Ова е гостински текст на Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Во период на зголемено онлајн купување кога бројките од податоците на Народната банка на РСМ покажуваат 36% раст на онлајн трансакциите и драстично зголемување на нови е-продавници во нашата држава, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија продолжува со едукација на сите оние кои што сакаат да се запознаат со е-трговијата преку веб платформата ecommerce4all.mk преку лансирање на модулот за е-плаќање.
Овој модул ги содржи сите информации за е-плаќање на едно место, каде детално е објаснет процесот на една онлајн трансакција со што се укажува на безбедноста на целиот процес, но прикажани се и понудата и можностите кои се нудат од домашните банки за имплементација на онлајн плаќање.
„При мапирање на проблемите за развој на е-трговијата, како еден од проблемите кој се појави беше и недоволна информираност за можностите кои се нудат при имплементација на платежен процесор во Република Северна Македонија. Земајќи го ова во предвид, како и зголемениот број на трансакции кои се прават преку интернет лансиравме нов модул на бесплатната едукативна платформа кој има за цел да ги запознае сите граѓани за безбедноста при онлајн купување од една страна, но и да ги информира бизнисите за процесот и понудата за имплементирање на е-плаќање од друга страна.” – велат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Во првата половина од 2020 година граѓаните со домашни платежни картички потрошиле 69,4 милиони евра кон македонски компании кои продаваат онлајн во нашата земја што споредбено со минатата година истиот период тоа е раст од 113.5%. Ова е податок што доволно говори за трендот „е-трговија” и треба да служи како мотивација за бизнисите да го искористат овој модул и да се префрлат кон онлајн наплата, каде покрај тоа што ќе имаат можност побрзо да се адаптираат на промените од Ковид-19 и да се здобијат со нови купувачи и пазари, со е-плаќањето тие ќе ги автоматизираат процесите и директно ќе придонесат кон намалувањето на сивата економија.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија преку интернет платформата „ecommerce4all.mk“ едуцира за безбедно и легално онлајн продавање и купување, намалување на сивата економија, зголемување на конкурентноста на постоечките е-трговци и отворање на нови е-продавници. Веб платформата е дел од иницијативата „E-commerce for All”, која се реализира со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.