33 коментари 9 мин. читање Пред 4 часа

IT.mk v7.0: Нов изглед, стара идеја

Следниот март IT.mk ќе наполни 20 години… Она што започна во 2007-ма како форум за неколку ИТ ентузијасти, во меѓувреме порасна во портал, форум, маркет, огласник, сервис за кариера, индекс на локални ИТ компании, премиум членство и уште неколку идеи кои обично ги лансиравме пред пред да им дојде времето. Класика.

Изминативе 19 години, направивме 6 големи редизајни на IT.mk, а денеска ви го претставуваме седмиот. Во скоро секој од претходните 6 дизајни имавме јасен пресек: на едната страна имаше редакциска содржина, на другата, илјадници луѓе кои на форум секојдневно споделуваат искуства, решаваат проблеми, препорачуваат производи, дебатираат за технологија, бараат работа, продаваат опрема и повремено водат 17 страници дискусија околу тоа кој HDMI кабел е подобар.

Сето тоа беше IT.mk, но не се гледаше како едно место. Како една платформа. Последниот v6.0 редизајн направи голем исчекор во доближување на овие два паралелни универзума на платформата преку воведување на SSO на целата платформа. Меѓутоа, пак порталот остана портал а форумот тоа што е. Две различни почетни страни.

Со IT.mk v7 го менуваме токму тоа.

Повеќе од редизајн

Да, имаме нов дизајн. Почист е, побрз е (да стабилизираме па ќе убрзуваме уште повеќе), подобро функционира на мобилен и конечно не изгледа како класичен новинарски портал од времето кога сите почетни страници мораа да имаат огромен слајдер. Но, најважната промена не е визуелна.

Новата почетна страница на IT.mk е заеднички фид на македонската ИТ сцена.

Во него ќе најдете:

  • авторски текстови и вести од редакцијата;
  • интересни дискусии и корисни објави од форумот;
  • понуди од IT.mk/market;
  • огласи за работа;
  • анкети, настани и други формати;
  • теми кои заедницата ги препознава како вредни.

Наместо да посетувате неколку различни делови од IT.mk за да видите што се случува, најважното доаѓа на едно централно место.

Инспирацијата зад овој редизајн

Инспирацијата за овој дизајн доаѓа од едно необично искуство. Во последниве месеци, како и сите медиуми тестиравме продукција на содржина со AI, транспарентно секако – со воведување на АИ редакција како автор. Содржините мислевме дека ќе наидат на отпор, меѓутоа, многу брзо беа прифатени. Луѓето ги читаа и дури имаше и позитивни реакции.

Но, тоа ме натера да размислам дека сега секој може да инсталира WordPress и да активира AI кој ќе продуцира содржина и ќе продуцира вести колку сака користејќи разумен број на токени кои не чинат многу. Ние не сме редакција која што сака да штанца ИТ вести и да билда бројка на квантитативна посетеност, па затоа, размисливме убаво што е нашата компетитивна предност. Одговорот беше јасен: заедницата.

Ф̶о̶р̶у̶м̶о̶т̶ Заедницата се враќа на почетна

IT.mk никогаш немаше да постои без форумот. Пред вестите, маркетот, индексот и сите други сервиси, имаше луѓе кои сакаа да разменуваат знаење и да разговараат за технологија. Тоа беше оригиналната идеја. Во 2007.

IT.mk v1.0

Во v7, квалитетните форумски теми и мислења повторно добиваат место на почетната страница, секако селектирани преку персонализирани AI модели кои ќе ги штелуваме во текот на следниов период. Објавите кои отвораат добра дискусија, решаваат конкретен проблем или носат корисно искуство ќе може да стигнат до многу поголема публика. Истото важи и за добрите огласи.

Практично, добар форумски пост повеќе нема да остане закопан на страница 37 од некоја тема. Сепак, ова не значи дека IT.mk станува Reddit клон со црвена боја. Редакциските содржини остануваат јасно одделени, редакцијата продолжува да избира што е важно, а професионалното новинарство останува еден од главните столбови на IT.mk, со поголем фокус на заедницата и интервјуа со неа, отколку на тоа дали Apple објавил нов модел на iPhone или не. Тие вести ќе ги балансираме преку AI редакција, меѓутоа во умерена форма.

Факт е дека заедницата не ја заменува редакцијата. Ја надополнува.

Зошто сега?

Интернетот во 2026-та е чудно место. Facebook е преполн со СПАМ. LinkedIn е преполн со „официјални извинувања“ и постови од основачи и бизнисмени кои очигледно се премногу успешни. Google и AI платформите се обидуваат да ви го дадат одговорот пред воопшто да го посетите изворот, а за веродостојноста на пласираната информација, треба сами да си сносите одговорност. Во меѓувреме, вредните локални дискусии се расфрлани низ затворени Facebook групи, Slack канали, Discord сервери, Viber групи и приватни пораки, тук таму и некоја кафана.

Не можеме да ги контролираме алгоритмите на големите платформи. Но, можеме да изградиме подобро место за македонската ИТ заедница.

Место каде што содржината нема да исчезне по 24 часа. Каде што добар одговор може да му помогне на некого и по пет години. Каде што луѓето зад знаењето имаат име, профил и репутација.

Редакција плус заедница

Во новиот IT.mk, редакцијата ќе продолжи да пишува, истражува и избира теми кои сметаме дека се важни. Но, сакаме да објавуваме помалку генерички вести кои веќе сте ги прочитале на десет други места и повеќе содржина која има локална вредност:

  • разговори со луѓето кои ја градат македонската ИТ сцена;
  • реални искуства од компании и тимови;
  • практични водичи;
  • анализи на локални проблеми;
  • тестови и препораки;
  • теми отворени од самата заедница.

