Оваа недела гостин во поткастот “How to Make it From Macedonia” воден од Иван Неделковски беше Огнен Огненовски, основачот на сервисот за деловни информации БизнисМрежа.мк.
За оние кои не се во тек со поткастот, Иван ја тера веќе втората сезона на поткастот кој е на теми поврзани со успех, ИТ и бизнис, а гости му се луѓе кои што имаат изградено бизнис или кариера од Македонија.

Иван и Огнен разговараа на доста интересни теми, Огнен раскажа за неговото студентско искуство во Словенија, бизнис идеите и предизвиците кои што ги има поминато до сега, за да на крај сподели и неколку интересни бројки за најголемите компании во Македонија, а дополнителен акцент беше ставен и на македонските ИТ компании и уделот кој оваа индустрија го има во општеството.
Колку е голем ИТ секторот во Македонија и дали навистина е движечка сила?
Генерално, компанија со најголем приход во Македонија е Џонсон Мети со вкупен приход од €2,4 милијарди евра, а по Џонсон мети следуваат Окта со €974 милиони и Макпетрол со €610 милиони.
Податоците се за 2022
Податоците во продолжение се однесуваат на 2022-ра година. Деловните податоци за 2023-та ќе бидат достапни по доставување на годишните завршни сметки за кои краен рок е 15-ти март, 2024-та година.Телекомите и профитабилни и со големи добивки
Телеком операторите не се за жалење и по приходи и по добивка… Телеком АД Скопје, се наоѓа на 16-тото место со вкупен приход од €192 милиони, додека пак А1 Македонија е на 25-тото место, со приход од €150 милиони. Во делот на добивката, Телеком има добивка од €27 милиони и се наоѓа на високото 4-то место во оваа листа, а А1 со добивка од €13 милиони го зазема 15-тото место.
QinShift (екс Seavus) е најприходнa македонска ИТ компанија

Македонска ИТ компанија со најголем приход е Qinshift (поранешен Seavus) со €30,4 милиони годишен приход, а по неа следуваат Comtrade со €25,4 и Netcetera со €18,8 милиони приход.
Колку за споредба, Кипер маркетите имаат годишен обрт од €136,490,101, што е за 100 милиони евра повеќе од македонската ИТ компанија со најголем обрт.
За ИТ компанија во Македонија да се најде на листата на топ 100 ИТ компании по приход, потребно е да има годишен приход од околу 1 милион евра, а пак за да се најде во генералната листа на топ 100, потребниот годишен обрт изнесува околу 40 милиони евра.
Во топ 100 компании по приход, нема ниту една ИТ компанија
Во топ 100-те македонски компании по приходи, нема ниту една ИТ компанија, додека пак во топ 100-те македонски компании по добивка има само три, а тоа се:
- 51-во место – Qinshift со добивка од €3,898,295.
- 78-мо место – Axapta Masters со добивка од €2,827,359
- 79-то место – IW:Connect, со добивка од €2,799,693
Воедно, ова се и трите се најпрофитабилни ИТ компании во Македонија. Што се однесува за најпрофитабилните македонски компании генерално, Џонсон Мети пак е на врвот со добивка од €72,610,563, на второто место е рудникот САСА од Македонска Каменица со добивка од €40,359,484, а потоа следува ИГМ-Трејд од Кавадарци со добивка од €31,016,824.
Топ 100-те ИТ компании имаат приход како Стокомак и КАМ заедно
Топ 100-те ИТ компании во државава имаат изгенерирано приход од €352,455,422 за 2022-ра година. Овој приход на 100-те ИТ компании е скоро ист како комбинираниот приход на супермаркетите КАМ (€232,697,900) и Стокомак (€119,841,178), кој изнесува €352,559,977.
Топ 10 компании по приходи
| ЕМБ | Компанија | Приход за 2022 | |
| 1. | 6246648 | Џонсон Мети | €2,472,546,676 |
| 2. | 4074009 | Окта | €974,462,774 |
| 3. | 4057643 | Макпетрол | €610,344,150 |
| 4. | 7345216 | ЕВН Хоме | €499,686,616 |
| 5. | 6215092 | Ген-и продажба на енергија | €330,235,259 |
| 6. | 5950686 | Те-то производство на електрична и топлинска енергија | €320,970,997 |
| 7. | 6703186 | Кромберг & Шуберт | €249,985,362 |
| 8. | 7149239 | Електродистрибуција | €236,471,645 |
| 9. | 5294576 | Кам маркет | €232,256,580 |
| 10. | 7493126 | ЕТМТ Енерџи | €215,303,931 |
Топ 10 ИТ компании по приходи
| ЕМБ | Компанија | Приход за 2022 | |
| 1. | 5323983 | Qinshift | €30,446,876 |
| 2. | 6257054 | Comtrade | €25,402,287 |
| 3. | 5546052 | Netcetra | €18,862,477 |
| 4. | 6924875 | Endava | €16,527,195 |
| 5. | 6209750 | IW:Connect | €11,733,500 |
| 6. | 4807804 | Axians | €10,199,091 |
| 7. | 6913199 | Axapta Masters | €9,886,218 |
| 8. | 5385431 | Nextsense | €8,368,421 |
| 9. | 7237383 | Focus | €7,242,753 |
| 10. | 7006276 | Allocate | €7,114,786 |
Топ 3 компании по добивка
| ЕМБ | Компанија | Добивка за 2022 | |
| 1. | 6246648 | Џонсон Мети | €72,557,413 |
| 2. | 6006094 | Рудник Саса | €40,329,942 |
| 3. | 4305582 | ИГМ-Трејд | €30,994,120 |
Топ 3 ИТ компании по добивка
| ЕМБ | Компанија | Добивка за 2022 | |
| 1. | 5323983 | Qinshift | €3,893,949 |
| 2. | 6913199 | Axapta Masters | €2,824,414 |
| 3. | 6209750 | IW:Connect | €2,796,777 |
ИТ компаниите немаат големи приходи во споредба со останатите, но затоа пак имаат високи плати. На листата на просечните плати кај 5-те најприходни ИТ фирми*, Netcetera е на врвот со просечна плата од 111,654 денари, потоа следуваат Axapta Masters со 108,020 денари и Endava со 101,008 денари.
Какви им се платите на 5-те најголеми ИТ компании?*
| ЕМБ | Компанија | Просечна плата за 2022 | |
| 1. | 5546052 | Netcetra | 111,654 |
| 2. | 6913199 | Axapta Masters | 108,020 |
| 3. | 6924875 | Endava | 101,008 |
| 4. | 4807804 | Axians | 100,083 |
| 5. | 5323983 | Qinshift | 93,018 |
Македонија важи за земја во која главниот град е центар на случувањата, додека внатрешноста е значително запоставена. Ова е случај и со ИТ секторот, односно, во листата на топ 100 македонски ИТ компании по приходи, пет компании се од Битола, по една имаат Тетово и Струмица, а сите останати се од Скопје.
Целосните листи на податоци се достапни на следниов линк.
*Уредничка забелешка: Во текстот е направена корекција на 20.12.2023 во 10:58 ч. каде што е појаснето дека табелата на просечните плати се плати од 5-те најприходни во ИТ, не од целата ИТ индустрија.







