Европската Унија планира да воведе фиксна царина во висина од 2 евра за мали пратки. Оваа мерка најмногу ќе ги погоди пратките што доаѓаат од Кина. Вкупната цена на ваквите производи кои се увезуваат во Европа е 4,6 милијарди евра годишно.
Предлогот на комесарот за трговија Марош Шевчович треба да биде одговор на загриженоста за безбедноста на производите, даночни измами, нефер конкуренцијата за европските бизниси и зголемениот обем на работа за царинските службеници поради приливот на евтини пратки. Целта на оваа давачка е да го покрие трошокот поврзан со зголемените царински проверки. Европската Комисија смета дека царината ќе биде доволна за компензација за трошоците. Дел од собраните приходи ќе бидат наменети за покривање на трошоците за царинската контрола. Преостанатите средства ќе бидат пренасочени кон буџетот на ЕУ, пишува Financial Times.
Висината за „царината“ од 2 евра важи единствено за производите кои се доставуваат до врата. Производите кои се испорачуваат до магацин ќе бидат покриени со пониска царина од половина евро. Покрај ова најавени се промени и кај бесцаринскиот увоз. Во моментов за државите кои не се членки на ЕУ прагот е 150 евра, и тој е предмет на разгледување.
Temu ќе остане поевтин од конкурентите во Европа
Предложената давачка од 2 евра и потенцијалното укинување на бесцаринскиот праг значително ќе ги зголемат трошоците за Temu и сличните платформи. Ова ќе ги зголеми цените за европските потрошувачи, и со тоа ќе се намали атрактивноста на Temu. Во последно време, Temu и Shein забележаа раст во Европа. Компаниите со евтини производи и бесплатна испорака успеаја да го освојат пазарот. Меѓутоа, новите регулативи на ЕУ ќе ги принудат овие платформи да се прилагодат. Ова веројатно ќе влијае на цените, иако и така веројатно ќе бидат значително поевтини од конкурентите.

Состојбата за Temu не е добра ниту во САД
Во Соединетите Американски Држави, од 2 мај, е укинат режимот „де минимус“ (de minimis). Тој дозволуваше пратки со вредност помала од 800 долари да бидат ослободени од царински давачки и документација за стоки од Кина и Хонг Конг. Со последните промени (ако останат на сила) царината за малите пакети ќе биде 30%. Ова е голем скок од бесцаринскиот увоз, кој беше актуелен до неодамна, но алтернативата беше значително полоша. Планот беше пакетите да подлежат на значителни царински давачки (на пример, 120% или фиксни такси од 100 долари).
Оваа промена, како и таа во Европа е предизвик за деловниот модел на кинеските трговски гиганти како Temu и Shein. Како во Европа, така и во САД ќе бидат принудени да ги зголемат цените. Temu, исто така, најави премин кон „локален модел“ во САД. Компанијата продажбата ќе ја прави преку локални продавачи. Нарачките ќе се испорачуваат од територијата на САД, со цел да се избегнат сите дополнителни давачки.
Temu во Македонија
Temu од пред неколку месеци е достапен и во Македонија. Платформата започна со испораки во земјата по октомври 2024 годинаи. Во Македонија Temu соработува со локални логистички партнери, за испорака до потрошувачите. За нарачки од Македонија, постои минимален праг на вредност на нарачката и тој е 600 денари. Веројатно сте забележале дека во последниот период горната граница е поместена над 1200 денари колку што беше до неодамна.







