Бројачот кој вртеше на Ubuntu.com истече вчера околу 19 часот, кога и беше претставен новиот оперативен систем за мобилни телефони – Ubuntu Phone OS. Oвој слободен мобилен оперативен систем работи на постоечкиот Android кернел и драјвери, но не поддржува Java виртуелна машина, поддржува ARM и x86 процесори, и ветува дека ќе ја искористи максимално моќта на мобилниот телефон.
Ubuntu Phone OS е најавен уште од февруари минатата година, но од Canonical, компанијата која стои позади Ubuntu, сè уште немаат пронајдено произведувачи на мобилни кои би ја користеле нивната платформа.
„Убунту телефоните сè уште не се достапни за купување, но спремни сме да работиме со партнери со цел првите мобилни телефони да ги објавиме до крајот на 2013-та година“, пишува Џејн Силбер на блогот на Canonical. „Убунту за мобилен ќе биде демонстриран на CES следната недела, а ќе биде претставен и на MWC во Барселона, во февруари“.
Што се однесува до развивачите, тие може да го користат QML базираното Ubuntu SDK со кој би можеле да развиваат нативни апликации кои би работеле и на десктоп, и на мобилен телефон, а ќе бидат дистрибуирани преку Ubuntu Software центарот.
[youtube]cpWHJDLsqTU[/youtube]







