Најпопуларната македонска апликација АirCare (МојВоздух) има одлични вести. Од денес МојВоздух е достапен глобално и луѓето од целиот свет ќе можат да ја користат апликацијата за да се запознаат со квалитетот на воздух кој ги дишат.
МојВоздух е креиран во 2014 година од тогаш студентот, Горјан Јовановски. Целта и надежите беа дека ќе успее да ја подигне свеста кај луѓето за тоа до кој степен е загаден воздухот кој го дишеме. Податоците кои во овој период ги покажуваа сензорите на страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање беа детални, но беа прикажани во конфузен формат. Апликацијата во овој период покажуваше нешто помалку детали, но презентација беше едноставна и лесно разбирлива.
AirCare започна како апликација за една земја со 19 мерни станици, а сега е достапна во 195 земји, а на располагање на корисниците им се информации од над 20000 станици.


Изворите на податоците што ги користи AirCare вклучуваат сателитски податоци на Европската вселенска агенција и НАСА, мерните станици на државата и универзитетите, волонтерските мерни станции (како тие на PurpleAir, Pulse.eco и Sensor Community). Овие податоци ги користи интелегентниот алгоритам на AirCare за да пресмета загадување насекаде низ светот.
Го прашавме Горјан да направи кратка споредба на апликацијата во почетоците и денес.
МојВоздух, т.е. AirCare почна како локална апликација направена од студент со цел подобро прикажување на податоците за аерозагадувањето. И покрај големата популарност на апликацијата, немав многу искуство за тоа како се прави една успешна приказна. Дел беше среќа, дел беше прекрасна помош од заедницата, за да стане толку позната во Македонија. Но денес, имаме тим од 5 професионалци, експерти од дизајн, до маркетинг, до технологија, што ја имаат направено AirCare да е до, а и над други светски апликации кои го следат загадувањето.
Сега имаме податоци за УВ, за полен, користиме сателитски податоци за следење на загадувањето насекаде низ светот, имаме податоци за пожари од НАСА сателитите… едноставно, AirCare сега е комплетно освежено искуство за следење на аерозагадувањето!
Новата глобална верзија на AirCare, која денес се пушта во употреба доаѓа со куп корисни новости. Сите поважни податоци сега се достапни на главниот екран на апликацијата. Сензорите кои се користат за презентирање на индексот на квалитетот на воздух (AQI) сега го покриваат целиот свет. Апликацијата споделува и информации за УВ индексот, но и податоци за концентрација на полен од трева, бреза и амброзија. Во апликацијата има и вести и корисни совети поврзани со квалитетот на воздух и животната средина.


Кои ви се очекувањата од променетата апликација и глобалната достапност?
Според СЗО, 9 од 10 луѓе дишат загаден воздух. Тоа значи дека отворање на очите на луѓето околу аерозагадувањето е потребно буквално насекаде. Иако имаме конкуренти со милиони добиени во инвестиции, сепак успеваме да се бориме со нив на светската сцена бидејќи не застануваме само на информирање на корисниците туку и на едуцирање и активирање. Имаме секција за едукативни содржини што ги составуваме околу штетноста на аерозагадувањето, имаме листи на НВО и еко-организации во кои може да се волонтира… Буквално сакаме да ги претвориме нашите корисници од пасивни во активни учесници во борбата против загадувањето. Очекуваме дека AirCare ќе се користи во многу земји низ светот, а воедно сега ја бараме и нашата прва инвестиција за да го зголемиме тимот, така да ако некој инвеститор го чита ова, нека нè контактира :))


AirCare е бесплатна за преземање на сите мобилни уреди и таблети преку Apple App Store или Google Play Store.







