На 5 декември со почеток во 18 часот, во Base42, ќе се одржи официјалното (ре)лансирање на платформата Shift2Games. Овојпат платформата е целосно достапна на македонски јазик. Shift2Games е наменета за ученици, студенти и млади професионалци. За нив нуди детален преглед на 50 различни работни позиции во гејминг индустријата, како и практични ресурси и совети за почеток или продолжување на кариерата во оваа област.
Shift2Games првично беше лансирана 2023 година на српски јазик и досега беше домаќин на бројни настани низ регионот, вклучувајќи инспиративни предавања и дискусии со локални и меѓународни професионалци. Овој проект сега е достапен на четири јазици – српски, македонски, албански и англиски, како и универзална BHS верзија за целиот регион.
Зошто да учествувате?
Настанот претставува уникатна можност за сите заинтересирани за индустријата на развој на видеоигри – од средношколци кои ги прават првите чекори во изборот на кариера до искусни професионалци кои бараат нови предизвици. Учесниците ќе имаат директен пристап до искусни говорници. Ќе може да слушнат практични совети за различни професии и процеси во гејминг индустријата. Дополнително, неформалното вмрежување овозможува воспоставување контакти со професионалци од локални компании и меѓународни партнери. Ова веројатно е и најважниот дел од настанот, кој може да биде клучен за градење на кариерата.
Shift2Games е организиран со поддршка на Македонската асоцијација за индустрија на видеоигри (МГИ). Посетителите ќе може да ги слушнат говорниците кои ќе ги споделат своите искуства и согледувања од индустријата за развој на игри. Меѓу нив се:
- Милан Личина, професор на Универзитетот Метрополитен во Белград
- Милица Тодоровиќ, продуцент во Ubisoft Белград
- Иван Саздовски, инженер за QA и Compliance Officer во Sindex
Дополнително, ќе биде претставен проектот Playing Narratives, кој годинава се фокусираше на темата за климатските промени. Учесниците ќе имаат можност да слушнат обраќање од Марјана Бркиќ, водечка личност на проектот Climate Europe 2.
Настанот ќе заврши со неформалната средба за вмрежување, со простор за дискусија и запознавање со професионалци од индустријата. Посетителите ќе може да ја погледнат и изложба на Центарот за промоција на науката.
Ова е втор официјален настан на SGA во Македонија, организиран во соработка со МГИ. Организацијата активно работи на поддршка на локалната гејминг заедница и на развој на индустријата за видеоигри.
За крај гостите ќе имаат можност да уживаат и во музичката програма со „DJ Gameover“.