Зошто да ја играте Project Tower?
- Фанови сте на Returnal и сакате да навлезете во слично инди остварување
- Сакате адреналински битки каде проектилите летаат на сите страни
- Не се плашите од предизвикувачки загатки кои бараат комбинација од размислување и брзи рефлекси
Надежта последна умира
Project Tower ја започнува приказната така што поставува темели за крај на човечкото доба, за тоа како мистериозна вонземна сила брутално ги уништува луѓето. Она што има останато од луѓето служи за забава на вонземната раса Хикс. Како еден од заробените луѓе, ќе имате за задача неуморно да напредувате низ кулата, надевајќи се дека ќе можете да се изборите за вашата слобода. Покрај sci-fi форма на гладијаторска арена, кулата служи за собирање корисни податоци за армијата на расата хикс. Имено, што повеќе убивате нивни војници, тоа повеќе учат за како да бидат посилни.
По краток вовед во приказната, Project Tower остава многу работи на имагинацијата на играчите. Иако играта поставува одлични темели за еден мистериозен и невообичаен постапокалиптичен свет, наративниот аспект останува релативно неизграден. Но, тие темели се мајсторски засилени од квалитетно изработени меѓу-секвенци. Поради тоа, Yummy Games првенствено се фокусираат на делот со битките, нудејќи одлични можности за незаборавни bullet hell пресметки.
Битки и загатки зачинети со уникатна трансформација
На почеток, располагате со основни движења и само едно, релативно скромно, но функционално оружје. Project Tower почнува полека и ви дозволува соодветно да се прилагодите на пеколот од куршуми кој неизбежно ќе стапи на сила. Почнувајќи првин со неколку едноставни непријатели во релативно тесни простори, играта ве запознава со клучните механики – битки и загатки.
Како напредувате низ кулата, така ќе можете и да користите најразлични оружја за блиски и далечни пресметки. Секое убивање на непријателите ви дава одредена валута која ја трошите за отклучување на порти и напредување низ кулата.
Како една од најиновативни механики е метаморфозата. Оваа моќ ви дозволуваа да се претворате во најразлични суштества за да го искористите елементот на изненадување. Но, покрај прикрадување или провлекување покрај непријателите, метаморфозата ќе ви послужи и да преминете одредена пречка, нешто што не би било можно додека сте во човечката форма, како тесен премин или огромна провалија.
Оваа техника е одлично изведена и со задоволство се трансформиравме во најразлични суштества само за да бидеме крајно воодушевени од уникатните движења и способности. По убивање на нашиот прв бос, кој многу не потсети на alien од осми патник, можевме да ја апсорбираме неговата днк, да се претвориме во него и да топиме шипки, да напаѓаме други непријатели со огнени топки, како и да скокаме на огромни далечини.
Но, не е се во битките. На одредени места ќе биде потребно и да користите најразлични алатки за да решавате предизвикувачки загатки. Иако загатките не се премногу тешки, некои од нив знаеја како да не замислат, или да ги тестираат нашите рефлекси. Иако нам ни се допаднаа премините помеѓу битките и загатките, разбираме дека ваквото нешто нема да им се допадне на сите, особено на оние играчи кои навлегуваат во играта само поради акцијата. Но, оние кои се по загатки, ќе бидат пријатно изненадени да прочитаат дека алатките што ги спомнавме погоре сте всушност вие. Имено, покрај тоа што можете да се трансформирате во суштества, ќе можете да се трансформирате и во одредени предмети, како на пример алатката за влечење тешки предмети.
Помеѓу секој спрат, навлегувате во таканаречената зона за транзиција. Овие зони се замислени ем да ја зголемат анксиозноста помеѓу босовите ем да го дополнителни истакнат крајот на едниот спрат и почетокот на наредниот.
Епско патување
Project Tower се чини како одлично опримизирана игра, дури и во визуелно силни сцени каде се случуваат многу работи од еднаш. Во поголемиот дел, анимациите се солидни и веродостојно ги прикажуваат вашите движења. Но, некои непријатели знаат да се движат несмасно, особено при изведбата на одредени напади. Од друга страна, оружјата и моќите се одликуваат со веродостојна тежина, правејќи да се чувствувате како исклучително моќна и несопирлива сила.
Мапите се внимателно и квалитетно осмислени, со воодушевувачки и колосални дизајни кои како да ја користат секоја прилика за да потенцираат колку сте мали и незначајни. Паралелно со ова, музичката подлога одлично создава епска атмосфера која го охрабрува вашето напредување низ спратовите.
Returnal за сиромашни?
Многумина ја споредуваат Project Tower со Returnal, што сметаме дека е крајно нефер компарација. Двете игри можеби имаат една допирна точка (bullet-hell), но во многу работи сепак се разликуваат. Одредени гејмери побрзаа да ја отфрлат играта само затоа што не е на исто високо ниво како Returnal, лесно заборавајќи дека ова е инди игра направена со ограничени финансиски средства, но многу љубов.
Времето кое го поминавме со Project Tower беше полно со забавни моменти. Со задоволство се соочувавме со вонземните суштества и ја користевме нивната dnk за уникатно напредување низ играта. Тука и таму, лесно бевме фрустрирани од одредени загатки, но, на крајот од денот, благодарни сме за тестирањето на нашите рефлекси (и нерви). Во случај да компеете по солиден bullet hell шутер во трето лице, Project Tower е солиден наслов чија ДНК би требало да ја апсорбирате.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Yummy Games
- Издава: Yummy Games
- Жанр:акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 6 јануари 2025