На сите барем еднаш ни се има случено несакајќи да избришеме некој податок или било каков вид на документ за кој подоцна можеме да се покаеме. Токму затоа правењето на редовен бекап на нашите податоци е одлична работа. Една од многуте апликации за Android кои ја нудат таа можност е truBackup.
Со truBackup можете да закажувате колку сакате бекапи и во било кое време, а апликацијата вклучува и бекапирање на контактите, SMS пораките, апликациите и останатите мултимедијални датотеки, а сето ова го чува на вашиот Dropbox простор. Апликацијата има едноставен дизајн со навигација која овозможува брзо завршување на вашите акции. Од почетниот екран со само еден избор можете да направите бекап или да ги вратите вашите податоци, да закажете кога да се прави бекап, а од менито „My Devices“ можете да ги видите сите уреди кои се поврзани со тој Dropbox акаунт.
Откако ќе ја стартувате апликацијата, најпрво ќе мора да ја поврзите со вашиот Dropbox за да и дозволите на truBackup да зачувува на вашата тамошна сметка. Исто така, лесно можете да изберете кои работи да бидат бекапирани, а сето тоа е проследено со информација колкава е големината на датотеките. Со опцијата за закажување на бекап, можете да поставите повеќе бекапи во еден ден, како и во кое време да се направи бекапот. Исто така, возможно е и бекапирање на неделно или месечно ниво.
Бекапираните податоци се енкриптирани со AES 256-битна енкрипција која ги заштитува вашите податоци да бидат украдени. Од поставувањата можете да изберете дали truBackup да прави бекап кога е поврзан на 3G или само кога е поврзан на Wi-Fi.








