Пред да ја заиграме Super Sketch Bob бевме исклучително скептични. Нешто околу визуелниот стил не принуди да не очекувавме дека ќе биде добра игра. Предрасудата е опасна работа. Super Sketch Bob излезе дека е едноставна, но крајно забавна релаксирачка игра во еден пријатен и шаренолик свет.
Игра која се прилагодува на вас
Super Sketch Bob ви дозволува да играте со плаво човече кое живее за три работи: трчање, скокање и цртање. Шареноликиот свет, кој како да е излезен од боенка за деца, ви дозволува да „цртате“ мостови, скали и трамболини додека уживате во освежителна музичка подлога. Саутракот е мелем за ушите. Често продолжувавме со играта само за да ја дослушаме моментната музичка нумера или за да дознаеме која би била наредната.
Како и да е, имате за задача да одите од точка А до точка Б. Тој пат е полн со непријателски, но неодоливо слатки животни како и проблематични препреки. Описот на играта вели дека ги цртате бројните мостови, скали и трамболини, но тоа не е баш така. Имено, се што треба да направите е да притиснете одредено копче за да се магично појави таквиот предмет.
Низ шестте уникатни светови, ќе имате за задача и да откривате најразлични скриени места и тајни, како и да наоѓате и носите најразлични костими (ги има 50!). Играта ќе излезе во пресрет и на тие што сакаат предизвик и на тие што сакаат релаксирано напредување. Super Sketch Bob може да (не) го ограничува бројот на предметите кои ги цртате, да го успорува времето, да ве направи бесмртни, или пак да ги одстрани проблематичните пајаци. Како сакате – така.
На крај на денот, мило ни е што ја откривме Super Sketch Bob и што и пруживме шанса. Доколку сакате да навлезете во пријатни и интересни светови со интересни можности за напредување, погрижете се барем да го проверите бесплатното демо на официјалната страна на Steam.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Wayward Thoughts
- Издава: Wayward Thoughts
- Жанр: платформер
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 16 март 2023