Мое Здравје е апликација за паметни телефони која на граѓаните на Македонија им овозможува пристап до податоци за нивната здравствена состојба и информации за нивното „патешествие“ низ здравствениот систем – за жал, апликацијата не ги вклучува податоците за тоа колку пати на еден корисник му било кажано дека “системот е паднат”, ова се надеваме ќе биде достапно во една од следните верзии… </sarcasm>
Апликацијата Мое Здравје е портал за пациенти во којa на едно место се достапни сите податоци од здравствениот систем. Изработена е од компанијата Sorsix во соработка со Министерството за здравство и достапна е на Android и на iOS. Како и повеќе различни услуги кои ги видовме неодамна, и оваа е овозможена од eID профилот. За користење на апликацијата потребен е профил, а податоците кои ги прикажува апликацијата се собираат преку Мој Термин.

Според податоците кои ги сподели Sorsix, апликацијата ќе овозможува модуларни промени и надградби на апликацијата во иднина.
Самата апликација е развиена врз основа на платформата Pingа, производ на Sorsix, кој овозможува целосно приспособливи, модуларни ажурирања во иднина и нудејќи холистички пристап за да ги опфати сите потенцијални елементи на вкупното решение за јавното здравство.
Како да ја користите Мое Здравје?
Апликацијата е супер едноставна за користење.
Преземете ја првин на Android или на iOS. А откако ќе се логирате на ист екран ви се претставени сите функционалности на апликацијата.
Heads up: Од некоја причина апликацијата на мојот телефон се отвораше во Google Chrome прозорец, односно во web view. По ова апликацијата работеше нормално, но како веб-апликација.
Мои Податоци
Прва работа која треба да ја прегледате, а нема веднаш да ја забележите е страничното мени. Тука се сместени податоците за секој корисник: Мои податоци, нагодувања (подесувања) и избор на јазик.


Во „мои податоци“ може да ги видите и промените вашите податоци, иако можеби помалку чудно дел од податоците кои изгледа дека би требало да се наоѓаат овде (на пример телефон или имејл), се во подесувања. Податоците кои се тука се: пол, дата на раѓање, ЕМБГ (единствен матичен број), ЕЗБО (број на електронска здравствена картичка), адреса. За родителите тука се наоѓаат и профилите на малолетните лица кои се пријавени на истото здравствено осигурување
Во подесувања има неколку работи кои може да ги направите: да го промените пинот за логирање; да додадете телефонски број и да додадете имејл. Со оглед на тоа дека станува збор за чувствителни податоци за секоја промена е додадена и дополнителна мерка за безбедност.
Услуги
На единствениот екран здравствените услуги се поделени во неколку категории:
- Специјалистички
- Лабораториски
- Болнички
- Дијагностички
- Рецепти
- Прегледи кај матичен
- Вакцини
Првите четири категории: специјалистички, лабораториски, болнички и дијагностички се однесуваат на прегледи. Изгледот и функционалноста на четирите е сличен. Информациите се поделени во две категории, активни и архива. Во првите се сместени закажани прегледи, а во вторите, архива на сите претходни прегледи. Закажаните прегледи доаѓаат со податоци за тоа кога треба да биде прегледот; кај кој лекар; клиника/институција на која треба да се направи прегледот; број на упат; дали има термин…
Архивираните податоци ги покажуваат резултатите од прегледите. Дел од податоците тука се: датата за реализација на прегледот или во случај ако не е реализиран прегледот, податок за тоа; лекар кој го направил прегледот; понатамошни упати; препораки за лекување и извештај.



Четирите категории се со слични информации иако постојат специфичности. На пример за болнички упати се споделени отпусните писма.
Поспецифична категорија од оваа e рецепти. Тука се споделени податоците за рецептите за лекови кои се издадени на корисникот, дали рецептот може веднаш да се реализира во аптека и дали датумот на важност е доспеан. Ако лекот е на товар на Фондот за здравствено осигурување ова е одбележано како податок.

Прегледите кај матичниот лекар се посебна категорија. Тука корисникот има пристап до информации за датумот на закажување и реализација на прегледот, лекарот кој го извршил прегледот, шифра на дијагноза, креираниот упат и рецепт, како и можност за увид во содржината на извештајот од прегледот.
Последната категорија „Вакцини“ ја содржи листата на примени вакцини и датуми за ревакцинација. Тука може да се пронајдат и ковид-19 сертификати и решенија за изолација.








