Во време кога вештачката интелигенција навистина брзо се интегрира во сите аспекти на нашето секојдневие, Македонија добива нова платформа која ќе ја поттикнува едукацијата, истражувањата и етичката примена на оваа технологија.
Невладината организација “ВИ Сега“ има за цел да ја приближи ВИ до сите, без мистификација, со јасна визија и етички пристап.
“Сите зборуваме за вештачката интелигенција, но ретко кој навистина размислува за тоа каде нè води и како можеме да ја искористиме за добро. Затоа ја основавме организацијата „ВИ Сега“ – со цел да ја направиме оваа технологија достапна и разбирлива за сите, со фокус на етичкиот аспект и јасна насока за нејзина примена,“ вели Суад Сефери, основач на организацијата.
Вештачката интелигенција е тема која доминира во денешниот дискурс, но ретко кој се задлабочува во нејзините импликации и потенцијал. “ВИ Сега“ се стреми да биде катализатор за позитивни промени преку едукација, поддршка на иновации и соработка со истомисленици.
Во моментов, организацијата е во процес на потпишување меморандуми за соработка со други невладини организации, академски институции и поддржувачи, верувајќи дека само заедно можеме да направиме вистински исчекор.

“Во блиска иднина, автоматизацијата ќе оди чекор понатаму – веќе се развиваат автоматски телефонски повици со ВИ ботови кои ќе можат гласовно да комуницираат со нас, да ни одговараат на прашања во врска со услуги или апликации и да ја заменат традиционалната поддршка. Во ВИ Сега, веруваме дека е клучно да ги едуцираме луѓето за оваа технологија – не само како да ја користат, туку и како да се заштитат и да донесуваат информирани одлуки за своите податоци и дигитална приватност,“ потенцира Сефери.
Ова не е само проект на неколку луѓе – ова е покана за сите кои веруваат дека иднината треба да се гради сега. Ако сте љубопитни како ВИ може да ви помогне, ако сакате да учите или едноставно да бидете дел од нешто поголемо – вратата на “ВИ Сега“ е отворена. Следете нè, затоа што ова е само почеток, смета Сефери.

“Ова не е далечна иднина – оваа трансформација веќе почнува. Човечки искуства што се обликуваат со ВИ – Наместо луѓето да ги бараат информациите, ВИ ќе ги носи до нив уште пред да сфатат дека им се потребни. Ќе се појават персонализирани ВИ агенти што ќе управуваат со нашето време, задачи, здравје, па дури и ќе нè советуваат во секојдневните одлуки. Нова ера на автоматизација – компаниите нема само да користат ВИ за поддршка, туку ќе станат комплетно автономни. ВИ ќе управува со работни процеси, ќе регрутира и обучува луѓе, а автоматските системи ќе комуницираат директно со клиенти преку реални, природни гласовни повици и интеракции,“ објаснува Сефери, потенцирајќи ја мисијајата на организацијата да ја приближи оваа технологија до сите и да ги подготви луѓето да ја користат ефикасно и да се обезбедаат етички, праведни и безбедни решенија.
Сите што сакаат да бидат дел од оваа организација треба да ја пополнат формата на линкот. “ВИ Сега“ ќе организира семинари, работилници и обуки за ученици, студенти и професионалци, ќе поттикнува научни истражувања и ќе развива стандарди за етичка примена на ВИ во различни индустрии.
Со оваа иницијатива, “ВИ Сега“ се стреми да ја постави Македонија на мапата на земји кои активно работат на интеграција на вештачката интелигенција во своето општество и економија.