Развојот на софтвер е процес кој бара голем ангажман на финансиски и човечки ресурси, бара знаење, време и многу други пропратни работи… За да се реализира крајниот продукт во овој комплексен процес, онака како што замислил клиентот е различна приказна скоро во секој случај. Поради комплексноста на процесот, ИТ компанијата и клиентот можат да имаат различни очекувања. Овие различни очекувања, може да донесат до несогласувања, што потенцијално би можело да прерасне во спор, но дефинитивно може да прерасне во изгубен клиент, изгубена препорака за идни клиенти и сл.
За да не дојде до ова, потребно е добро планирање и добар договор.
“Good planning is a job half done”
Заедно со доброто планирање, договорот за развој на софтвер треба да претставува патоказ во меѓусебната соработка на ИТ компанија и клиент.
Основни видови на Договори
Договорите за развој на софтвер, генерално можат да се поделат на 3 вида:
- Agile contract (Договор што уредува агилна методологија за развој на софтвер), каде акцентот оди на определени индикатори за прогрес;
- Waterfall contract (Договор со фиксна цена за фиксно определен продукт), каде што акцентот се става на деталната спецификација за развој на продуктот и фазите за развој;
- Dedicated team contract (Договор за доделување на дедициран/далечински тим), при што се определува ангажман на доделен човек или тим, при што акцентот оди повеќе на времето и цената за ангажманот, а можеби помалку на нивото на работа.
Како да се направи договор со точна спецификација?
Пред да се почне со состав на договорот, треба да се определи за кој тип на договор станува збор. Понaтаму, за да се направи издржан специфициран договор треба добро да се испланира процесот и да се уредат спецификите во истиот.
Планирањето на процесот е задача на ИТ компанијата заедно со клиентот, а понатаму тој процес треба соодветно да се преслика во самиот Договор.
Кои се суштинските елементи на еден Договор за развој на софтвер?
Постојат повеќе елементи кои треба да се уредат во еден Договор за развој на софтвер, во зависност од видот на договорот треба да се определи:
- Услугата која треба да се заврши, преку соодветни таргети, фази на изработка, времетраење на истите, технологија што ќе се користи, методологијата, тестирање и прифаќање на завршување на определени фази (deliverables) итн.
- Понатаму, треба да се уредат цената и начините на плаќање како надомест за услугата.
- Договорот треба да ги уреди дополнително и интелектуалните сопствености кои треба да уредат кој ќе ги има правата на сопственост, во кој момент тие се предаваат и сл.
- Гаранциите за софтверот, односно ограничувања на гаранциите се потребни со цел преземање на определени одговорности по завршување на проектот.
- Поддршка и долгорочно одржување, при што повторно се уредува оваа услуга и нивната цена. Тука се определуваат различните степени на итноста и брзината на реагирање во случај на некој софтверски проблем.
- Начините на раскинување на договорот, при што доколку спогодбено не се раскине, се уредуваат начините на раскинување и последиците од раскинувањето на договорот.
- Решавање на спорови, при што се определува надлежен суд и законодавство во случај на спор, доколку истиот не се реши по мирен пат.
Покрај овие елементи, постојат уште многу други кои треба да се уредат со Договор, но истите се специфични и зависат од проект до проект.
Неколку препораки
Користење на open source software
При користење на готови библиотеки од софтвер со слободен код, ИТ компанијата треба задолжително да се придржува кон условите за користење на истиот. Со цел заштита од потенцијални повреди на права од интелектуална сопственост, истото треба да се потенцира во самиот Договор.
Користење на escrow за изворен-код
Една опција е чување на изворниот код кај доверлива трета неутрална страна, додека да се реализираат правата и обврските на двете страни во целост. Односно, додека услугата/продуктот се заврши до крај и цената за истиот е исплатена во целост. На овој начин доколку се појави некој спор во текот на соработката, ќе се обезбеди сигурност за двете страни од потенцијални незаконски присвојувања.
Да не се користат готови интернет темплеjти на Договор (без модифицирање)
Доколку некој користи готови темплети на Договори, преземени од интернет, без разлика дали се платени или бесплатни верзии, препорака е истите соодветно да се модификуваат и аплицираат на фактичката соработка.
Напомена: Ова се генерални информации и истите не претставуваат правен совет.
За авторот
Адвокатска канцеларија, која повеќе години активно работи во областите на правото на трговските друштва, интелектуална сопственост и авторски права. Нашите клиенти се компании кои работат на полиња на развој на софтвер, иновирање, дигитализација, маркетинг и дизајн.За повеќе информации околу 3600 за ИТ – посетете го следниов линк.