По неколку изгубени битки со удолнината за влез во гаражата и неколку повредени ретровизори, луѓето од софтверската компанија CodeChem решаваат дека ова место во зградата каде што се нивните канцеларии, сепак не било судено за автомобили.
Така, во изминатите речиси две години, овој простор прераснува во нешто сосема поразлично и денес тоа е место кое обединува голем број ИТ ентузијасти од најразлични сфери на индустријата. За тоа каква е намената и што сè се случува во Base42, од разговорот со Павлина Бучевска, community менаџер на овој простор.
Од каде дојде идејата за Base42, и колку време беше потребно за реализација?
Павлина Бучевска: 42.mk е иницијатива и заедница во која секој ИТ ентузијаст е добредојден, чиј физички простор-хакерспејс наречен Base42 се наоѓа во гаража во Тафталиџе.
Идејата постои со години, а и денес сѐ уште се развива и оформува бидејќи голем дел од работите се прават волонтерски и многу помали идеи се раѓаат попатно за кои треба време да се реализираат. Идејата зема замав за време на КОВИД-19, а потекнува од неколку инженери на кои што програмирањето и технологијата им се и работа и хоби.
Главната замисла е да се направи место каде ќе се поддржуваат ИТ заедниците, ќе се разговара за новитети во технологија, ќе се споделува знаења, ќе се дели опрема, место каде ќе има дружба.
Реализацијата започнува пред година и пол кога истите овие луѓе започнуваат да ја средуваат гаражата во која денес се наоѓа Base42. Се купува алат за работа со дрво, рачно се прават звучни панели, бина…и ова средување сѐ уште трае. Секој допринесува колку може. Местото добива облик од идеите, потребите и иницијативите на луѓето и заедниците кои доаѓаат тука.

Приказната за вратата на гаражата на CodeChem и настанувањето на Base42, каква е тука поврзаноста?
Низ историјата се покажало дека многу добри идеи се родиле во гаража, па така и 42.mk.
Ова место е подарок и е во припадност на сите ИТ заедници и на сите љубители на технологијата. Работи како засебен ентитет. Секој човек што ќе дојде овде и ќе се почувствува дека припаѓа, може слободно да го смета и да рече дека Base42 e негово место. Тоа е и ќе остане мотото на хакерската култура.

Каков тип на настани се организираат во Base42 и каква е посетеноста?
Многу ИТ заедници ги прават нивните месечни средби во Base42. Посетеноста со секој настан е сѐ поголема. Се организираат и хакатони, bootcamps, неформални средби за споделување знаење.
Во Base42 се започнати и многу open source проекти и тука се случуваат неделни средби на кои може да се приклучи секој кој е заинтересиран. Во просторот има server rack за оние што сакаат да учат сервери, 3D принтер, микроконтролери, различни алати. Идејата е доколку некој сака нешто да научи, да не мора да ги купува овие работи, туку да дојде и да ги искористи.
Многу ни е драго што и Донирај компјутер отворија работилница во нашите простории, па сите што сакаат да волонтираат или да донираат компјутер, може да дојдат во Base42. Студентските организации исто така го користат просторот.
Секако, освен овие активности, мора да има и малку забава. Организираме и board games night, documentary night, а вратите се отворени и за млади бендови кои сакаат да ги покажат своите музички способности.
Base42 има и discord сервер на кој се дружиме и виртуелно. Па, повелете.

Колку Македонија има потреба за градење на вакви заедници и какво е значењето за ИТ индустријата во земјата?
По пандемијата, многу работи се ставија на мирување, некои згаснаа, некои веќе никогаш не проработеа во полн сјај. ИТ заедниците во Македонија полека се опоравуваат. Хакерската култура на љубопитност, желба за нови знаења, несебично споделување на наученото, придонесување во open source проекти која насекаде во светот постои и се негува, треба да се развива и кај нас.
Base42 започна со активности без многу најави и природно се развива. За краток период од неколку месеци се случија голем број на настани и проекти, што е доказ плус колку луѓето имаат потреба од вакво место.
Бенефитите се големи за секоја индивидуа, но и за ИТ индустријата во целост. Иако во последните години ИТ професиите се поврзуваат со индивидуализам и самостојна работа пред компјутер, тоа не е така. Личен и општествен раст и развој се случува само ако се има чувство на припадност, ако се споделуваат информации, ако се бараат нови знаења, ако луѓето си помагаат и се потпора едни на други. Мора да се покаже грижа и одговорност за луѓето околу себе. Само така ќе се добијат добри инженери, а со тоа неминовно доаѓа успех во целата индустрија.

Кои се следните планови за Base42 и со каков тип на компании, организации итн имате соработка?
Base42 е нов хакерспејс. Сакам да изразам огромна благодарност до сите луѓе, организации и иницијативи без кои овие 6 месеци, местото немаше да биде реалност.
Имаме многу планови, многу идеи и ги покануваме сите да дојдат да ни се приклучат, заедно да го изградиме, да го подобриме, да го растеме. Отворени сме за соработка и со компании и со организации, сѐ додека е во духот на местото. Се надеваме дека хакерската култура ќе го надрасне местото и ќе земе голем замав.
Плановите секогаш се реализираат таму каде што има мотивација и пасија, а верувам дека ги имаме во огромна мера.







