TikTok веројатно е социјалната мрежа која што создава најмногу проблеми во општеството, а жртвите се многу млади лица. Многу држави воведоа посебни мерки за оваа платформа, а како што стојат работите, листата постојано ќе се зголемува.
Во повеќе немили настани TikTok беше вклучен на еден или друг начин, но секогаш во негативна конотација.
Во САД, платформата беше забранета, но набрзо по доаѓањето на Доналд Трамп како нов американски претседател, забраната беше отстранета.
Во регионот, Албанија комплетно ја забрани платформата во времетраење од една година, откако 14-годишен малолетник го загуби животот по караница која наводно започнала на TikTok. Претходно, исто така TikTok крена прашина по трагедијата во белградското основно училиште, односно на платформата се појавија многу коментари кои го доживуваа убиецот како херој.
Пред само 2 месеци, актуелен беше супермен предизвикот, преку кој многу млади лица се здобија со скршеници. Очигледно е дека влијанието на TikTok е преголемо, за ова говори и фактот што Gen Z и помладите генерации ја користат оваа платформа дури и како интернет пребарувач. Низата на негативните TikTok трендови и понатаму се проширува. Сега, најактуелен опасен предизвик е Парацетамол предизвикот.

Парацетамол предизвик
Во овој предизвик, младите лица земаат големи дози на лекот парацетамол, а последиците можат да бидат фатални.
Парацетамолот е еден од најкористените лекови за ослободување од болка во светот. Неговата активна состојка се наоѓа во различни лекови, вклучувајќи ги Парацетамол-Мефа, Дафалган, Панадол, Неоцитран, Алгифор и други.
Неправилната употреба на овој лек може да резултира со тешка хепатална инсуфициенција и може да биде фатална во случаи на предозирање. Симптомите на труење често се појавуваат дури 24 до 48 часа по ингестијата и може да вклучуваат абдоминална болка, гадење, проблеми со координацијата и жолтица.
На TikTok кружат видеа во кои се консумира високи дози на вакви лекови. Како одговор на овој предизвик, неколку европски земји издадоа предупредувања уште во летото 2023 година.
По појавувањето на овој опасен предизвик, министерот на дигитална трансформација Стефан Андоновски беше прашан дали се размислува за забрана на TikTok во Македонија.
„Ние имаме малку поразличен пристап, како што видовте со онлајн игрите на среќа. Кога е забележано дека тоа претставува проблем за поширок круг на граѓани, ние пристапуваме кон законски измени и кон забрана на пристапот на онлајн игрите на среќа коишто се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации. Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана“, одговори Андоновски.
Барем засега, во Македонија не се регистрирани жртви на овој нов “Парацетамол предизвик”.







