Крајот на годината се приближува и, доколку сте како нас, најверојатно се прашувате кои апликации го заслужуваат вашето внимание и би можеле да се вдомат во вашиот телефон. Како за почеток, ископавме пет интересни алатки, а доколку сакате уште, читајте нè и во наредните денови! :)
Целосна контрола врз пораките со Textra
Textra се поставува како интересна алтернатива на Messages. Оваа апликација се одликува со бројни опции за уредување и уникатен приказ на пораките во зависност од нивната боја и фонт, како и икони за известување. Преку textra можете да блокирате контакти, да започнувате или преименувате групи, како и да уживате во одличен мрачен режим.

Максимална контрола на сите ваши рецепти со Copy Me That
Copy me that e одлична алатка за сите гурмани кои сакаат спартанска организација на бројните рецепти до кои се доаѓа преку различни сајтови или пак преку рачно внесување. Оваа апликација ви дозволува да вметнувате и фотографии за најразличните рецепти, како и истите да ги организирате во соодветни категории. Паралелно со ова, имате и листа во која внесувате намирници кои планирате да ги купите, како и планер за оброци кои планирате да ги правите.

До поздраво тело со FitBit
FitBit е апликација која се одликува со 250 видео вежби, бројни програми за подобрување на вашето здравје, броење чекори, евиденција на секојдневни активности, како и поставување и остварување дневни цели. Апликацијата се препорачува на сите што се подготвуваат новогодишната резулуција да им е во здраво тело – здрав дух, а имате на располагање и интересни функции за натпреварување со вашите пријатели.

Обединување на подкастите со Pocket Casts
Pocket Casts е апликација која ќе ги задоволи сите ваши потреби за откривање, преземање и репродукција на најразлични подкасти. Pocket Casts е исклучително лесна за користење и се препорачува нејзино користење и на бројни направи, затоа што се одликува со синхронизација преку облак, автоматско преземање, и лесни можности за споделување.

Уредување на фотографиите со Snapseed
Snapseed е, всушност, една од многуте алатки на Google, а топло се препорачува доколку сакате да уредувате фотографии и да наметнувате најразлични филтри. На располагање имате 29 алатки и филтри кои ќе се погрижат вашата фотографија да заземе целосно нова димензија и да добиете визуелно запрепастувачки финален резултат.

Имате предлог за некоја апликација? Пишете нѝ во коментарите!