Неодамна, пишувавме за различните контролери на PowerA. Низ годините, оваа компанија има исфрлено бројни лиценцирани додатоци за Microsoft и Nintendo. Од време на време, наидувавме на неколку нивни модели во продавниците како Анхоч, но не ги гледаме онолку често колку што би сакале, особено кога ќе се земе во предвид дека се работи за добра компанија која се труди да балансира квалитет, пристапност и цена.
Од најновото што го имаат на понуда се истакнуваат контролерите:
- OPS v1 Wireless Controller за Cloud Gaming
- OPS v3 Pro Wireless контролер за PC и Cloud Gaming со Lumectra
- FUSION Pro 4 жичен и бежичен контролер за Xbox Series X|S
- Enhanced Wireless Controller за Nintendo Switch
Благодарение на PowerA и 1Up, успеавме да го добиеме контролерот OPS v1 Wireless Controller. Се потрудивме да направиме видео преку кое го отпакуваме и детално ги разгледуваме содржините во пакетот. Паралелно со ова, поминавме неколку денови во тестирање на контролерот, се со цел да заклучиме дали контролерот заслужува да се најде на нашиот пазар и во нашите домови.
Видео отпакување на OPSv1!
Како што можевте да забележите од видеото, кутијата беше значително оштетена, алудирајќи на проблематично патување. За среќа, контролерот беше одлично спакуван во внатрешноста и не наидовме на никакви оштетувања. Во внатрешноста на кутијата на OPS v1 Wireless Controller-от ќе најдете:
- Контролер
- Кабел за полнење (1.5м должина)
- 2.4Ghz USB адаптер за бежично приклучување
- Thumbsticks додатоци за L3 и R3
- Упатство за бројните функции на копчињата
- Картичка со код за глајдер во Fortnite (Вакви глајдери обично одат по цена од 1000 до 1500 вибакси, или од 600 до 1000 денари – видеото е на крајот од рецензијата)
Првото нешто што ќе ви влезе во очи и целосно ќе ве импресионира е предниот дизајн на контролерот. Како огромни фанови на Fortnite, никако не можевме да останеме рамнодушни на бело-црниот дизајн, особено на златните букви кои доминираат на левата страна од контролерот. Иако исклучително лесен, OPSv1 се чини изработен од квалитетна пластика, со креативно изгравирана подлога на клучните места, како би се намалило лизгањето на прстите за време на гејминг сесиите.
Посветата на деталите е особено видлива на задната страна од контролерот. Мора да признаеме дека бевме пријатно изненадени од поставеноста на дополнителните копчиња и можностите кои истите ги нудат. Имено, на десната страна ги имате AGR 1 и AGR 2 копчињата, а на левата страна ги имате AGL 1 и AGL 2. Помеѓу нив, имате можност за активирање програми, како и опција за премин во три-претходно дефинирани заклучувања на тригерите, како T1, T2, и T3. Подетални информации за овие можности во вториот дел од рецензијата.
Во поглед на големината и дизајнот, контролерот, особено црната верзија, исклучително потсетува на Xbox Series контролерот. По неколку години константно играње со Xbox Series и PS5 контролерот, немавме никаков проблем за инстантно и природно користење на OPSv1. Најголемиот (и најпријатниот) предизвик беше во користењето на копчињата на задната страна и нивно прилагодување, како би можеле да извлечеме што е можно поквалитетни и поефикасни гејминг сесии.
OPS v1 се рекламира како контролер за клауд гејминг, но контролерот, како што набргу забележавме, е одличен и за директно приклучување и гејминг преку компјутер. OPS v1 се приклучува на три начини: преку 2.4Ghz USB адаптер, Bluetooth, или жичен кабел. Првично, се приклучивме преку USB бежичниот адаптер, но немавме никакви проблеми ни при играње преку Bluetooth, или директно преку USB кабелот. Се работи за стандардно, брзо и ефикасно поврзување.
Пред да почнеме со вториот дел од рецензијата, вреди да се каже и збор-два за батеријата. За разлика од Xbox Series контролерот, OPS v1 крие под хаубата солидна батерија на полнење од 550mAh. Оваа батерија е сосема доволна за нудење 20 часа играње. Подразбирливо, може да играте и додека батеријата се полни, но имајте во предвид дека процесот на полнење знае да потрае и до три часа.
In The Middle of Some Calibrations!
PC HQ апликацијата ќе се погрижи за тестирање и калибрирање на вашиот контролер.
