Е-трговијата во светски рамки привлекува многу внимание од бизнисите, институциите, но и од владите како начин за зголемување на економскиот раст. Електронската трговија може да бидат движечка сила за подобрување на економската состојба и во нашата земја, а придонесува и за поголема интеграција на земјата во глобалните трендови. За развојот на е-трговијата во нашата земја и за претстојната Конференција за е-трговија, разговараме со заменик претседателот на АЕТМ – Филип Чижбановски.
Поминаа две години од основањето на првата и единствена Асоцијацијата за е-трговија во Македонија. Дали може да ни кажете како сте задоволни од напредокот на Асоцијацијата и воедно развојот на е-трговијата во Македонија од вашето постоење до денес?
Можеби ќе звучи нескромно, но ние како Асоцијација сме мошне задоволни од нашата досегашна работа, а како дополнително признание го сметаме и константното зголемување на членови во Асоцијацијата и позитивните реакции кои секојдневно пристигнуваат до нас. Од друга страна, свесни сме дека секогаш може повеќе и веќе работиме на нови проекти и во иднина планираме да продолжиме со нашата поддршка кон сите засегнати страни – без исклучок.
За развојот на е-трговијата во изминатиот период доволно говорат бројките за е-трговија кои во последните години имаат нагорна линија. Се повеќе бизниси одлучуваат да инвестираат во е-трговијата, се повеќе компании како нов продажен канал имплементираат е-трговија со цел раст и конкурентност на својот бизнис.
Во текот на 2018 година, потрошени се 134 милиони евра за купување онлајн (22% пораст во однос на 2017 година), а дополнително бројот на лица кои купиле онлајн во 2018 година има одличен пораст од 62% споредено со 2017 година.
Еден од показателите кој е особено значаен за развојот на е-трговијата во земјава, е порастот на нарачки од онлајн трговци од земјава (52,3% во 2018 година), наспроти 31,7% од 2017 година. Тоа веројатно значи дека освен што расте понудата, расте и довербата на македонските граѓани кон домашните е-трговци и се надеваме дека оваа тенденција ќе продолжи и во иднина.
АЕТМ Скопје во изминатите две години изработи два обемни извештаи, станува збор за сеопфатниот извештај од анализата на е-трговијата во 2017 година “Подготвеност, потенцијал, фактичка состојба, бариери и препораки за развој на е-трговијата во Р. Македонија” и анализата на неколку клучни индикатори од сеопфатниот извештај за е-трговија “Преглед на состојбата со е-трговијата во Република Северна Македонија во 2018 година” и нејзина споредба со 2017 година.
Дополнително, на конференцијата за е-трговија која ќе се одржи на 25 октомври во DoubleTree by Hilton, Skopje од страна на високи претставници од компаниите Таргет Груп и Инсајдер ИД ќе биде презентирано истражување реализирано во соработка со АЕТМ Скопје кое се однесува на мапирање на пазарот за е-трговија. Станува збор за значајно истражување кое може да биде појдовна основа за сите кои работат или планираат да започнат со работа во делот со е-трговија или да дигитализираат дел од своите услуги.
Колкав е интересот од страна на компаниите, банките и останатите институции за членување во Асоцијацијата и колку членови брои АЕТМ во моментот?
Интересот за членство во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија го цениме согласно бројот на наши членови кој постојано се зголемува. Во моментов Асоцијацијата брои 56 активни членови, Mastercard е генерален партнер со кого досега имаме беспрекорна соработка и поддршка, 2 премиум членови (Клириншката Куќа КИБС АД Скопје и Еуролинк Осигурување), три банки (Халкбанк, НЛБ Банка и Стопанска банка АД – Скопје) и 4 почесни членови (Царинска Управа на Република Северна Македонија, Народна банка на Република Северна Македонија, Економски Факултет Универзитет Св. Кирил и Методиј и Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство). Сите активни членови можете да ги погледнете на веб страната на АЕТМ Скопје. Во текот на 2019 година кон Асоцијацијата се приклучиле 19 нови членови.
Сето ова доволно говори за интересот од страна на компаниите и останатите финансиски и нефинансиски институции во државата. Во периодот што следи планираме бројни активности поради кои очекуваме интересот за пристапување, а со тоа и бројот на членки во Асоцијацијата дополнително да се зголеми.
Дали Асоцијацијата е отворена за членство само за оние кои веќе имаат имплементирано е-трговија или работат со е-трговија или и за оние кои што сакаат да отворат нова е-продавница? Кои бенефиции можат да ги очекуваат сите што сакаат да станат членки на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија?
