Мој Воздух е нова Android апликација која известува за квалитетот на воздухот во неколку градови во Македонија. Креирана од Горјан Јовановски, апликацијата ги поедноставува податоците за воздухот земени од мерните единици ширум државата. За разлика од резултатите презентирани на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои често се прикажани во конфузен формат (ако воопшто успеете да ги отворите), апликацијата Мој Воздух овозможува чист и едноставен преглед на воздухот кој го дишеме.
„Апликацијата ја направивме надевајќи се дека може барем малку ќе ја подигне свеста кај луѓето за тоа до кој степен го загадуваме воздухот кој секој ден го дишеме. Имаше момент пред некоја година кога прв пат беа активирани мерните станици, кога многу се зборуваше за квалитетот на воздухот, но на него брзо се заборави. Мој Воздух има цел да го поедностави пристапот до мерењата од овие станици и со помош на визуелни индикатори, објаснети поими и препораки, да ве натера да се размислите дали да земете кола или градски превоз/точак следен пат кога ќе сакате да излезете“, вели Горјан Јовановски.
Апликацијата ги покажува и причините за загаденоста, и ги информира граѓаните за мерките кои можат да ги преземат во случај на екстремно загадување на воздухот. Мој Воздух овозможува мерење и следење на квалитетот на воздухот за одбран регион, нормално ова би бил реонот каде најчесто престојувате. А постои можност и за следење на податоците од најблиското мерно место до локацијата на корисникот и постојано известување за квалитетот на воздухот.
„Самата апликација е во развој околу месец дена заедно со нејзината веб алтернатива. Можеби најголемиот проблем беше пристапот до податоците. Иако се дел од програмата за Отворени податоци, не постоеше чисто API преку кое што може да се пристапи до нив, па затоа мораше да бидеме малку креативни за тоа како најефикасно да ги преземеме. Секако имаме уште идеи кои сакаме да ги вградиме во Мој Воздух и секоја забелешка и сугестија е добредојдена во тимот. Ако не друго, барем, знам што дишам“.
За сите кои не се сопственици на Android уред Мој Воздух има и своја веб верзија која овозможува и преглед на загадувањето во текот на денот. Доколку ви се допаѓа идејата и сакате да му помогнете на Горјан, можете да го направите тоа со сугестии.
Еј па баш тоа ми требаше, апликација за да го видам тестотото надвор!