Нашиот контролен беше автоматски препознаен, дозволувајќи ни инстантно да навлеземе во детални прилагодувања на копчињата. Од следното мени, можевме да тестираме, односно калибрираме, да вметнуваме нови функции за копчињатата, стиковите, или тригерите, како и да ги прилагодуваме вибрациите.
Пријатно бевме изненадени од можностите за прилагодување. PowerA се имаат навистина погрижено ова да биде вашиот ултимативен контролер, дозволувајќи ви да ги средите работите баш онака како што вие сакате. Во одделот Mapping точно можете да наместите што да прават четирите задни копчиња, а во одделот Turbo местите предните копчиња да имаат различна функција секој пат кога средното копче од задната страна е вклучено.
Во Joystick можете да местите мртви зони и лакови, да превртувате одредени движења, како и да поставувате поразлични вредности за прецизност при управување. Преку Triggers одделот можете да местите колку се одат тригерите наназад секој пат кога ќе ги претиснете, а Rumble Force ви дозволува да ја прилагодувате јачината на двата мотори кои ги имате во двете страни од контролерот. Овие мотори се задолчени за сите вибрации кои ги чувствувате во контролерот.
Благодарение на сите овие опции, контролерот станува значително подобра верзија од она што може да се најде во стандардните Xbox и PS контролери. Еднаш кога видовме колку можат работите да бидат прилагодени на нашите потреби, никако не сакавме да се вратиме на стандардните контролери. Од особена корист се копчињата од задната страна на OPS v1, особено турбо копчето благодарение на кое избегнувавме непотребно шетање низ мениата. Дополнително, прилагодувањето на претискањето на тригерите, пружи пофлексибилни можности во пукачките игри, дозволувајќи ни поавтентични можности при нишанење и пукање.
Видео тест: Starfield со OPS v1!
Мерак за душа?
Најдобар начин за да се здобиете за впечаток дали OPS v1 е добар контролер или не е да се запрашате следново: Дали уживате во користењето на Xbox Series контролерот на Microsoft? Во поглед на користењето, OPS v1 е многу сличен на Xbox Series, но 25% полесен и со еден куп копчиња за максимално и целосно прилагодување, како и со повпечатливи вибрации, особено при пукањето и експозиите. Квалитетот е на доволно високо ниво да во ниеден момент не се чувствувавме како да играме со евтин или нефункционален контролер.
Дополнителните копчиња на OPS v1 се поставени на лесно достапни места и, по одреден период на навикнување, без проблем ќе можете да ги користите како би побрзо и поефикасно дошле до саканите функции. The Elder Scrolls: Online е една од игрите кои одлично се играат со контролер, но, и покрај тоа, често бара одредено скокање низ мениата. Со OPS v1 успеавме да ги прилагодиме бројните опции баш како што сакаме и инстантно да дојдеме до нашите квестови, куќи, и опрема. Дополнително, контролерот го тестиравме и со Project Tower, Legacy of Kain Soul Reaver 1&2 Remastered Remastered, Lords of the Fallen, и Voin. Тешко ни беше да најдеме некаква драстична разлика помеѓу OPS v1 и стандардниот Xbox Series контролер. По одредено време, особено откако навиквавме со користење на копчињата од задната страна, тешко ни беше да се вратиме на Xbox Series.
Елитна алатка?
Поради сите овие работи, искрено посакуваме OPS v1 Wireless Controller да беше достапен на нашиот пазар, особено останатите контролери кои PowerA ги има на понуда. OPS v1 е одлична и релативно евтина алатка за елитен гејминг. Колку и да се трудиме, навистина немаме ништо негативно да споделиме за контролерот, особено кога ќе се земе во предвид дека чини само 50 евра (моментно се продава на официјалната страна со попуст, односно за 40 евра). Како што можеби забележавте од горното видео, имавме мали проблеми при заклучувањето на тригерите, нешто што бара одредено калибрирање преку апликацијата за да функционира како што е замислено. Надвор од ова, најблиско нешто до можностите кои се кријат во OPS v1 имаме делумно видено во елитните и значително поскапи верзии на контролорите на Microsoft и Sony, со тоа што нивната цена оди од 150 евра, па нагоре.
Доколку ви се пружи можност да го најдете овој контролер во странство, нашата препорака е да го грабнете и да бегате. За тие пари, можностите кои ги има се на исклучително високо ниво! Топла препорака за сите гејминг ентузијасти кои ги започнуваат нивните сесии од комфорот на нивниот кауч. И, за крај, во случај да се прашувавте како изгледа глајдерот во Fortnite…