По ланските громорозни настани во Србија, претходниов месец се случи и сличен немил настан во соседна Албанија.
Настан во кој 14-годишен малолетник го загуби својот живот, откако беше избоден со нож од свој соученик. Овој настан се случи во основно училиште во Тирана. Додека пак, расправијата на овие двајца соученици започнала на социјалните мрежи.
Не беше чудно што настанот крена прашина и иницираше активности за забрана и регулација првично на TikTok, а потоа и на останатите социјални мрежи.
Сега веќе и официјално, Еди Рама потврди дека Албанија го забрани TikTok. Забраната е во времетраење од една година и таа е целосна (без разлика на старосната граница).
Оваа одлука доаѓа по средбата на Еди Рама со групите на родители и е дел од поширокиот план кој има за цел да ги направи училиштата побезбедни. Покрај забраната на TikTok, ќе се зголеми полициското присуство и ќе се работи на поблиска соработка со родителите како дел од овој поширок план.
„За една година, целосно ќе го забраниме за сите. Нема да има TikTok во Албанија“, рече Рама.
„Проблемот денес не се нашите деца, проблемот денес сме ние, проблемот денес е нашето општество, проблемот денес е ТикТок и сите други што ги земаат нашите деца како заложници“, додаде Рама.
Од TikTok соопшија дека не нашле докази дека овие две деца имале профили на платформата. Дополнително, тие додадоа дека видеата кој што довеле до овој инцидент биле објавени на друга платформа, а не на TikTok.

Повеќе држави воведоа рестрикции на користењето на социјалните мрежи за децата. Германија, Франција и Белгија се дел од листата на држави кои воведоа вакви мерки. Во овој дел, Австралија е најригорозна, таа ги забрани сите социјални мрежи за лица помлади од 16 години.
Според статистиките, албанските деца се најголемата група на корисници на TikTok во земјата. Меѓу другото, Рама ја нагласи разликата дека алгоритамот на TikTok во Кина е различен со тој во остатокот од светот.
Тој ја потенцираше оваа разлика и кажа дека алгоритамот во Кина фаворизира содржини за едукација, природа и слично. Од друга страна алгоритамот во остатокот од светот фаворизира многу поразлични содржини кои имаат негативно влијание врз младите.
Некои се согласуваат со оваа одлука на Рама, додека други ја гледаат оваа одлука како диктатура. Рама изјави дека будно ќе ја следи ситуацијата со TikTok и како ќе размислува за следните чекори. Од друга страна, албанската опозиција изјави дека ова е злоупотреба на службената должност и нарушување на слободата на граѓаните.
Со оглед на достапните технологии и начини за заобиколување на географската локација. Останува прашањето, дали оваа мерка ќе се спроведе ефективно?