Современата технологија овозможува напредок дури и на секторите кои на прв поглед немаат премногу допир со технологија. Напредокот во електрониката, виртуелната реалност и роботиката влијаат и на медицината. Наскоро во Битола ќе биде отворен „СЕРГЕЈ“ – Центар за физиотерапија и роботика кој според најавата ќе биде прв ваков центар во Македонија, но и во регионот. За центарот зборувавме со Ивана Дамјановска, директор и ко-основач на „СЕРГЕЈ“.
Може ли подетално објаснување за каков центар станува збор?
На кратко да ве запознаам со нашиот cентар. Центарот е основан во подрачјето на Битола, Македонија, со тоа што преземаме значаен чекор за постоење на ваков Центар на нашите простори, нашата држава поточно, но и нашите соседи, сето тоа со стручност, верба, знаење и нова технологија. Станува збор за Центар за физиотерапија и роботика, каде акцентот би го ставила на роботиката, која што е нова технологија како што спомнав и се смета за 50 пати поефикасна од класичната физиотерапија кај индивидуални заболувања. Секако, и класичната физиотерапија нема да биде изоставена, електротерапија, кинезитерапија(терапевтски вежби) кои ќе се работат од стручни дипломирани лица.

Што ве натера да го отворите првиот Центар за физиотерапија и роботика во Македонија?
Искрено, недостигот на физикалната терапија во нашата држава. Со близок член од фамилијата, односно мојата мајка која боледува од прогресивна мултиплекс склероза беше на рехабилитација во ваков Центар, со тоа имаше и доста напредок кај неа конкретно, но сето тоа бара континуитет, а кога е далеку од дома… Континуитетот, што е најбитен кај заболувањата се губи. По тоа се решив, односно си поставив прашање: „Зошто не би се отворил ваков Центар и во нашата држава?“. Реално е преку потребен, а државјаните на Македонија не би требале да одат многу далеку од дома. Сепак, како и да е, дома си е дома.
Која е разликата на вашиот центар и центрите за физиотерапија кои веќе се отворени?
Разликата на нашиот Центар од останатите е тоа што започнуваме со нова роботизирана апаратура која се работи софтверски, со виртуелни игри, што секој апарат после користењето од пациентот ги забележува неговите резултати и на крај се гледа напредувањето. Центарот „СЕРГЕЈ“ е првиот на нашите простори кој нуди иновативни и висококвалитетни третмани после мозочен удар, пациенти со мултиплекс склероза, повреда на мозок, оштетување на ‘рбетен мозок, церебрална парализа, деменција, мускулна дистрофија, паркинсонова болест, спинална мускулна артерија, невропатија, различни форми на болести од моторните неврони, ортопедски повреди (скршеници), спортски повреди, болки и вкочанетост…

Кои видови на терапија ќе се спроведуваат во центарот?
Во Центарот ќе се спроведува:
Рехабилитација со помош на специјализирани уреди, покрај уредите се применува и конвенционална физикална терапија комбинирано.
Кинезитерапија(терапевтски вежби);
Електротерапија(ултразвук, комбинирана терапија и ласерска терапија);
Медицински масажи;
Кинези тејпинг.
Како ќе се применуваат современите технологии?
Современите технологии се применуваат во софтверот кој што го користат нашите уреди. Со новата и напредна технологија, утврдено е дека мозокот има својство на пластичност. После некакво оштетување на мозокот потребни се информации низ кои пластичноста на мозокот ќе овозможи нормално функционално движење. Со верба во медицинската иновативност и технологија, работиме со последна генерација на современа технологија како што се „movement sensors, virtual reality games and robotics“.
Кои се светските искуствa за користење роботи во физиотерапија?
Светското искуство, а и моето лично искуство е дека оваа рехабилитација, особено неврорехабилитацијата е многу поефикасна кај тие пациенти од класичната физиотерапија.

Може ли да ни кажете подетално како се користат роботите?
Роботите се користат со тоа што секој пациент зависно кој уред го користи, се работи на игра, поврзувањето на апаратот е поврзано со соодветна игра. Еве, на пример уредот Smart Glove или Паметна ракавица, која е дизајнирана за невропластичност, се поставува на шака, и се одредува индивидуална игра, со што се подобрува функцијата на рацете и дланките.
Дали користите готови решенија или креирате сопствени роботи?
Моментално, користиме готови решенија.

Како современата технологија: сензори за движење, виртуелна реалност и роботика се користат во Центарот?
Преку нашите паметни уреди. На крајот од секое користење на уредите, самиот уред ги евидентира резултатите на корисникот, па на контролата од нашите стручни медицински лица се утврдува напредокот по денови, недели па и месеци.
Кога ќе биде отворен центарот и како пациентите може да закажат третман?
Центарот ќе биде отворен оваа година во декември. Пациентите можат да закажат третман на нашата официјална веб страна, социјални мрежи или на нашиот контакт телефон.








zdravo. jas ovo trebaaa!!!