Како може технологијата да помогне во продлабочувањето на духовните врски, особено во денешниот свет? Преку комбинирање на вештачката интелигенција со библиските учења, BibleChat, стартап со седиште во Галаци, Романија, се обидува да одговори на ова прашање. Во текот на изминатата година, стартапот стана препознатлив во романскиот стартап екосистем поради својата апликација која нуди т.н. “разговори со Библијата“.
Апликацијата нуди уникатни можности кои се дизајнирани да го направат духовното искуство и поврзаноста со верата подостапна и персонализирана. Од приспособени молитви и одговори на разни религиозни прашања до интерактивни игри кои учат библиски принципи, BibleChat цели кон воспоставување на еден модерен начин на верска интеракција.
Со преку 7 милиони преземања – 6 милиони од нив од САД – и финансирање од 14 милиони долари, BibleChat е на патот да стане една од најголемите христијански апликации во светот. Поддржана од инвеститори како Silicon Gardens и Underline Ventures, компанијата сега е подготвена за понатамошен раст.
Во ова интервју со IT Logs, ко-основачот и извршен директор Лауренсиу-Виктор Балаша разговара за историјата зад BibleChat, нивниот извонреден раст и плановите за иднината.
IT Logs: Што ве инспирираше да ја креирате BibleChat. Kaко вашата вера влијаеше на развојот на апликацијата?
Лауренсиу-Виктор Балаша: Во 2019 година поминав низ период каде се чувствував изгубено. Добри шест месеци се прашував за мојата вистинска цел во животот.
Имав 30 години. Може да се каже дека поминав низ егзистенцијална криза. Копнеев да откријам која е целта зад моето постоење.
Низ таа долга фаза на размислување, сфатив дека единствената универзална вистина низ целото човечко искуство е страдањето. Открив дека страдањето е неопходен дел за да се биде човек.
Конечно сфатив дека вистинскиот раст започнува дури кога некој ќе ја прифати оваа реалност.
Најголемиот пример за ова прифаќање е во христијанството. Исус ни покажа како можеме да го надминеме страдањето. Тоа сознание беше како искра која ја разгоруваше во мене потребата да им помогнам на другите да најдат утеха и смисла во нивните сопствени борби.
Од таа искра се роди BibleChat.
Мојата цел стана да им помогнам на другите да ги намалат нивните страдања – преку прифаќање.
Како вештачката интелигенција зад BibleChat обезбедува персонализирани молитви и контекстуални одговори на библиски прашања?
Во сржтта на BibleChat се наоѓа внимателно изграден систем за вештачка интелигенција. Овој систем го дизајниравме од темел.
Преку Retrieval-Augmented Generation системот и благодарение на нашата работа со свештеници и пастори од различни деноминации, успеавме да создадеме сопствена инфраструктура.
Оваа работа со свештеници, пастири и библиски научници од повеќе христијански деноминации гарантира дека секој одговор, молитва или стих од Светото писмо е 100% усогласен со Божјото Слово.
Целта отсекогаш била да се испорача персонализирано водство – без разлика дали тоа е срдечна молитва или одговор на одредено библиско прашање.
BibleChat забележа импресивен раст, со 7 милиони преземања на глобално ниво. Од што е поттикнат овој успех?
Искрено, јас и мојот коосновач сме во полето со апликации веќе 15 години. Ја искористивме нашата експертиза за промовирање на BibleChat на пошироката јавност.
Паралелно со ова, верувам дека фактот што го измисливме овој нов начин на интеракција со Библијата (на пр. прашување и примање одговори) придонесе за огромниот интерес за BibleChat на глобално ниво.
![](https://it.mk/wp-content/uploads/2024/12/image-97.png)
Со над 14 милиони долари собрани од финансирање, какви нови функции или проширувања можат да очекуваат корисниците во блиска иднина?
Возбудени сме што ќе ги прошириме начините на кои луѓето можат да се вклучат во BibleChat и да се поврзат еден со друг. Еден од нашите главни приоритети е градење на посилно искуство во заедницата.
Ние, исто така, развиваме поимпресивна содржина, како што се водени аудио-побожни и подлабоки алатки за проучување, за секој да може да го истражува Светото писмо на свеж, значаен начин. Нашата цел е да продолжиме да се развиваме, водени од нашата посветеност да
им служиме на корисниците од сите сфери на животот и да останеме верни на Божјата реч.
Како планирате да одржите рамнотежа помеѓу зголемувањето на вашата корисничка база и зачувувањето на основните вредности на апликацијата?
Технологијата ја гледаме како моќна алатка која ни помага да останеме верни на нашите вредности, без разлика колку растеме.
Нашата мисија – детално опишана на нашата веб-страница – останува камен-темелник над кој се донесува секоја одлука.
Со инвестирање во комплексни процеси за преглед на содржината, соработка со верски лидери и смислено дизајнирање на секоја нова функција, можеме одговорно да се прошируваме, без да правиме компромиси во самата апликација.
Тоа е убавината на технологијата: таа ни дава моќ да допреме повеќе луѓе додека остануваме приземјени во нашата основна цел.