Македонија сака своја вештачка интелигенција, но прво мора да ги среди податоците

0 коментари 6 мин. читање

Фабриките, банките, малите и средните претпријатија и другите организации сè повеќе се соочуваат со прашањето како да ја искористат вештачката интелигенција за да ги оптимизираат процесите, да ги намалат трошоците и да донесуваат подобри деловни одлуки. Но, за многу домашни компании, патот од интерес за ВИ до нејзина практична примена сè уште е долг.

Токму тука треба да помогнат националната инфраструктура за вештачка интелигенција и иницијативите за дигитална трансформација. Преку проектите како „Везилка“ и поддршката од Министерството за дигитална трансформација, Македонија се обидува да создаде услови компаниите да развиваат и применуваат сопствени технолошки решенија, наместо целосно да зависат од странски платформи.

Сепак, изградбата на инфраструктура е само почеток. За ВИ да стане корисна за бизнисот, компаниите ќе мора да ги средат сопствените податоци, да ги преиспитаат деловните процеси и да инвестираат во дигитални капацитети.

МАСИТ конференција

Од инфраструктура до конкретни решенија за компаниите

За Филип Петровски, заменик-претседател на Управниот одбор на Македонската асоцијација на компании од ИКТ индустријата (МАСИТ), развојот на домашни капацитети останува еден од клучните предуслови за поширока примена на вештачката интелигенција.

„Изградбата на сопствените капацитети во државата, како и капацитетите во самите компании, банките и другите организации, е од клучно значење. Компаниите треба да развиваат сопствени, локални и домашни капацитети“, рече Петровски за време на годишната конференција на МАСИТ.

Сето ова пак подразбира идентификување на конкретни проблеми, процена на потенцијалот на предложените решенија и проверка дали тие можат да се претворат во одржливи комерцијални производи. 

Министерството за дигитална трансформација, пак, тврди дека пристапило поинаку кон воспоставувањето на програмите за поддршка на бизнисот. Наместо веднаш да започне со објавување повици и распределување средства, првично се фокусирало на создавање механизми за идентификување и подготовка на компаниите.

„Не сакавме веднаш да објавуваме програми и да распределуваме средства. Сакавме да воспоставиме јасни и различни критериуми според кои ќе финансираме и ќе ги поддржуваме компаниите, вклучително и приватниот сектор“, објасни министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Еден од првите чекори е поддршката на дигиталните иновациски центри, кои треба да им помогнат на компаниите да ги идентификуваат процесите што имаат потенцијал за дигитализација. Потоа следуваат анализа, подготовка на план за трансформација и пристап до финансиска поддршка преку поволни кредити или кофинансирање од европски програми.

Дел од средствата доаѓаат и од кредитната рамка позната како унгарски кредит, наменет за компаниите во Македонија. Според Андоновски, дел од оваа финансиска поддршка е насочен кон дигиталната трансформација на компаниите, вклучително и оние што веќе имаат подготвени проекти и се подготвени за посериозни технолошки инвестиции.

МАСИТ конференција

Дополнителна можност треба да понуди и проектот за зелена трансформација и дигитализација на бизнисите, кофинансиран од Европската Унија, со финансиска рамка од над 20 милиони евра. Програмата ќе се реализира во неколку фази, почнувајќи со сертификација и усогласување со еколошките стандарди, а потоа со инвестиции во инфраструктура, опрема, софтвер и деловни процеси.

Андоновски нагласува дека поддршката нема да биде безусловна. Компаниите ќе треба да учествуваат во кофинансирањето, со што треба да преземат дел од одговорноста за сопствената трансформација.

„Сметаме дека и компаниите треба да преземат поголема одговорност за сопствената трансформација. Затоа пристапуваме чекор по чекор: ги идентификуваме процесите што треба да се дигитализираат, ги анализираме, ги оптимизираме и ги обучуваме компаниите, по што тие добиваат финансиска поддршка“, вели министерот.

„Везилка“ како домашна инфраструктура за ВИ, но и за заштита на податоците

Едно од најважните прашања при воведувањето вештачка интелигенција во компаниите е каде завршуваат податоците што ги користат моделите. Особено кога станува збор за производствени рецептури, деловни тајни, финансиски информации или податоци за клиентите, користењето надворешни платформи може да отвори сериозни прашања за безбедноста и интелектуалната сопственост.

Токму ова е една од причините поради кои се потенцира потребата од сопствени и суверени ВИ капацитети. Андоновски потврдува дека при развојот на проектот „Везилка“, донесена е одлука податоците што содржат лични информации на граѓаните да не се обработуваат во оваа инфраструктура.

