0 коментари 6 мин. читање 30 ноември, 2023

Naheulbeuk’s Dungeon Master e солидна алтернатива на Dungeon Keeper и Evil Genius

Naheulbeuk’s Dungeon Master e игра која ќе ви се допадне доколку сте фанови на уредување замок, управување со финансии и ефикасно бранење од херои.

Играта ни доаѓа од Artefacts Studio, девелопери кои во 2020 година ја исфрлија критички признаената The Dungeon Of Naheulbeuk: The Amulet Of Chaos. Но, додека The Amulet of Chaos повеќе се фокусира на turn-based тактизирање, целта во Naheulbeuk’s Dungeon Master е да поставувате најразлични ѕидини, да ја пополнувате внатрешноста со бројни предмети, да создавате армија за одбрана од хероите кои ќе вршат рејдови на замокот и, како за крај, да водите сметка за финансиските приливи и трошоци.

Едноставни компликации

Горниот опис е премногу едноставен. Верувајте дека секоја од споменатите механики е врзана со неколку подмеханики, и потребно е да земате во предвид бројни работи, особено доколку сакате ем сите да се задоволни ем приливот на парите да е на високо ниво.

Иако замокот е голем, потребно е да размислите колку да се големи и индивидуалните соби, односно колку да има кревети, маси или кукли за вежбање. Секоја експанзија на собите знае да ве чини одредена сума и ќе биде потребно мала доза експериментирање пред да ја откриете идеалната формула, особено во поглед на градење и понатамошна експанзија.

Во ниеден момент не се здобивате со впечаток дека играта е лошо „скоцкана“ или пак непотребно искомплицирана. Сѐ функционира онака како што авторите го замислиле и, доколку сте фанови на Dungeon симулации, ќе се чувствувате како да сте дома со играва.

Експанзија, одбрана и напад! Три-во-едно и така сѐ во круг!

За разлика од Dungeon Keeper и Evil Genius, во Naheulbeuk’s Dungeon Master замокот е веќе направен и не морате да копате. Наместо тоа, потребно е да го направите најдобриот и најстрашниот замок во целиот свет така што ќе поставувате мали соби во веќе претходно-дефиниран простор.

Во поглед на собите, како за почеток, ќе биде потребно да направите кујна и во кујната да вработите готвачи кои припаѓаат на најразлични раси. Луѓето специјализираат во правење деликатеси, додека орците се мајстори за специјалитети со месо. Вашите посетители имаат различни вкусови и потребно е да понудите богат репетоар доколку сакате да ги задоволите сите.

Кога веќе сте направиле кујна, потребно е да направите и трпезарија, заедно со лесно достапни маси и столови. На почетокот, напоменавме и дека треба замокот да го браните од оние што не ви мислат добро. Па така, потребно е и да направите соби за тренирање војници, соба за стражарење, како и спална, тоалет и ред други работи.

Сево ова, како што претпоставувате, чини пари, а најдобриот избор на финансии доаѓа од вашата таверна. Парите, нормално, треба да ги чувате во трезор, што значи дека ви треба и таква просторија, заедно со банкар. Ќе се изненадите колку можности се нудат за интересна експанзија на замокот, но претпоставуваме дека добивте општа идеја за тоа каква игра е Naheulbeuk’s Dungeon Master!

Вашата зандана може да биде нападната, но и вие можете да напаѓате туѓи зандани!

Графичкиот енџин е одлично оптимизиран. Играта „преде“ и на послаба компјутерска конфигурација и одлично го прикажува уметничкиот визуелен стил. Паралелно со ова, контролите се баш онака како што би сакале и лесно се снаоѓате ротирајќи, зумирајќи и шетајќи низ бројни менија. Музичката подлога мајсторски го потенцира фактот дека сте константно на страната на злото, особено задоволителната глума која често се потпира на хумористична нарација.

Naheulbeuk’s Dungeon Master има огромна вредност на играње и преигрување! Со оглед на тоа што имате огромна слобода за експериментирање, градење и украсување, секое наредно преигрување нуди уникатно и поразлично искуство од претходното.

И Artefacts Studio го имаат искористено искуството од нивните претходни игри. Како резултат, на играчите нудат стабилна, одлично оптимизирана игра која е богата со забавни механики.

Единствена „забелешка“ која ја имаме е во поглед на микро-управувањето каде сѐ е врзано со правење и трошење пари. Што и да сакате да направите, кого и да сакате да вработите, секогаш морате да земате во предвид колку таквото нешто ќе ве чини на почеток, но и за понатамошно, редовно одржување.

Паралелно со ова, треба и да внимавате и да се прилагодувате на потребите на посетителите. За одредени гејмери, разбираме како ова би можело да биде премногу и да се посака и опција за малку порелаксиран гејмплеј, а не константно следење табели.

Надвор од ова, Naheulbeuk’s Dungeon Master се игра со вистинско задоволство и нуди неброени часови уникатна забава, особено доколку лесно бевте импресионирани од ветераните Dungeon Keeper и Evil Genius!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Artefacts Studio
  • Издава: Dear Villagers
  • Жанр: Симулација со зандани
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 15 ноември 2023
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top