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија има за цел да ги подобри законите и прописите согласно директивите на ЕУ, да изработи сеопфатна стратегија за раст и да го подигне нивото на едукација преку промена на начинот на размислување. За да се постигнат овие резултати, не можеме да се ограничиме единствено на компании кои веќе имаат имплементирано е-трговија и поради тоа членството во АЕТМ е достапно за сите физички лица, компании, финансиски и државни институции кои своето место ќе го пронајдат во било кој дел од синџирот на е-трговијата.
Бенефициите ги класифицираме во неколку категории: Пристап до податоци и истражувања кои ги изработува АЕТМ, а се поврзани со е-трговија, присуство на едукативни настани и тренинзи, заеднички настап со членките, промоција на бизнисите и присуство на настани во организација на АЕТМ.
Дали сметате дека со заеднички напори со членките за промовирање на е-трговијата помеѓу крајните корисници и компаниите, ќе се подигне свеста на граѓаните за придобивките од купување преку локални е-продавници како што се помалку потрошено време при купување на производот, брзата испорака, поголем избор на производи и добавувачи со можност за споредба и пронаоѓање на најповолниот производ, купувањето или плаќањето на сметките од каде било и во кое било време итн.?
Сигурни сме дека вистинскиот пристап кон раст на е-трговијата, а со тоа и раст на бизнисите е токму заедничкиот пристап кон предизвиците кои произлегуваат од е-трговијата. Зошто велам предизвици, а не проблеми? Затоа што проблем е кога две или повеќе засегнати страни се конфротирани околу одредена работа и немаат намера да работат на подобрување на состојбата.
Предизвик е кога две или повеќе засегнати страни се засегнати околу одредена работа (во случајов е-трговија) и имаат заеднички интерес да работат кон нејзино подобрување. Во активностите кои се неопходни да се постигне раст со е-трговија речиси и да нема некоја страна која во иднина ќе остане незасегната. Се започнува со едукацијата. Поради тоа, неопходно е во образовниот процес (започнувајќи од средните училишта кога децата започнуваат да стануваат финансиски стабилни од аспект на тоа дека можат да поседуваат сопствена платежна картичка) да се вметне едукативен дел поврзан со дигитализација, е-трговија и предностите од овие сегменти за нив како индивидуи и за државата воопшто. Потоа, заедно со институциите на државата, комерцијалните банки и централната банка да се работи на подобрување на регулативата и нејзино приближување кон онаа на развиените европски земји.
Неопходно е да се подобри испораката на производите, преку работилници и размена на искуства со компании од регионот кои веќе успешно функционираат. Ова е само дел од сите мерки кои треба да се преземат. Кога сите засегнати страни ќе го дадат неопходниот сопствен придонес кон развој на е-трговијата ќе се зголеми понудата и побарувачката, а со тоа компаниите ќе се соочат со раст на бизнисот предизвикан од е-трговија и сето тоа ќе резултира со користење на предностите кои се очигледни, но за жал сеуште недоволно искористени.
Во моментов сте актуелни со организација на втората годишна Конференција за е-трговија. Дали покрај на Конференцијата, планирате или работите и на други проекти истовремено?
Подготовките за овогодинешната конференција се започнати непосредно по завршувањето на минатогодишната конференција и во создавањето на концептот на “Бизнис раст со е-трговија” се водевме од фидбекот кој го добивме од присутните на минатогодишната конференција. Претходно спомнав дека секогаш може повеќе и поради тоа освен на организација на конференцијата напоредно работиме на неколку други проекти и активности.
Веќе извесен период работиме на апликација за пообемен проект од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, а не само онлајн трговците. Дополнително, во периодот што следи ќе потпишеме меморандуми со неколку институции преку кои имаме за цел да ја промовираме е-трговијата и помладите генерации да се стекнат со основни познавања поврзани со оваа дејност.
Втората годишна Конференција за е-трговија беше најавена и презентирана од основачот и претседателот на Асоцијацијата за е-трговија – Нина Ангеловска. Со оглед на тоа дека од неодамна Ангеловска е на чело на Министерството за финансии, во кое својство Нина ќе биде дел од годинешнава конференција за е-трговија под наслов “Бизнис раст со е-трговија”?
Нина Ангеловска на конференцијата ќе има воведно обраќање како Министер за финансии на Република Северна Македонија. Со официјалното назначување на Ангеловска за Министер за финансии, таа до Управниот одбор на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија достави барање за мирување на претседателската функција, кое беше прифатено од страна на Управниот одбор и во моментов во тек е изборот на В.Д. Претседател на Асоцијацијата согласно Статутот на истата.
Сепак, би било нефер да не се истакне дека главниот виновник за целосниот концепт и креирањето на богатата агенда за овогодинешната конференција за е-трговија е токму Нина, која не само што е основач на Асоцијацијата за е-трговија, таа дефинитивно е еден од основачите на е-трговијата во Македонија.
