Од Facebook, Тwitter, Instagram, Pinterest и имејл до игри, фитнес и финансиски апликации, видео, музика до Skype, Whatsapp и Viber… Нов извештај го дефинира „мобилниот зависник“ како корисник кој дневно над 60 пати стартува апликации на својот мобилен телефон. Такви корисници, вели фирмата за мобилна аналитика Flurry, има околу 170 милиони во светот, што е над 123 отсто пораст од истиот период лани. За споредба, просечен корисник користи 16 апликации на ден. Прашањето е само во која група корисници припаѓате вие?
Најголемите зависници се тинејџерите, студентите и родителите на средна возраст. Интересно, 52 отсто од зависниците се жени, односно има 15 милиони повеќе зависнички од мажите. Поголем дел од жените-зависници, или супер-кориснички на апликации, се мајки, кориснички поврзани со образование, гејмери и спортските фанови. Кај мажите, најголеми зависници се автомобилските ентузијасти, родителите и едукаторите, гејмерите и купувачите преку каталог.
Оваа анализа, велат аналитичарите, е важна бидејќи покажува на што треба да се фокусираат новите преносни уреди, како паметните часовници и алки, кои форсираат фитнес и апликации за здравје, кои и не се баш користени од супер-корисниците што се постојано со својот уред.
„Анализата покажува дека мобилните зависници треба да го отсликаат идното користење на преносните уреди [паметни часовници и алки], за какви апликации им се важни и искуствата кои ги имаат од нив. До денес, многу апликации за преносните уреди се за фитнес и здравје, но ако размислуваме што е следно, треба програмерите да размислуваат за други искуства што ги бараат корисниците кои се поврзани цело време…. Овие мобилни зависници веќе ги носат своите уреди 24 часа, седум дена во годината“, вели Flyrry.