AI може да произведе неограничен број просечни текстови. Немаме намера да се натпреваруваме во таа дисциплина. Повеќе нè интересираат искуства, ставови, знаење и приказни кои не може да се генерираат со еден prompt.

IT.mk треба да биде одржлив

Има уште една важна работа, која по редизајнот во 2021-ва почна да се подобрува, а со оваа верзија очекуваме и се надеваме дека ќе искачи повеќе скалила. За IT.mk да има подобра редакција, повеќе оригинална содржина, настани, истражувања и нови функционалности, треба да биде одржлив бизнис. Не е најромантичниот дел од приказната, но серверите, развојот и платите сè уште не може да се платат само со лајкови…

Затоа v7 подобро ги поврзува IT.mk/market, IT.mk Кариера, премиум членството и новите партнерски формати со остатокот од платформата. Комерцијалната содржина ќе биде јасно означена, а целта е компаниите да добијат формати кои носат реална вредност, наместо уште еден банер кој сите научивме да го игнорираме.

Колку е IT.mk посилен како бизнис, толку повеќе може да инвестира во заедницата и содржината.

Ова е почетокот на v7

Нема да кажеме дека сè е совршено. Не е.

Ќе има работи кои ќе ги подобруваме, функции кои ќе ги менуваме и идеи кои можеби ќе звучат одлично на состанок, а ќе испаднат катастрофа кога ќе ги користат вистински луѓе. По речиси 20 години, барем ова добро го знаеме.

Затоа, користете го новиот IT.mk. Гласајте, коментирајте, отворете тема, споделете искуство, препорачајте производ, најдете работа или кажете ни што сме утнале. Само, кога пријавувате проблем, пишете кој browser го користите и пратете screenshot. „Не работи“ сè уште не е доволно добар bug report ниту за најновите модели на OpenAI и Anthropic. :)

Со v7 се враќаме на оригиналната идеја од 2007-ма, но со речиси две децении повеќе искуство:

Едно место за македонската ИТ сцена. Место за читање, учење, дискусија, работа, купување, продавање и поврзување. Повеќе од портал. ИТ заедница.

Добредојдовте на IT.mk v7.

w00t w00t!

Avatar photo
Напишано од

Дамјан Дано

Дамјан е иницијатор и еден од ко-основачите на IT.mk, а исто така и основач на ИТ компанијата IWM Network и на Aqtos, бизнис оперативен систем за компании. Има повеќе од 20 години искуство во развој на дигитални производи, дигитална трансформација, веб-развој, UX/UI, SEO, брендирање и е-трговија.

Сите написи од овој автор
Што се дискутира на ИТ форум...Kоментари на статија (0)

Loading new replies...

аууууу крш ахахахахахах отруја сам се

одговори 2 лајкови

Топ дечки. Мене ми се допаѓа. Поддршка од мене за промени.

одговори 2 лајкови

Браво! Ептен е Science Fiction!

И да надополнам, концептот на функционален форум во 2026год и одржување на каква таква заедница која ќе учествува ќе споделува информации кои ќе се читаат ми е сам по себе фасцинантен.
Покрај сите социјални мрежи кои го уништија стариот конвенционален пристап... Ги користам Редит и Дискорд чат пат..
Редит во некоја смисла ајде потсетува на доброто старо форумарење.... можеби и затоа Редит останува топ број еден платформа од каде Google и неговиот engine црпат релевантни genuine информации на разно разни теми споделени од луѓе, unbiased....

Инаку во однос на новиот изглед ако може некој елементи да добијат поголем фонт, Премногу различни големини се распослани по екранов. На 1080p резолуција ако го ставам browser-от na 110% ми е некако по-ОК.
Не дека сум до толку ќорав, its just... better :)

одговори 1 реакција

аууууу крш ахахахахахах отруја сам се

Ај поконкретна критика плс

одговори 1 реакција

На која резолуција ги тестиравте промениве?

На телефон се е изместено, на разни scaling резолуции многу се изместуваат форумот и страната.

одговори Лајк

Само на десктоп тестиравте?

Не, моментално се качува верзија и се тестираат некои работи, провери мобилна за 15 минути и ако не е ОК, сподели плс

одговори Лајк

Не, моментално се качува верзија и се тестираат некои работи, провери мобилна за 15 минути и ако не е ОК, сподели плс

Океј. Од телефон се префрлив на ПЦ да ја видам страната ама и на десктоп има премногу проблеми со дизајнов.

одговори Лајк

Океј. Од телефон се префрлив на ПЦ да ја видам страната ама и на десктоп има премногу проблеми со дизајнов.

Слободно пријавувајте ствари, плс само со prs scr.
Има за пеглање ситници, не викаме не...

одговори Лајк

до кај сме со аудио формат на поголеми статии...
ај што читам за професија секој ден по десетина страници,
па кога треба на слободни теми да читам нешто што полесно ми е да го прелистам на слушање
е тогаш дури решам дека знам што пишува во темата па обично скокнам читање...
што секако ако се случува кај повеќемина (од иста или слична причина) е тотално промашување на намената на статиите

сепак вие ги имате бројките пред сѐ и кај вас е решавањето
само намалете барем минус еден од кликовите (оти еве ги стојат отворени а сеуште се непрочитани)

одговори Лајк

абе грдо е :/
леее

одговори 3 лајкови

Добивај известувања
Извести ме за
guest
33 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
To top
{title}