Минатата недела официјално започна да функционира платформата МојГрад, која треба да биде алатка за непосредна демократија и партиципативно одлучување. Граѓаните можат да ги споделат своите идеи на платформата, а потоа овие предлози треба најпрво да го го издржат „тестот“ на другите граѓани, а потоа и на советниците во Град Скопје.
МојГрад е дело на Горјан Јовановски, кој на овој проект соработува со Драгана Велкова – советник во Град Скопје и организациите од коалицијата Зелен хуман град.
Од каде идејата и мотивацијата за креирање на МојГрад?
Идејата потекна од фактот дека мостот за комуникација помеѓу локалната самоуправа и граѓаните е скоро непостоечки, со чесен исклучок на неколку места. Кога како граѓанин имам желба или идеја како да се подобри мојот град, немав каде истата да ја поднесам. Да, можам да напишам пост на социјални мрежи, или да креирам петиција на change.org, но тие набргу ќе се изгубат, и ретко ќе помогнат да мојот предлог стане реалност.
МојГрад нуди едно место за сите предлози за подобрување на нашите градови, но уште подобро, нашите советници во Град Скопје ќе ги поднесуваат топ 3-те предлози секој месец до советот за гласање и одобрување, што претставува комплетирање на тој мост на комуникација.
Кои се твоите соработници на сервисот?
Платформата е изградена со сите организации од коалицијата Зелен Хуман Град, имиња како НаТочак, Анима Мунди, Мама Органа, Е.Д.Е.Н, Хумани Градови и секако МојВоздух. Секогаш сме отворени за други организации и поединци што сакаат да се дел од движењето, бидејќи платформата е направена од граѓаните, за граѓаните и треба да е раководена од граѓаните.
МојГрад изгледа на одлична идеја, но сличен проект беше ideizacentar.mk која веќе не функционира. Кој е моделот со кој градот би бил „приморан“ да реализира дел од проектите.
Токму тука доаѓа нашиот „Unique Selling Point“ – фактот дека дел од основачите на платформата се советници во Град Скопје, поточно Драгана Велкова. Преку неа, а во иднина и повеќе советници, директно ќе се ставаат на дневен ред барањата на граѓаните, нешто што до сега едноставно не се случуваше, барем не на директен начин како овој. Не чекаме некој од советниците да добие интерес за одреден проект, туку ние сме тие што активно бараат и приложуваат предлози од граѓаните.
Постои ли решение кое ќе овозможи предлагање предлози во било каков состав на Советот?
Во идеален свет, во утопија, или во демократија на хартија, секој состав на советот би ги гледал и поднесувал барањата од граѓаните. Но историјата покажува дека тоа не се случува. Горе наведовте проект од Центар кој за жал веќе не е во функција, токму поради незаинтересираноста на членовите на советот да ги слушаат барањата на оние што ги донеле на тоа место. Нашата цел е да имаме што повеќе членови во советите, не само на Град Скопје, туку и на општините ширум Македонија, што ќе работат директно за граѓаните, и ќе ги гледаат тие нивни желби. Наскоро тоа ќе се случи, но до тогаш, сегашниот модел ќе биде тестиран и прилагодуван за да е уште подобар.
Во места каде што немаме наши советници, ги охрабруваме граѓаните директно да ги поднесуваат барањата, и да се залагаат за нивно остварување.
Што се случува со известувањата до корисниците на МојГрад ќе има ли фидбек со кој ќе се известат корисниците на платформата за реализација или интерес за некој проект од Град Скопје?
Тоа беше уште една точка што сакавме да ја покриеме со платформата, следење на процесот од почетокот до крајот. Советникот што ќе поднесе даден предлог во Советот, е должен истиот преку платформата да го ажурира, и да му го менува статусот – од изгласан на МојГрад, до поднесен до Советот, до одобрен/отфрлен. Ќе видиме кои информации се најважни за граѓаните од тој процес, и истите ќе ги направиме јавно достапни (пример кои советници гласале за, а кои против). Преку таква транспарентност, се дозволува граѓаните да знаат како функционираат советите на градовите и општините, што прават нивните „претставници“ внатре, и да има политичка одговорност кон сите што земаат плата од државниот буџет а не го слушаат гласот на своите граѓани.
Рано е, но поднесовте ли некој предлог досега?
За сега е рано, на следниот совет на Град Скопје ќе бидат поднесени првите предлози. Седниците на советите се знаат 7 дена однапред, и во тој период ќе работиме со креаторите на топ 3-те предлози, да ги оформиме истите официјално и поднесеме како точки на дневен ред на советот.
Кои се плановите за иднина?
Јас сакам МојГрад да стане платформа за гласот на граѓаните и нивната директна инволвираност во локалната самоуправа. Не само преку предлози и иницијативи, туку со дополнителни можности како гласање при оформување на буџет, crowdfunding за одредени проекти, следење на ветувањата на локалните самоуправи vs. навистина оствареното, и пронаоѓање на идни кандидати за позициите во тие самоуправи што навистина се на страна на граѓаните и работат за нив. Ова е целото базирано на системот Конзул од Шпанија, кој е достапен во многу ЕУ земји. Ние одбравме да го прекодираме, со цел да имаме поголема контрола врз опциите, и со цел Горјан да не треба да учи уште една технологија (Ruby), туку да може да се фокусира на функционалностите :Р
Преку МојГрад, гласот на граѓаните ќе стане посилен, нивната желба за подобро утре ќе стане видлива, и сакаме да дадеме надеж дека и кај нас може нешто добро да се случи!
[…] post Јовановски: Сакам МојГрад да стане платформа за гласот… appeared first on […]