„Донесовме одлука за која сметам дека е правилна. Податоците што содржат лични информации на граѓаните нема да се обработуваат во фабриката за вештачка интелигенција „ФАРОС“ во Грција“, вели Андоновски.

Дополнително, направени се инвестиции за заштита на личните податоци, особено оние од здравствениот сектор. Според министерот, тие податоци ќе останат во земјата и нема да се споделуваат.

„Во меѓувреме работиме и на воспоставување, условно кажано, помала национална фабрика за вештачка интелигенција, која првенствено ќе служи за потребите на „Везилка“ и за проекти што ќе се развиваат во рамките на таа инфраструктура“, објаснува Андоновски.

За Петре Ламески, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), потребата од вакви капацитети е поврзана и со начинот на кој функционираат големите технолошки компании.

Тој предупредува дека користењето развојни алатки и надворешни ВИ платформи не значи автоматски дека компаниите имаат целосна контрола врз информациите што ги споделуваат.

„Речиси сите развојни алатки имаат отворена конекција со матичната компанија што ги обезбедува и собираат дијагностички податоци. Но никогаш не можете да бидете сигурни дека тие податоци не содржат и информации што претставуваат интелектуална сопственост на компанијата“, вели Ламески.

Неговата теза е дека домашната инфраструктура може да им овозможи на компаниите поголема контрола врз сопствените податоци и развојот на модели што ќе бидат приспособени на нивните потреби.

Најголемиот проблем се податоците што компаниите ги немаат

Иако пристапот до инфраструктура и е важен, тоа не значи дека секоја компанија автоматски е подготвена да воведе вештачка интелигенција. Во многу случаи, првиот проблем е многу поосновен: компаниите немаат доволно квалитетни податоци врз кои би можеле да ги изградат своите модели.

МАСИТ конференција

Ламески објаснува дека „Везилка“ ќе биде достапна за компаниите што сакаат да развиваат ВИ решенија, но и дека процесот не е наменет само за оние што веќе имаат целосно подготвена инфраструктура.

„Доколку компанијата сè уште не е подготвена за „Везилка“ и нема соодветно подготвени податоци, ќе биде поврзана со други компании и организации што ќе ѝ помогнат најпрво да воспостави инфраструктура за собирање податоци и да развие софтвер. Дури потоа ќе може да пристапи кон нивна практична примена“, вели деканот на ФИНКИ.

Компаниите ќе можат да поднесат апликација преку веб-страницата на „Везилка“, по што надлежниот тим ќе ги разгледува барањата и ќе ја проценува нивната подготвеност. Ресурсите се ограничени, па затоа нема сите заинтересирани компании да можат истовремено да добијат пристап, иако целта е услугите да бидат достапни без надомест за што е можно поголем број корисници.

„Знаеме дека квалитетот на податоците е пресуден за функционирањето на моделите на вештачка интелигенција“, нагласува Ламески.

Во пракса, тоа значи дека една компанија може да има интерес да воведе предиктивна аналитика или ВИ систем за оптимизација на производството, но да открие дека воопшто не ги собира информациите потребни за таков модел.

„Можно е компанијата воопшто да не собирала податоци што се важни за нејзиното тековно работење или за идниот развој. Може да се утврди дека ѝ недостигаат информации што би ѝ помогнале во понатамошното работење и носењето одлуки“, објаснува Ламески.

Во такви случаи, прво ќе треба да се ревидираат постојните софтверски системи и да се воспостават механизми за правилно собирање податоци. Дури потоа има смисла да се инвестира во развој на модели за вештачка интелигенција.

Ламески посочува дека не постои универзален рецепт за тоа какви податоци треба да собира една компанија. Секоја организација има различни процеси и потреби, па затоа и ВИ решенијата мора да бидат приспособени на конкретниот деловен контекст.

Дополнителен предизвик е и преминот од истражување до производ што навистина може да се продава. Академската заедница може да помогне во развојот на технолошки решенија, но за нив да стигнат до пазарот потребни се дополнителни инвестиции и индустриска експертиза.

„Тоа е добар почеток, но за производот да стане комерцијално подготвен за продажба, потребни се дополнителни инвестиции и понатамошен развој. Академската заедница не секогаш има капацитет самостојно да го направи тоа. Од нашето искуство, оваа фаза мора да ја преземе сериозна компанија“, додаде Ламески.

Затоа, токму поврзувањето на технолошките компании, академската заедница и бизнисите од реалниот сектор ќе биде еден од важните предуслови за успех на иницијативата.

Напишано од

Бојан е фриленс новинар кој повеќе од една деценија обработува теми од областите на технологијата и бизнис во земјите од Западниот Балкан. Неговите стории се објавувани во глобални медиуми како што се Foreign Policy, Wall Street Journal, ZDNet и Oxford Analytica.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед