Со модерното време доаѓаат и модерни болести.
Технологијата се има интегрирано во нашите животи до тој степен да се бришат границите за умерено користење. Како резултат, се создаваат нездрави навики кои, доколку продолжат со екстремно негување, резултираат со огромни последици по физичкото и менталното здравје.

Зависноста од технологијата може да остави поголема штета кај деца кои сеуште се мачат за пронаоѓање на нивниот идентитет и место во светот. Млади умови со премногу слободно време и недефинирани морални и етички концепти знаат да ја издигнаат зависноста од технологијата на целосно ново ниво и затоа е потребно запознавање со бројните облици на е-болестите и како ефектите на IT технологијата влијае на физичкото и менталното здравје.
Што се е-болести?
Грубо кажано, како е-болести се сметаат какви било зависности од IT технологијата, независно од тоа дали се работи за активности на одреден хардвер, како телефон, или со одредена софтверска апликација, како игри. Доколку нешто се користи прекумерно, до степен да го нарушува физичкото и менталното здравје, тогаш таквите корисници би можеле да бидат етикетирани како IT зависници.

Како најчести симптоми на е-болести, од физичка гледна точка се истакнуваат проблеми со главата, вратот, грбот, очите, како и зголемена телесна тежина. Од ментална гледна точка, луѓето кои се заробени во овој маѓепсан круг од технолошка зависност пројавуваат симптоми на анксиозност, депресија, социјална изолација, немање самодоверба, проблеми со спиење и ред други работи.
Многуте форми на е-болести!
Номофобија – нерационален страв да се биде без мобилен телефон
Номофобија е страв или високо чувство на анксиозност предизвикано од немање функционален мобилен телефон. Се работи за зависност која споделува многу карактеристики со зависност од дрога – анксиозноста е до тој степен висока да предизвикува длабоки чувства на паника, депресија, осаменост и изолација. Во одредени ситуации, менталните чувства може да предизвикаат проблеми при дишење, тахикардија и тешки главоболки.
Велат дека лицето кое носи очила потребно е да си има уште еден пар за секој случај. Ова е филозофија во која цврсто веруваат и лицата кои се жртви на оваа фобија и често знаат да имаат по неколку екстра телефони за секој случај, со полначи, кабелчиња, power-bank-и и честа синхронизација на облак. Но, децата го немаат овој луксуз и кај нив губење или одземање на телефонот е најтешка форма на казна.

Во разговори со ученици и родители, имаме забележано дека кај многумина се применува казната со одземање на телефонот или со константно заканување дека телефонот ќе биде одземен доколку децата не го променат однесувањето, не ги подобрат оценките или не остварат некоја одредена цел поставена од родителите. Постојаниот страв знае да биде премногу и да кулминира со целосно емоционално распаѓање кога незамисливото ќе им се случи.
Од таа причина, потребно е кога веќе се одзема телефонот на детето постојано да се биде со него и да се води кон подобро справување со привремената загуба. Слична метода се препорачува и при интеракција со возрасните, односно да им се покаже дека не се сами и дека доколку се случи она што е незамисливо за нив, секогаш постојат и им се достапни алтернативи.
FOMO – страв да не се пропушти нешто
Fear of Missing Out е перцепција дека лицето мора да е постојано поврзано на интернет и да е во тек на случките кои му се од интерес. Секој момент на отсеченост од интернет, лицето постојано се крши со мисли дека се случуваат работи кои се од клучна важност и дека единствен начин за среќа постои само преку социјалните вмрежувања кои ги остварува и протокот на информации со кои се опсипува.

