Иновации, огромен број на најразлични технолошки производи и компании од речиси целиот свет, и пред се едно огромно шоу кое ги полни најлуксузните хотели во Лас Вегас – Consumer Electronics Show (CES) 2025 навистина останува верно на своето име.
Самото мото на CES e дека е местото каде компаниите прават бизнис, среќаваат нови партнери и сведоци се најважните технолошки откритија на денешницата. Во овие четири дена, десетици илјади посетители (компании, основачи, технолошки ентузијасти и уште многу други) живеат за технологијата и напредокот во градот на комарот, сместен во пустината во Невада.
ИТ.мк е тука меѓу нив да го искуси сето она што на некој начин е и најава за тоа какви ќе бидат технолошките трендови во 2025, од тоа како големите компании ќе ја користат вештачката интелигенција во своите производи и гаџети, сѐ поголемиот развој на виртуалната и проширената реалност, интеграцијата на одржливите технологии и електричните возила во секојдневието, и многу повеќе.
Па така, во луксузните хотели и казина како што се Mandalay Bay, MGM, или The Venetian ќе видите компании и производи од опсегот на обични батерии и полначи за телефони, сѐ до персонални АИ асистенти и летачки такси возила.
Во првите денови од шоуто запознавме компании што работат на гаџети AR/VR технологијата, паметното земјоделство, правење вода од воздух, суперкомпјутери кои им помагаат на здравствените работници и уште многу други кои дојдени во Лас Вегас да ги претстават своите производи пред огромната публика.
За ова повеќе детали во опширната анализа за настанот, а во меѓувреме ве оставаме да доживеете дел од впечатоците преку фотографиите од настанот.