SEO Вистинско, како да и што не [колумна]

Текстот е колумна во која се изразени личните ставови на авторот. Пренесен е во оригинал со цел задржување на автентичноста, стилот и тонот на комуникација на авторот.

SEO или Search Engine Optimization, во буквален превод „оптимизација за пребарувачи“ е процес при кој се подобрува веб сајтот за…. всушност, знаете што, не!

Нема да започнеме така со општо познати сувопарни дефиниции, кои со многу зборови, најчесто повторени на милион места, кажуваат многу теорија, редослед на задачи и очекувани резултати, а сепак со нивна слепа примена скоро ништо нема да постигнете. Знаете зошто? Зошто на „врвот“ (првите места на страниците со резултати на пребарувачот) има место само за многу малку, оние кои што навистина разбираат што е тоа „вистинско SEO“.

Ајдее, вистинско SEO, што е пак сега тоа?

Вистинското SEO  е уметност. Тоа е многу повеќе од броење на карактери во насловите и поднасловите на текстовите, броење на клучни зборови и формули каде истите да ги сместите. Многу повеќе од само пишување на илјадници зборови, само затоа што некој таму некаде рекол дека долгите текстови се подобри и гарантираат повисоко место во резултатите при пребарување. Многу повеќе од само да ставите генерички наслови и ALT тагови на сликите или да трупате линкови (внатрешни и надворешни) во секој втор ред само затоа што, нели, со сигурност знаете дека колку повеќе линкови, толку подобро рангирање. SEO не е ниту купувањето на илјадници линкови од сомнителни мрежи со блогови и сајтови кои некој ги продава, само за да ви го „збогати“ линк портфолиото, кое нели, погодувате, сигурно ќе ви обезбеди место, ако не на прва позиција, тогаш сигурно на прва страна (вам, и на сите други на кои им е понудено тоа истото, нели?). 

Вистинското SEO е една прекрасна комбинација на технологија, креативност, натпреварувачки дух и бескрајна борба со милиони други со кои во исто време се натпреварувате пред судијата наречен – Неговото величество интернет пребарувач. Тој/таа/тоа/тие, како сакате ословете го, ги следи сите ваши креации, технички нагодувања, напишани и креирани содржини, ги споредува со сопствениот систем на вредности (од кои дел е јавно достапен во форма на насоки при оптимизација, а поголемиот е скриен и се нарекува невидлива, проклето долга, листа на сигнали)  кои ги бара во она што го нудите и врз основа на тоа ве рангира вас и сите други кои сакаат да бидат дел од неговата листа со резултати, стручно наречена SERP (Search Engine Results Page)

Ама и ова многу филозофски и теоретски звучи, дајте нешто конкретно.

Во ред, во ред, се согласувам, сепак морав малку да споделам дел од сопствената филозофија во врска со она што со деценија и повеќе веќе го работам. 

Да се вратиме на практичното. Што треба еден SEO специјалист да знае, на што да се фокусира, како и тоа што треба самиот да сработи, а што да делегира.

Ова последното е посебно важно. Затоа кога во некој оглас ќе видите дека бараат SEO специјалист кој треба професионално да знае Photoshop, да монтира видео, одлично да пишува текстови, додека е копирајтер, а во слободно време да анализира извештаи и логови од сервер додека молерисува ѕидови и чисти тастатури, мој совет е на таа позиција да пристапите со огромна доза на резервираност.

Добро, но што треба да знае и што конкретно да работи?

Најпрвин треба да го разбира и секојдневно да се надградува за она основното, а тоа е како работат пребарувачите (нивните алгоритми, измени и чести надградби на истите) и што бараат од една веб страница или цел сајт да биде рангиран добро кај нив. 

Треба да го говори јазикот на развивачите на софтвер попознати како девелопери, да створи врска со нив и наместо да се доживуваат како конкуренција и со потценување да гледаат еден на друг на тоа што го прават, да работат заедно и колку што е возможно уште во раната фаза на креирање на самото веб претставување, девелоперот да ги вметне најголем дел од препораките за т.н. Technical SEO или техничко SEO. Со ова се заштедува време и нема потреба комплетното веб решение прво да се развива, па потоа да се оптимизира. 

Истото се однесува и на врската со тимот кој ја работи визуелната презентација. Еден час инструкции и колегијален состанок, можат да заштедат стотици часови конвертирање и оптимизирање на фотографии или нивни тагови, описи и наслови. 

Но она што посебно треба да го знае и да го разбира SEO специјалистот е содржината.

