Гејмерите кои ја користат мобилната апликацијата Steam, неодамна беа пријатно изненадени со значителна надградба, како на визуелно, така и на функционално поле, со бројни опции за уредување на приказот.
Сега, можете да влезете во вашиот Steam акаунт користејќи напредни и уникатни форми на идентификација. Едната е преку скенирање QR код, со што се прескокнува потребата за внесување корисничко име и лозинка. При пријавувањето, пак, се бара потврда од вас преку апликацијата дали дозволувате на направата да даде пристап до вашиот акаунт или не. На овој начин се допринесува до значително подобра заштита, но и експедитивност при користење на вашиот акаунт.
Првото поле од апликацијата е резервирано за пристап до продавницата, но прегледот и вчитувањето е значително подобрено, односно забрзано. Второто поле ги листа сите релевантни вести за вашите омилени игри, а третото поле е, всушност, Steam Guard и се грижи за начините за идентификација при влегување во вашиот Steam акаунт. Претпоследната икона ги прикажува сите известувања, а преку трите линии на крајот доаѓате до сите опции и можности за прилагодување.
Кога ќе се земат сите работи во предвид, најновото надополнување за мобилната апликација Steam е нешто што требаше да се случи години порано. Целото искуство е сега подобро организирано и пофлуидно, особено при местење кои игри на кои компјутери да се исталираат и при следењето на нивното преземање. Доколку веќе ја имате инсталирано апликацијата, потребно е само да ја апдејтувате. Доколку никогаш не сте ја инсталирале Steam, проверете ја на Android или iOS.