Оваа недела за Twitter започна со распуштање на бордот на директори и со нивна замена со Елон Маск. Новиот сопственик сега е единствен на врвот на компанијата, иако веќе најави дека ова е привремено, и бордот ќе се врати во иднина.
Купувањето започна и беше најавено во април, но по спорот со бројот на ботови купувањето се оддолжи. Уште веднаш дел од познатите личности најавија дека ако милијардерот го купи микроблогот тие ќе си одат. Сепак друг дел од „ѕвездите“ ветуваат дека ќе останат.
Засега листата на јавни личности кои го напуштаат Twitter не е премногу долга, но на Маск не му помогна најавата за распродажба на „синиот беџ“ кој се користи за потврда на идентитетот. Дури и да сте поддржувач на промените, малку е тешко да се оправдаат најавите за продажба на беџот и ценкање за висината на премиум претплатата како на пазар. Првата најава беше 20 долари, но по одбивањето и расправата со Стивен Кинг, Маск праша „А 8 долари?“. Најавата за премиум претплата ќе има пошироко објаснување наскоро и веројатно е попаметно таа расправа да остане за подоцна. Сепак еве дел од замислите и објаснувањата кои веќе се објавени: „Основната цена е 8 долари.“; „Оваа дена ќе зависи од државата и економската моќ во оваа држава“.
Во чудниот дел од објаснувањата Маск објаснува како корисниците ќе добијат приоритет во одговорите и пребарувањата; можности за подолги твитови и аудио пораки; помал број на реклами и слично. Овој „пакет“ е дел од „Twitter Blue“ претплатата, но синиот беџ за потврда на идентитетот не е дел од овој пакет. Засега е нејасно дали Маск најавува спојување на претплата и беџот или едноставно ги помешал двете.
Листата на јавни личности кои најавија дека си одат
Дел од јавните личности најавија дека нема да останат да видат како ќе изгледа Twitter по Маск. Шонда Рајмс, креатор на „Grey’s Anatomy“; Кен Олин, извршен продуцент на „This Is Us“; Сара Барелес, пејачка; Тони Бракстон, пејачка; Теа Леони, актерка позната по улогата во „Madam Secretary“ и „Bad Boys“; Алекс Винтер, актер (Бил од „Bill & Ted“), Мик Фоли, кечер; Брајан Копелман, ко-креатор на „Billions“ и „Super Pumped: The Battle for Uber“; Ерик Ларсен стрип цртач познат по „The Amazing Spider-Man“; Бил Морисон, илустратор на „The Simpsons“; Марина Сиртис, актерка – Дијана Трој во „Star Trek“ се дел од листата која најави дека ќе си замине. Сепак бројот на корисници кои го избришале профилот е мал, иако дел од нив се неактивни.
Илјадници вработени во Twitter ќе бидат отпуштени
Пред официјализирањето на продажбата Елон Маск најави дека Twitter ќе има 75% помалку вработени. Набрзо по ова соопшти дека оваа бројка е преголема. Оваа недела дознаваме дека листата за отпуштање има 3700 имиња. Со оглед на тоа дека компанијата има околу 7500 вработени, станува збор за околу 50% од вработените.
Според плановите првиот бран отпуштања е најавен за овој петок, пренесе Business Insider. Документ до кој дојде Business Insider најавува дека вработените ќе работат во 12 часовни смени, и како во останатите компании на Маск треба да бидат подготвени да „спијат“ во своите канцеларии.