Кога велиме содржина, мислиме буквално на сето она што е на сајтот. Од описите и претставувањата на услугите и производите,  преку оние задолжителни страници за компанијата, тимот и разните полиси и политики, па се до блог постовите, страниците за помош и поддршка и сите други сегменти кои редовно треба да се надополнуваат со нови содржини. Иако SEO специјалистот не мора да е и креатор на содржини, неговата улога во откривањето на релевантните клучни зборови, асистенцијата при конструирање на текстовите со користење на вистински формат на поднаслови и наслов, внатрешни и надворешни линкови и нивниот сооднос е од круцијална важност кога станува збор за SEO оптимизирана содржина. 

Следно што треба да прави и на што треба да внимава SEO специјалистот се врските или популарните линкови.

Погоре рековме дека воопшто не е важен квантитетот колку што е квалитетот и контекстот каде истите се наоѓаат. Еден квалитетен линк кој доаѓа од релевантен извор кој е високо рангиран и препознаен како авторитетен во очите на пребарувачот ќе донесе повеќе корист  од стотици бескорисни кои што на долги патеки ќе штетат. И да се разбереме, линкови не се купуваат, линкови се заработуваат. Линкови се добиваат со креирање на квалитетни содржини на вашата или друга платформа, кои ќе бидат цитирани и споменувани, кои ќе бидат споделувани и ќе носат т.н. органски сообраќај и природно ќе градат едно здраво линк портфолио.

И не се срамете да погледнете како работи конкуренцијата. Разгледајте ги сајтовите и видете зошто за вашиот омилен клучен збор, на вашиот пазар токму страницата на конкурентниот сајт е подобро рангирана. И не, тоа не е крадење, никој не предлага да ископирате нечија содржина, не дај боже, или слично, но можеби нивниот пристап во даден сегмент е подобар од вашиот. За тоа не се доволни само алатките, кои барем денес ги има во голем број, не е доволна ни вештачката интелигенција (за неа во друга прилика), потребно е и тренирано око кое може да види преку основниот визуелен дел, па и зад кодот кој е достапен со еден десен клик. Да ја види структурата, логиката, начинот на кој нешто е направено.

Photo by Negative Space: https://www.pexels.com/photo/macbook-pro-on-brown-table-139387/

И на крај, една од најомилените задачи на многу SEO-специјалисти, меѓу кои и на потписникот на овие редови – aналитиката. Тоа е вашата најмоќна алатка. Со внимателно читање на резултати, на нивно сегментирање, вкрстување и опсежна анализа ќе научите многу за вашето дигитално чедо и како тоа се справува во бескрајното игралиште каде што постојано е во некој натпревар и соочување. Погрешно е само да ги следите посетите и продажбите, треба да го следите и времето кое е поминато на некоја страница, патот како е стигнато до него и тоа дали после некои чекори посетителот едноставно се откажува поради некоја причина. Треба да ги видите најдобрите и најлошите страници, да видите што треба и каде да се промени, за и вие да имате достојни „коњи за трка“.

И вака можеме до задутре, но време е некаде да запреме. Се надевам дека сето ова погоре ви се виде интересно за читање, а во иднина ветувам дека на оваа веб дестинација ќе се дружиме многу често со многу конкретни статии и туторијали, интервјуа од прва рака со едни од најдобрите во индустријата како и и совети и трикови кои се насобрале во текот на работењето и кои со задоволство ќе ги споделам со вас.

А да, и да не заборавам, на самиот крај (сега навистина :) ) , ако SEO-то го правите лесно, веднаш има резултати, тогаш застанете и преиспитајте се, нешто не е во ред. Процесот на оптимизација, мислам на оној вистинскиот, е процес кој никогаш не престанува, резултатите се добиваат со многу работа, но нема ништо поубаво кога во еден момент ќе се најдете веднаш под платените реклами, слики и видеа од пребарувачот, знаете на она што е свет грал во SEO – првата позиција на интернет пребарувачот.

До читање, почитувани колеги и SEO ентузијасти со бел шешир на главата. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
1 Коментар
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
Дејан
Дејан
1 year ago

Гоце, текстот е добро интро за SEO, па се надевам ќе продолжиш со колумни на сајтот. Би сакал да прочитам нешто повеќе од тебе на темата Search Intent и како различни типови на сајтови да пристапат за да дадат релевантни информации за тоа што го бара крајниот корисник но и пребарувачот. Поздрав и секое добро