Што е саботна симс средба?
Неделна статија замислена да ја информира The Sims заедницата преку детално разгледување експанзии и бројни додатоци за култната симулација.Преку критичка посвета на бројните новитетите поврзани со додатокот, ве известуваме за тоа што најдобро функционира во поглед на механиките и на какви сѐ работи би можеле да наидете за уредување на вашиот дом.
Моментно, The Sims 4 има 17 главни експанзии, 12 game пакети, и 20 stuff пакети. Целта на оваа статија е заеднички да поминеме низ сите нив!
Претходните саботи пишувавме за:

The Sims 4: Seasons – една од најдобрите експанзии за The Sims 4!
Доколку ги прашате поголемиот дел од гејмерите за тоа која би можела да биде најдоброто проширување за The Sims 4, едногласно би добиле одговор: The Seasons! Со динамиката која произлегува од годишните времиња, сржтта во целата игра зазема многу поразлична форма, а самата експанзија се поставува како едно од задолжителните проширувања, како во поглед на новите механики, така и во поглед на новите предмети и облека за вашиот дом.
По чекорите на постарите браќа
The Sims 4: Seasons излезе пред добри шест години, односно во мај 2018 година. Уште во првите неколку минути, гејмерите забележаа дека експанзијата ги користи и надградува најдобрите работи кои претходно беа воведени во The Sims 2: Seasons и The Sims 3: Seasons.Концептот за годишните времиња по првпат се воведе 2007 година, како петта експанзија за The Sims 2. Проширувањето ви дозволи да ги искусите сите годишни времиња во преубавото место – Riverblossom Hills. По првпат, временските услови воведоа значителна доза на реализам, а се појави и можност за подлабоко занимавање со градинарство и риболов.
Пед години подоцна, успехот на The Sims 3 го насочи развојното студио да ја направи истоимената експанзија и да ја прошири основната игра со дополнителни активности кои се уникатни за секое годишно време. Паралелно со ова, се даде предност и на впечатливи фестивали, променливи временски услови, носење соодветна облека за подобро справување со елементите и уживање во најголемите празници низ годината.

Одново воведување празници, временски услови, градинарска кариера и вештина за уредување цвеќиња
Како петта експанзија за The Sims 4, Seasons се труди да воведе многу работи кои беа препознатливи во претходните игри од серијалот, но и да воведе дополнителна свежина со целосно нови елементи.
Во The Sims 4: Seasons една година има четири годишни времиња, а секое годишно време е пропратено со уникатни активности, празници и временски услови. На овој начин, се поставуваат темели за целосно разбивање монотонија така што вашите симс ликови секогаш имаат нешто ново за правење, дали тоа ќе биде лизгање на мраз во зима, дружење со мистериозни гаврани на есен, негување романтична врска на пролет или пак добивање божествен сончев тен кој ќе им го упропасти летното патување на комшиите!
Топол-ладен третман
Годишните времиња целосно ги обликуваат животите на вашите симс ликови, особено во поглед на секојдневните обврски. Една главна механика е поврзана со температурите и со тоа како симс ликовите реагираат зимно време кога е многу студено, или летно кога е многу топло. Од друга страна, пролетта и есента се истакнуваат со променливи температури, но и со обилни врнежи од дожд, или невреме со грмотевици.

За време на топлотни бранови, ако симс ликовите не носат лесна, летна облека, може да умрат. Сличната ситуација е можна за време на суровите зимски денови. Проширувањето пушта длабоки корени во сите светови. Откако ќе ја активирате Seasons, сите светови од основната игра и другите експанзии ќе имаат најразлични времиња, почнувајќи од сончево, преку облачно и дождливо, па се до ветровите и снежно.
Дали знаевте дека….
– Seasons е второто дополнување кое истоимено се провлекува низ три генерации на Sims игри, исто како и The Sims Pets– The Sims 4: Seasons е едно од ретките проширувања кое нема нов свет во кој можете да градите куќи и да управувате со симс ликови. Наместо нов свет, тимот се има посветено на сите останати светови и на тоа како временските услови допринесуваат до свежи искуство
– Обично, имињата на сите експанзии се со два збора. До пред два дена, The Sims 4: Seasons беше единствената експанзија со еден збор во насловот. Ваквиот тривијален рекорд сега е срушен со излегувањето на Lovestruck.
– Некои од предметите кои ќе ги најдете во оваа експанзија ги има во друга боја во The Sims 4: Spooky Stuff и The Sims 4: Holiday Celebration Pack, што е подразбирливо бидејќи овие два додатока се тесно поврзани со фестивалите

Празнично расположение
Како уште една клучна механика поврзана со The Sims 4: Seasons се празниците кои се светски настани од повторлив карактер. Се случуваат секоја година и доаѓаат со претходно- дефинирани начини на кои може да се слават. За пофалба е тоа што се работи за отворен систем кој ви дозволува да ги менувате празниците така што исфрлувате или додавате дополнителни параметри.
Доколку сакате, можете и вие лично да си направите некој целосно нов празник. Секој празник е дефиниран од множество таканаречени традиционални активности. Што повеќе традиции испочитувате, толку посреќни ќе бидете по завршувањето на празникот. И обратно! Секој празник може да има до пет традиции поврзани со елка, дрво со пари, подароци, прскалки, бројни декорации и слично.
Сите овие работи што ги споменавме дополнително се олеснети благодарение на имање функционален календар. Преку календарот ќе можете да видите какво време ве очекува, кои празници се приближуваат и за какви социјални настани би требало да се спремате. Доколку нешто не ви одговара во поглед на времето, имајте го во предвид следново: машина за управување на времето! Не кажуваме ништо повеќе од ова, туку суптилно ќе се навратиме на календарот за да кажеме дека, иако првично беше воведен со Seasons, подоцна беше имплементиран и во основната игра.

Каква облека ќе најдете во The Sims 4: Seasons?
Create a Sim режимот ќе ви дозволи да ги „дотерате“ вашите Sims ликови со 150 парчиња облека. Тимот се има потрудено да понуди најразлична облека, се со цел подобро да се справат вашите ликови со променливите температури, а и да изгледаат убаво.

Какви предмети ќе најдете во The Sims 4: Seasons?
Build Mode, од друга страна, се одликува со 179 предмети за најразлични соби. Посебен акцент се дава на предмети со традиционални вредности кои се карактеристични за време на најголемите празници.

Дружба без граници
Тоа беше нашата трета статија за една од најпопуларните симулации. Се надеваме дека дел од работите што ги прочитавте ви беа интересни и дека ќе не пречекате и наредната недела каде под лупа ќе ставиме уште едно DLC создадено за моментните летни горештини! Во меѓувреме, дали знаевте дека The Sims 4 само што ја доби 17-та главна експанзија? Целосно фокусирајќе се на љубовта, експанзијата Lovestruck излезе на 25 јуни и, покрај нови романтични механики, симс ликовите ги можат да се подноват и со нова облека и со нови предмети за нивниот дом. Нашата рецензија можете да ја очекувате веќе наредната недела!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Maxis
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 21 јуни 2018







