0 коментари 4 мин. читање

Како помина Socialize 2025?

На 24-ти април во Александар Палас за прв пат се одржа дигиталниот креативен фестивал Socialize. Настанот беше повеќе од само конференција, присуствуваа бројни професионалци од земјава и регионот, се одржаа четири панел дискусии и четиринаесет презентации, се доделуваа награди во десет категории, а настанот заврши со малку музика и коктел забава.

Socialize ги собра највлијателните професионалци од областа на социјалните медиуми, дигиталниот маркетинг и технологиите.

Photo credits: Socialize 2025

Настанот започна со анализа и статиститка за маркетинг агенциите во Македонија, колку ги има на број, колкав приход остваруваат, колкава е просечната плата и слични други бројки. Информација која што може да се издвои од презентацијата е тоа што според статистиките просечната плата во дејноста на маркетингот за 2023 е околу 28,000 денари. Извор на информациите е Бизнис Мрежа, а презентер беше Огнен Огненовски.

Првиот панел беше за тоа каква е реалноста, потенцијалот и предизвиците на маркетинг агенциите од една страна и клиентите од друга страна во Македонија. Модератор на овој настан беше Огнен Огненовски, а панелисти беа Полексена Јанкуловска, Ненад Ристовски, Александра Илиевски и Владимир Ристевски.

Следно на агендата беше презентацијата од страна на софтверскиот инженер Дарко Ефремов, како претставник од иницијативата Support Kocani. Дарко преезнтираше како 30-тина млади луѓе создадоа веб-страница и покренаа иницијатива прека која собраа околу пола милион евра за настраданите од трагичниот пожар во кочанската дискотека Пулс. Откако заврши презентацијата, Дарко беше поздравен со стоечки аплауз од публиката.

Настанот продолжи со презентација фокусирана на постовите на LinkedIn од страна на Јасмин Алиќ. Потоа, продолжи Марија Мешкова (Zenfluent Maria) со презентација за тоа како да се креира квалитетна содржина.

Вториот панел беше за разликата помеѓу инфлуенсери наспроти креатори на содржина. Модератори на овој панел беа Марко Марк и Кристина Кочевска. Додека пак, панелисти беа Бранко Огњановски, Николина Славковска, Филип Поповски, Гордан Миленковски.

Photo credits: Socialize 2025

Следната презентација беше од страна на Каидо Кук (IUTE Estonia) за тоа како иновацијата може да прерасне во моќна бизнис алатка. Третиот панел продолжи на иста тема, модератор беше професорот Димитар Јовевски, а панелисти беа: Биљана Мишиќ, Роберт Тодоровски, Бобан Милосавлески.

Последната презентација пред ручекот беше од страна на Марко Анѓелковиќ и Ивана Томовиќ од Smartpoint Adria. Темата на оваа презентација беше како да се направи вирално TikTok видео и колкаво влијание имаат виралните TikTok видеа.

Првиот панел после ручекот беше за тоа колку добриот UX и квалитетната содржина е важна важна за зголемување на продажбата кај Saas компаниите. Модератот на овој панел беше Александар Јакимовски, а единствен панелист беше Милан Савов од Smartclick.

Следна беше презентацијата на енергичниот Никола Велковски од HeyReach. Тој во 15-тина минути презентираше како HeyReach успеа да достигне од 0 до 4.5 милиони долари ARR за само 21 месец.

Не може да има конференција во дигиталниот свет во 2025 година без да се спомне AI. Па така, следната презентација беше посветена на влијанието на AI и какви емоции креира AI. Презентер беше Марина Трајковиќ од The Coca-Cola Company.

Photo credits: Socialize 2025

Следна презентација беше за важноста на визијата на еден бренд. Коста Петров преку реални примери презентираше колку е важно еден бренд да се држи до својата визија и верување.

Четвртиот панел беше на мошне интересна тема, се зборуваше за законската регулација на инфлуенсерите. Модератор беше Ели Пешева, а панелисти беа Сашо Пешев, Владимир Ѓорѓиески, Викторија Лоба, Ксенија Николова.

Следно на агендата беше презентацијата на девојката која стана популарна благодарение на својот талент да зборува десетина различни јазици. Теона Сима или попозната како thelanguageblondie зборуваше за тоа како сосема непланирано дојде до огромна популарност. Исто така, нагласи дека најважно за да се биде гледан и популарен на социјалните мрежи е да се биде автентичен, природен и свој.

Photo credits: Socialize 2025

И тоа не е сѐ. Следно на агендата беше презентацијата на Един Халиловиќ од Lilium, а тој зборуваше за тоа како да се извадат најдобри резултати со оптимизиран буџет.

Претпоследната презентација беше за тоа како инфлуенсерите влијаат врз зголемување на продажбата, а презентер беше Д-р Ирена Богоевска-Гаврилова.

Последната презентација беше претприемичка, Никола Соколов презентираше како го има изградено influencers.club од 0 до глобален бренд, без VC пари.

На крај се доделуваа награди во 10 различни категории, плус организаторот додели награда во посебна категорија “Дигитална хуманост” на иницијативата Support Kocani.

 

Напишано од

Љубомир Давитков е автор соработник на IT.mk, софтверски инженер, а во слободно време пишува tech блогови и вежба карате.

Мени
Заедница
Изглед
To top