Кон тоа доволно говорат сите домашни и меѓународни признанија кои таа ги има добиено, а особено последното признание од иницијативата еТрговија за жени во рамките на УНКТАД со кое беше промовирана во жена амбасадор за дигитална трговија.
Ова интервју би било прилично долго доколку продолжам да ги коментирам заслугите на сегашната министерка за Финансии, за конференцијата и за е-трговијата. Доволно е да се направи споредба на достапните податоци за е-трговија, од аспект на број и износ на трансакции пред 7-8 години и денес, со цел да се разбере напредокот на оваа дејност и растот на бизнисите предизвикан токму од експанзијата на е-трговијата каде како што спомнав и претходно, Ангеловска е еден од основачите во Македонија.
Што можат да очекуваат посетителите на оваа Конференција што ќе се оддржи на 25 октомври во хотелот DoubleTree by Hilton Skopje?
Главниот фокус на конференцијата ќе биде да се помогне на бизнисите, со цел нивната веб продавница да биде видлива за потрошувачот, преку примена на најсовремени алатки кои се менуваат секојдневно.
Составено во една реченица изгледа многу едноставно, но реалноста говори дека воопшто не е така. Ако сакате да имате успешна приказна поврзана со онлајн продажба, наместо да се специјализирате за одредена област, ќе биде потребно да имате широки познавања од повеќе области. Ќе бидете правник, продавач и иноватор истовремено. И сето тоа само за да го “измамите” тој толку посакуван клик од потрошувачот и да ја реализирате продажбата на вашиот производ.
Конференцијата со сигурност ќе ви ја разбуди страста за е-трговијата, но истовремено ќе ви овозможи да се стекнете со знаење потребно за да креирате препознатлива веб страна, како да се изразите со цел содржината на вашиот блог да биде привлечна и да направите правилен избор на маркетинг стратегија која ќе ви ја подобри продажбата.
Како оди продажбата на картите? Дали сметате дека темата на самата конференција „Бизнис раст со е-трговија” е актуелна помеѓу домашите компании и институции или сè уште им звучи далечна и не доволно јасна?
Иако до конференцијата останува речиси еден месец, продажбата на влезници се одвива со задоволително темпо. На наше огромно задоволство влезниците кои беа предвидени за продажба по Super Early Bird и Early Bird цена се продадоа порано од предвидениот рок за истото. Во моментов, се продаваат влезници по регуларна цена. Сите овие промоции ги реализираме со цел да им излеземе во пресрет на заинтересираните да имаат можност да купат влезници за конференцијата по пристапни цени. Влезниците за минатогодишната конференција беа распродадени неколку дена пред одржувањето на конференцијата и веруваме дека и оваа година влезниците ќе бидат распродадени. Поради тоа, доколку планирате да присуствувате на конференцијата, а сеуште немате влезница – не чекајте последен ден за да ја купите истата бидејќи може да се соочите со ситуација влезниците да бидат распродадени.
Темата е одлично дефинирана и лесно разбирлива. Бидејќи лани дискутиравме за проблемите кои стојат на патот на е-трговијата, имавме цела година да се едуцираме како да ги надминеме истите. Оваа година целосно се посветуваме на растот и собирање на плодовите од имплементација на е-трговијата.
Дали сметате дека со оваа Конференција ќе се влијае на подобрувањето на условите за е-трговија и ќе се влијае на подобрување на бизнис-климата во целина? Дали сметате дека нашата земја во догледно време ќе може да се категоризира како е-држава?
Конференцијата како настан дефинитивно претставува една солидна појдовна точка која ќе придонесе кон подобрување на условите и бизнис климата бидејќи сите засегнати страни во е-трговијата ќе бидат собрани на едно место. „Бизнис раст со е-трговија” за мене претставува целодневен едукативен и нетворкинг настан на кој најпрво ќе бидат споделени резултатите од ексклузивното истражување и мапирање на пазарот за е-трговија од кое полза ќе имаат сите засегнати страни. Потоа, ќе се дискутира за е-трговијата од банкарска гледна точка, за дигитализацијата и модерниот начин на учење, од Mastercard ќе слушнеме за последните трендови во картичното работење. Голем дел од конференцијата ќе биде посветен на растот, преку разни маркетинг стратегии до препознатливост дома и во странство, како да ја поставите инфраструктурата, панел сесија за проблемите и придобивките и за глобална експанзија, неколку Fireside Chat разговори со експерти и улогата на жените како дигитални претприемачи.
Дали и колку скоро ќе бидеме е-држава зависи единствено од нас. Доколку успееме да ја направиме потребната трансформација на ниво на индивидуа и бизниси, веројатно набрзо потоа ќе успееме да се дигитализираме и како земја. Државата мора да ги следи потребите на бизнисите и се повеќе да ги вклучува фин-тек компаниите во креирањето на услугите кои ги нуди на граѓаните и на компаниите.