Пред нас е продолжен викенд и разбираме доколку ви е преку глава од ААА изданија или критички-признаени инди игри. Во случај да барате нешто помалку познато, но крајно невообичаено и, со малку среќа – забавно, би сакале на кратко да ве запознаеме со следниве 6 игри, плус уште 5 други кои ги проверивме неделава! :)
3D PrintMaster Simulator Printer – Симулација за печатење во три димензии
Во морето од бројни игри од Simulator жанрот, некако посебно се истакнува игра која симулира 3D печатење. Во вашата дигитална работилница, ќе го составите вашиот прв 3D печатач, а потоа ќе можете и да го надградувате користејќи дополнителни делови.
За успешно инсталирање на деловите, користите најразлични алатки.
Откако ќе го оспособите принтерот, ќе можете да купувате материјали за печатење, а потоа и да примате и исполнувате најразлични нарачки. Некои од дизајните за нарачките се едноставни, а некои исклучително комплицирани, што значи константно треба да внимавате на квалитетот на материјалот и потребата за надградбата на печатачот.
На располагање имате и креативен режим каде ви се достапни сите делови на принтерот и материјали, при што можете да 3D принтате без ограничувањата кои ви се наметнати во класичниот режим.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Midnight Games
- Издава: Midnight Games
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows,
- Излезена на: 5 декември 2023
Vaudeville – Детективска игра и танц со вештачката интелигенција
Од сите невообичаени игри на оваа листа, Vaudeville зема златен медал. Се работи за експериментална игра која создава дијалози во реално време користејќи ВИ технологии.
Со започнување на играта, потребно е да посетувате најразлични локации во градот и да разговарате со бројните ликови. Ликовите можете да ги прашате сѐ што посакате. Прашањата ги поставувате или во аудио форма, со зборување во микрофон, или во пишана форма. Ликовите ќе се потрудат да го одговорат вашето прашање, но, сега-за-сега, бројните одговори знаат да бидат нелогични и, со тоа, и збунувачки.
Од времето кое го поминавме во Vaudeville, сметаме дека играта има потенцијал, но би ви ја препорачале само ако сакате да проверите како изгледа кога клучните гејмплеј механики се засновани на ВИ интеграција. Во спротивно, би почекале да видиме како ќе напредува понатамошниот процес на развивање и дали играта ќе прерасне во впечатлив наслов или само уште еден неуспешен експеримент.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Bumblebee Studios
- Издава: BBS Games AB
- Жанр: детективска авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 30 јуни 2023
Snowmen – Стравот од снешковците никогаш не бил пореален!
Новогодишните празници се можност за социјализирање и споделување убави моменти, како правење снежни ангелчиња и снешковци. Но, не се сите снешковци добри и симпатични. Некои од нив се олицетворение на злото и ја користат секоја прилика за да ве зграпчат и уништат, ако не во вистинскиот живот тогаш во играта на Никодем Грзонковски!
Snowmen е кратка бајка за Божиќ, но во хорор опкружување. Целта е да побегнете од сѐ што го прави врп-врп звукот на снежната покривка.
Во вашата навидум-невозможна мисија да преживеете, потребно ќе биде и да собирате невообичаени состојки и да донесувате клучни избори за правецот на движење, дали да ризикувате и соберете некој предмет или да трчате како луди-без-глава.
Доколку сте фанови на Slenderman и слични игри, тогаш претпоставуваме дека ќе ви се допадне атмосферата во Snowmen! Играјте со вклучено светло и внимавајте да не се засекогаш промени вашата перцепција за снешковците.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Nikodem Grzonkowski
- Издава: NikosDreams
- Жанр: хорор, авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 5 декември 2023
Car Simulator 2 за iOS и Android – Бесплатна симулација за вашата паметна направа!
Се работи за моќна симулација која разработува бројни аспекти поврзани со автомобилите. Во отворениот свет имате над 85 автомобили со кои можете да возите во прва или од трета перспектива, да полните гориво на бензиски станици, да ги уредувате возилата, или пак да уживате во преубаво дизајнираните предели.
Играта се одликува со реалистични звучни ефекти, но и со реалистичен систем за оштетување коj веродостојно ги прикажува сите удари и гребнатинки. На располагање имате дено-ноќен систем, бројни можности за надградба на возилата, како и квестови и бонуси кои се менуваат секој ден.
Играта е бесплатна и за ios и за android. Ви ја препорачуваме доколку сакате комплексни надградби и симулација која жонглира помеѓу реалистичното и аркадното искуство.
Повеќе детали за играта
- Произведува: OppanaGames
- Издава: OppanaGames
- Жанр: автомобилска симулација
- Платформа: iOS, Android
- Излезена на: 21 октомври 2023
Pecker – Игра во која се качувате, борите, криете и решавате загатки!
Како следен наслов што би сакале да препорачаме е демо во кое играте како птица и, преку уникатни механики, го користите клунот за да се качувате на најразлични места, но и за да се борите против разнолики непријатели.
Pecker е релативно едноставна игра, но крие бројни начини за забава. Покрај уникатното качување и борење, можете и да се криете и прикрадувате, да собирате предмети (како капи и парички), да разговарате со ликови и да решавате загатки. Демото одлично ги прикажува бројните елементи во огромниот, отворен и шаренолик свет.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Fonteinsoft
- Издава: Bold Head Interactive
- Жанр: платформер, истражување, авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: непознато, демото е достапно
Frostpunk – Постара, но одлична стратегија со уникатни механики за градење, преживување и управување со ресурси
Причината поради која ја препорачуваме Frostpunk е бидејќи се работи за исклучително невообичаена игра. Критички-признаеното чедо на 11 bit studios успеа да ги импресионира гејмерите со трогателна игра за преживување каде градите град во еден целосно смрзнат свет и од петни жили се трудите да споите крај-со-крај во суровата околина.
Играта често ве принудува да донесувате брутално-тешки одлуки, особено кога се работи за управување со ограничените ресурси. Поради тоа, ќе треба да донесувате закони, да одлучувате како ќе функционира здравството и дистрибуцијата на храната, како и да се трудите да го кревате и одржувате моралот.
Frostpunk има одлична вредност на преигрување бидејќи ви дозволува да започнете и водите крајно уникатни сценарија. Можете да бидете добар или злобен, да ги фокусирате ресурсите во развивање на најразлични технологии, како и да го истражувате огромниот свет.
Играта може да се пофали и со три содржителни додатоци:
Секој додаток воведува нови механики, единици, области, структури и многу повеќе!
11 bit studios макотрпно работи на Frostpunk 2. Играта се очекува во 2024 година!
Повеќе детали за играта
- Произведува: 11 bit studios
- Издава: 11 bit studios
- Жанр: City Builder, Survival, Resource Management
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 24 април 2018
Тоа беа 6 игри кои ги издвоивме за вас. Во меѓувреме, проверивме уште неколку други наслови деновиве, наслови како:
- Pixel Cafe e интересен спој помеѓу time manager и визуелен роман
- Совладајте ги сите елементи во hack-and-slash играта Aether
- Излезе второто поглавје за Project Warlock II
- Naheulbeuk’s Dungeon Master e солидна алтернатива на Dungeon Keeper и Evil Genius
- ASTLIBRA Revision излезе и за Nintendo Switch!
Дали некоја игра ви го фаќа окото или пак би ни предложиле нешто друго? Кажете ни во коментарите!