Wounded e хорор игра која крие огромни потенцијали. Трудот на македонското студио Workbench Entertainment вроди интерактивен продукт кој не само што се најде на прво место од нашата листа со најдобри македонски игри, туку и на листата од десетте игри кои едноставно морате да ги одиграте доколку сакате правилно да ја пречекате ноќта на вештерките.
Ние не сме единствените кои се импресионирани од оваа мрачна, длабоко вознемирувачка авантура.
На Steam, Wounded ужива 71% позитивни рецензии. Сосема доволно за да го привлече вниманието на овогодишниот CEEGA настан каде Wounded ќе се бори за место под сонцето во категоријата Hidden Gem.
CEEGA, или Central and Eastern Europe Game Awards е дел од конференцијата на гејмерската индустрија која е планирана да се одржи од 17 до 20 октомври, во Познањ, Полска. Конференцијата ги отвора вратите на компании од 46 земји, со бројни можности за земање удел во најразлични разговори, работилници, изложби, но и награди. Со малку среќа, Workbench Entertainment би можеле да ги засенат игрите Age of Civilization II, Copperbell, и Feudal Alloy и да нѝ се вратат со дефинитивно заслужена награда.