Лицето кое е во длабок FOMO стадиум е константно бомбардирано од чувство на истоштеност, лошо расположение, стрес и нетрпеливост помеѓу најблиските, како и чувства на осаменост, никаква самодоверба и длабока расејаност. FOMO е проблематична и од аспект што влијае на лицето дополнително да се засилат бројни негативни навики и однесувања. Па така, се верува дека кај дете кое страда од FOMO поголема е тенденцијата за ескалација на лошото однесување и појавување на агресивност.
Како зависност, FOMO највеќе доаѓа до израз кај видео игрите. Многу live-service игри се красат со бројни, но временско ограничени промоции и настани кои ги наградуваат гејмерите со ексклузивни награди. Бидејќи настаните се привремени, многу гејмери мака мачат да најдат време и нерви за да бидат дел од сите настани и сите активности, се со цел да го отклучат уникатниот скин или механика. На крајот на денот, она што требаше да биде релаксирачка гејминг сесија се има трансформирано во трка со времето и грајнд од епски пропорции.

Почнувајќи со мали чекори, лицето кое страда од ФОМО треба да биде наведено првин да користи софтвер кој ја ограничува употребата на социјалните мрежи. Потоа, доколку се смета дека е потребен подрастичен чекор, да се охрабрува кон бришење на апликациите за социјални мрежи или правење подолга пауза од нив. Ова воопшто нема да биде лесно и затоа е многу важно лицето да е опкружено од лица кои сакаат и, пред се, знаат како да му помогнат.
Cyberstalking – демнеење преку социјални мрежи
Лице кое покажува нездрава форма на љубов кон друго лице, група или организација, може да развие висок степен на опсесија и да се здобие со тенденции за користење интернет и електронски средства за да следи, но и да наштети на другото лице, група, или организација. Ова е сајбер демнеење и се смета за исклучително опасна форма на зависност затоа што лесно може да премине во сајбер насилство.
Лицето кое се следи може да биде наместено за да е погрешно обвинето, да биде предмет на исмејување и уценување, како и ред други форми на крадење идентитет и онлајн вандализам. До кој степен ќе се оди, зависи од вољата и техничките познавања на лицето кое го започнало демнеењето.
Длабоките зависници за cyberstalking имаат само една желба и една мисија – целото време да го посветат на изворот на нивната опсесија. Како резултат, се што е надвор од тоа, знае да предизвика зголемени чувства на иритација и агресија. Лицето обично не е заинтересирано за нормални социјални интеракции и страда од чувства на неприфатеност и осаменост, а на cyberstalking обично гледа како на алатка која го прави жив и му помага да биде забележан и регистриран од единственото нешто што му дава фокус.

Некои од лицата се целосно задоволни од демнеење, но по одредено време и со зголемување на емоционалната глад, поголемиот дел од нив сфаќаат дека само гледање од страна не е доволно и потребно е преземање подрастични чекори за привлекување внимание. Како прв чекор обично се смета креирање лажни профили. Анонимноста, како што сигурно знаете, дава лажно чувство на безбедност, а со тоа и неверојатна храброст.
Доколку сметате дека некој би можел да врши сајберстокинг или сајбернасилство, потребно е да се потрудите да го одвратите лицето од намерата, особено доколку се работи за дете. Во многу ситуации жртвата на насилството е таа што реагира кај родителите или наставниците и на тој начин може да се спречи понатамошна штета, дали преку ограничување на интернетот, дали со имплементација на помошни апликации или пак преку внимателни и искрени разговори со инволвираните. Но, како и за сите работи, така и за оваа нема магично решение и многу работи зависат од уникатните услови во кои се наоѓаат засегнатите.

Номофобија, фомо и сајбер демнеење/ насилство… просто да не знаете кое од кое е полошо. Во нашиот прв дел од овој серијал, се потрудивме да ве запознаеме со трите најчести и најопасни форми. Ги одбравме токму нив затоа што ни делуваа најлукави и најлизгави за човечката психа. Одредени симптоми во поблага форма може да се забележат во сите нас и доколку не се решиме да ги изгладнеме на време, може да се случи да ни се допаднат работите кои ни ги шепотат и да не успееме да одолееме на нивната моќ.
Но, ова беа само дел од значително поголема колекција од е-болести и IT зависности. Останете со it.mk и во наредните денови, особено доколку имате тенденција за константно правење селфи, лесно се вознемирувате за најситни проблеми со технологијата, или постојано ви се чини дека телефонот ви ѕвони или пак ви сигнализира нешто.







