши непосредно пред објавувањето. Push-нотификациите беа посебна приказна: Firebase FCM мора да се усогласи низ три слоја, односно Flutter, iOS APNs и NestJS backend-от. Ако едно од трите не е совршено конфигурирано, нотификацијата едноставно не стигнува.

Кај јавната мапа предизвикот беше брзината на вчитување на податоци. Илјадници потенцијални пријави не смеат да се рендерираат како илјадници поединечни маркери, па затоа голем дел од работата со мапата се случува на серверска страна со PostGIS: филтрирање, групирање и оптимизирани геопросторни пребарувања, за апликацијата да остане брза и на послаби уреди. Кај QR-системот, пак, клучно беше поените да не можат да се фалсификуваат: кодовите се единствени за секој настан и целата валидација е серверска, бидејќи поените имаат вредност само ако зад нив стои вистинско присуство на терен.

Како се пријавуваат дивиот отпад, нелегалното фрлање или загадување?

Побрзо отколку што трае нервирањето. Ја отвораш апликацијата, фотографираш, локацијата се зема автоматски преку GPS (или ја прецизираш на мапата), избираш категорија (див отпад, нелегално фрлање или загадување), додаваш краток опис и испраќаш. Целата пријава трае под две минути.

Пријавата веднаш се појавува на јавната мапа, видлива за сите. А ако повеќе луѓе пријават иста локација, системот ги спојува пријавите во една, така што мапата останува прегледна, а секој пријавител останува забележан.


Една од работите по кои Chisto.mk се разликува од сличните апликации е начинот на кој се справува со ѓубрето. Со оглед на тоа дека имаше 100 рани корисници, каков беше одзивот на организирањето на акции?

Разликата е што повеќето слични апликации завршуваат таму каде што Chisto.mk почнува, а тоа е пријавата. Кај нас секоја локација има животен циклус: пријавена → верификувана → закажана акција → исчистена. Пријавата не е крај, туку почеток на процес што завршува со чиста локација и со следење да не се врати ѓубрето.

Во тест-периодот пристигнаа педесетина пријави, а поголемиот дел од раните корисници беа волонтери и QA-тестери чиј главен фокус беше да ја тестираат апликацијата и нејзините функционалности. Бидејќи сè уште работевме во тест-околина, акции не беа организирани; таа фаза служеше за потврда на концептот. Сега, кога платформата е во продукција и ја користат вистински корисници, веќе се подготвуваме за првите организирани акции.

Има ли реакции од некои институции кои најавиле соработка?

Во моментов сме во процес на преговори за можна соработка со неколку скопски општини. Она што нè охрабрува е дека институциите ја препознаваат вредноста на верификувани, геолоцирани податоци: наместо пријава на хартија, добиваат мапа во реално време. Но не би сакале да откриваме детали додека сè не биде официјално потврдено. Штом соработките се финализираат, со задоволство ќе ги објавиме.

Имаше ли некоја повратна информација во тест периодот што ви го промени начинот на кој функционира некој дел од апликацијата?

Имаше, и тоа суштинска. Еден од главните инженерски предизвици, со кој прво се соочив лично, а потоа се потврди и во тестирањето, беше проблемот со дуплираните пријави: ситуации кога иста локација ја пријавуваат повеќе луѓе во исто време. Сфативме дека тоа се случува многу почесто отколку што првично очекувавме, а всушност е и знак за здрава заедница, бидејќи значи дека повеќе луѓе реагираат на ист проблем.

Затоа воведовме два ентитета: пријавувач и копријавувач. Поените за пријавата ги добива првиот пријавувач, а сите останати се означуваат како копријавувачи, што директно влијае на алгоритмот кој одредува која пријава ќе се прикаже погоре во фидот. Повеќе копријавувачи значи посилен сигнал дека проблемот е реален и итен. Таа одлука повлече големи промени во базата на податоци: ново моделирање на релациите меѓу пријавите и корисниците, миграција на постојните податоци и прилагодување на целата логика за поени. Тоа ни ја потврди најважната лекција: апликацијата ја изградивме ние, но ја обликуваат корисниците.

Корисниците на апликацијата ќе бидат наградувани со поени и QR-кодови. Може ли да ни откриеш кои се некои од бенефитите?

Во моментов поените се дел од гејмификацијата на целиот процес: секое правилно и општествено корисно дејство носи поени, од пријавување локации до учество на акции за чистење. На самите акции присуството се потврдува со скенирање на QR-код на лице место, што значи дека поените ги добиваат луѓето што навистина биле таму. Системот функционира слично како Duolingo, со неделни ранг-листи што создаваат здрава натпреварувачка атмосфера во заедницата.

Во иднина планираме поените да носат и реални придобивки надвор од самата апликација, во соработка со партнери. Кои точно ќе бидат тие придобивки зависи од соработките што ќе ги склучиме, па затоа не сакаме однапред да ветуваме детали. Она што е сигурно е дека придонесот на корисниците ќе биде вреднуван, и во апликацијата и надвор од неа.

Што е следно за Chisto.mk во следните неколку месеци?

Следните месеци ќе бидат најдинамичните досега. Работиме на соработки со институции, компании и организации што ја споделуваат нашата мисија, подготвуваме екоакции на терен, како и работилници и едукативни настани, бидејќи чиста околина се гради и со чистење и со учење. Паралелно, апликацијата постојано се развива, а насоката што особено нè радува е воведувањето на вештачка интелигенција во самата платформа, за таа да биде во чекор со времето и уште поефикасна во она што го прави.

Не сакам да откривам премногу однапред, но ќе кажам едно: она што доаѓа е поголемо од она што е денес. Верзијата што ќе ја користите наесен нема да биде истата што ја симнавте денес.

Ако треба да ги поканиш граѓаните да ја симнат апликацијата со само една порака, како би гласел твојот личен повик за акција до нив?

Да се изнервираш од ѓубрето е лесно, тоа го правиме сите. Да направиш нешто е уште полесно: симни ја Chisto.mk, фотографирај и пријави. Кул е да си дел од решението, а не од проблемот.


Chisto.mk е достапна на Google Play и на App Store:

Avatar photo
Напишано од

Дејан Соколоски

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top